Шампионското дуо на Ферари
Едно од најголемите изненадувања за 2014 сезоната го приреди Ферари, каде се решија да не го продолжат договорот на Фелипе Маса, а на негово место го донесоа Кими Раиконен. Со тоа ја прекршија својота традиција да имаат 1 и 2 возач. Шампионското дуо очекуваат да им донесе подобри шанси, ако не друго за Титулата во конструктори. Бразилецот премина во Вилијамс Ф1.Во продолжение следат потврдените и најверојатни гласини за возачите постави, тим по тим:
Ред Бул - Себастијан Ветел(потврден) и Даниел Рикиардо(потврден)
Тимот се води од мотото стабилност - клуч за успех. Тие заслужено се горди на стабилноста во екипираноста од највисоки позиции до најниски. Оваа година, на Марк Вебер, малку ја поремети оваа ситуација, најповеќе како последица од Мулти 21 наредбата, и реши предвреме да објави дека нема да вози за тимот во следната сезона. Иако во прво време како да беа малку затекнати од оваа одлука реагираа правовремено и потпишаа договор со Даниел Рикиардо, кој го засени Жан-Ерик Верн во вториот тим на Матешиц. Стабилноста беше повторно воспоставена.
Ферари - Фернандо Алонсо(потврден) и Кими Раиконен(потврден)
Шпанецот веќе има повеќе-годишен договор, а од Ферари секогаш потврдуваат дека својата иднина и во наредните години ја планираат со него во тимот. Ферари, за разлика од минатата сезона кога во последен момент потпишаа нов договор со Фелипе Маса, кога стана јасно дека на пазарот на возачи стана достапен шампионски возач, тие се решија да не го продолжат договорот со Бразилецот, и потпишаа двегодишен договор со Кими Раиконен, создавајќи силно дуо за кое веруваат дека ќе ги врати во борбата за Титулите.
Мекларен - Џенсон Батон(потврден) и Кевин Магнусен(потврдено)
Мекларен е еден од најголемите губитници оваа сезона, но најавуваат дека полека тоа ќе се смени. Почнаа со потпишување договори на сите нивоа во тимот, а кај возачите го продолжија договорот со Ценсон Батон, и донесоа одлука за смена на Серџо Перез, кој не задоволил со своите возачки способности. Како негова замена ќе биде Кевин Магнусен кој имаше блескава шампионска сезона во Формула 3.5. Заминувањето на Мексиканецот ќе ја пролонгира и објавата за новиот главен спонзор, по напуштањето на Водафон.
Лотус - Роман Грожан(потврден) и Пастор Малдонадо(потврден)
Лотус со многу финансиски проблеми кои никако да ги решат. Како последица на таа состојба го загубија Кими Раиконен, кој го крена имиџот на тимот во последните две сезони. Неисплатените финансиски обврски кон Финецот, доведоа да го загубат на две трки пред крајот на сезоната, кога тој место на САД ГП-то замина на операција на грбот во Австрија. Континуитетот за следната сезона ќе го имаат со Роман Грожан, кој неочекувано доби шанса да биде лидер во тимот. Без Кими Раиконен, Лотус Ф1 веќе нема да биде истиот тим. Долгоочекуваниот финансиски прилив од Квантум Мотоспорт никако да се реализира, па беа принудени да потпишат со Пастор Малдонадо и неговите 20 милиони долари, што секако е краткорочно решение.
Мерцедес АМГ - Луис Хамилтон(потврден) и Нико Розбeрг(потврден)
Тимот веќе минатата година го обезбеди возачкото дуо за подолг временски период. Неочекувано за многумина, но кога се има брз болид, резултатите не недостасуваат, па така Хамилтон веќе во првата сезона за тимот забележа Победа. Во сезоната кога требаше да биде подготвителна покажаа голема брзина, а од Хамилтон и Розберг се очекуваат големи трки во идната сезона.
Заубер - Перез(непотврден) и Сергеј Сироткин(непотврден)
Заубер се соочува со големи финансиски проблеми, а спасот го гледаат во Рускиот капитал, при што услов е Сергеј Сироткин, кој се уште нема Ф1 супер лиценца, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите со него. Како што стојат работите, текот на настаните е сличен на тимот на Лотус т.е. Рускиот капитал никако да влезе во тимот. За возачките места остануваат многу малку кандидати, ништо не е сигурно со Естебан Гутиерез, Серџо Перез.
Форс Индија - Нико Хулкенберг(потврден)
На одговорните во Форс Индија како да им станува традиција да ги именуваат своите возачи по истекот на сезоната. Постојат неколку причини, вклучувајќи можни договори на возачите со останатите тимови и изобилството на платеници на пазарот. Тимот нема некоја стабилна финансиска конструкција, па затоа не се брзаат со својата одлука. Со намалување на бројот на возачки места во другите тимови, шансите за договори се зголемуваат. Некои од кандидатите се Адријан Сутил, Серџо Перез. Шпекулациите се потврдија и денес 3. 12. 2013 Форс Индија официјално го потврди Нико Хулкенберг како еден од возачите на овој тим за сезоната 2014.
Вилијамс - Фелипе Маса(потврден) и Валтери Ботас(потврден)
Од Вилијамс заминува Пастор Малдонадо, а на негово место доаѓа искусниот Фелипе Маса. Валтери Ботас ќе биде талентот кој треба да се кали.
Торо Росо - Дањил Квјат(потврден) и Жан-Ерик Верн(потврден)
Даниел Рикиардо е замената на Вебер во Ред Бул, а ослободеното возачко место беше пополнето со Дањил Квјат, кој дојде од Ред Бул младинската возачка академија. Првиот фаворит Антонио Феликс да Коста, беше изоставен во последен момент, а Матешиц се реши за сиров талент, кој многу подобро ги задоволил неговите вкусови како треба да вози еден млад талент. Жан-Ерик Верн ја добива улогата да биде предводник на овој тим.
Катерам - Чарлс Пик(непотврден) и Гидо ван дер Гард(непотврден)
Во двата најслаби тимови возачките посади ќе бидат потврдени откако ќе завршат сите поместувања на пазарот на возачи.
Марусија - Жил Бјанки(тековен договор) и Макс Чилтон(непотврден)