Денес во Лондон и официјално е презентиран новиот "дрес" на FW36 во боите на новиот главен спонзор на Вилијамс тимот - MARTINI®. Легендарните, но малку позаборавени ленти во три бои ќе доминираат на болидот, одбележувајќи нова ера за тимот и враќањето во Формула 1 на еден историски бренд.
Вилијамс Ф1 во текот на зимската пауза претрпе некои значајни промени во рамките на подготовките за 2014 сезона. Вилијамс Мартини Рејсинг, новото целосно име на тимот, се засили со Фелипе Маса, Мерцедес како снабдувач со ПЕ, како и поголем број на нови членови на тимот,од кој најпознат е Пат Сајмонд. Комерцијално, тимот го подржаа голем број на нови партнери, кои овозможија финансиска стабилност, но најважно услови за непречен развој кон напред.
Нов изглед на FW36 за прв пат ќе го видиме на патеката во Алберт Парк во Мелбурн, Австралија, веќе следната недела, на почетокот од 2014 сезоната, за која се предвидува да биде една од најнепредвидливите сезони во поновата историја по бројните промени во техничките правила.
Сер Френк Вилијамс, основач и тимски шеф, рече:
"2014-та ќе биде фасцинантна сезона, со толку промени во правилата, со што се создадоа можности за тимовите да направат голем чекор напред. Во текот на зимата ние ја докажавме нашата амбиција, со голем број на позитивни промени. Во MARTINI имаме бренд кој ја делиме страста за моторни трки и освојување на титули. Ова партнерство е пресвртница во нашата историја и ние со нетрпение ја очекуваме нашата соработка во текот на следните години."Пет Сајмондс, главниот технички директор, рече:
"FW36 е кулминација на голем проект за да се дизајнира и изгради многу поразличен болид од минатите сезони. Имаме револуционерна ПЕ, која е резултат на соработката со новиот технички партнер, Мерцедес-Бенц. Новите прописи бараат комплетирање на 300 километри од трката со само 100кг гориво, а тоа бара 30% поефикасни ПЕ од минатата година. Тестирањето не помина без тешкотии, но сесиите беа успешни за нас во смисла на издржливост, тркачко темпо и квалификациски перформанси. Во Австралија одиме подготвени за почеток на она што ние се надеваме дека ќе биде позитивна сезона за Вилијамс Мартини Рејсинг."