Денешниот ден во Монако започна со саботниот тренинг, на кој повторно Мерцедес АМГ со Луис Хамилтон го имаше најбрзото време. Во негова близина беа Даниел Рикиардо со Ред Бул и неговиот тимски колега Нико Розберг. Тоа беа и фаворитите за освојување на Пол позицијата.
Пирели за овој викенд ги донесе најмеките смеши од својата палета, црвените – супер-меки и жолтите – меки гуми. Возачите се жалеа дека супер-меките гуми не се загреваат доволно брзо, а тоа се одразува на постигнатите времиња, а друга варијабла која во Монако е секогаш од големо значење е да се извози чист круг без многу сообраќај на патеката.
Во Q1 први на патеката излегоа болидите на Мерцедес АМГ со меки гуми и веќе по неколку кругови ги имаа најбрзите времиња. Уште болидите на Ред Бул можеа да постават добри времиња на меките гуми, но останатите тимови мораа да променат на супер-меки гуми за да бидат сигурни дека нема да се случи изненадување и да испаднат веќе во оваа сесија.
На крај очекувано, квалификациите беа завршени за најбавните ф1 тимови оваа сезона: Заубер, Марусија, Катерам. Дањил Квјат, кој за прв пат вози на оваа улична патека, имаше блиска средба со бариерите, но успеа да се извлече без посериозни последици. Фелипа Маса повторно малерозен, при крајот на сесијата на него налета Маркус Ериксон, неговиот болид застана на патеката и иако се пласираше во Q2 сесијата неговите механичари не успеаа да го подготват за понатамошна борба.
Сите болиди ја започнаа Q2 сесијата на меки гуми, што е разбирливо, бидејќи оваа сезона трката се стартува на гумите со кои се постигнати најбрзите времиња во овој период од квалификациите. Повторно доминатно двете најбрзи времиња за болидите на Мерцедес АМГ, Хамилтон пред Розберг. Без поголема драма во Q2 сесијата на која елиминирани беа Нико Хулкенберг, Џенсон Батон, Валтери Ботас, Роман Грожан, Пастор Малдонадо и Фелипе Маса.
Q3 пресметката започна со Серџо Перез на патеката, следен од двата болиди на Ферари. Првото време го забележа Кими Раиконен со Ф14 Т, но веднаш беше победен од Жан-Ерик Верн со Торо Росо. Фернандо Алонсо по првиот свој брз круг со најбрзото време на табелата, но за кратко, бидејќи беше симнат од Даниел Рикиардо. Пласманот си дојде на свое место, кога Мерцедесите ги завршија своите кругови, Нико Рзоберг за само 0.069 сек. побрз од Луис Хамилтон.
По промената на гуми, возачите ги започнаа своите втори обиди за поставување на најбрзото време и освојување на првата стартна позиција. Прв на патеката повторно беше Серџо Перез, а последни Розберг и Хамилтон. Единствено, Кими Раиконен со подобро време во својот втор обид, но доволно само за 6-тата стартна позиција.
Нико Розберг направи грешка и излезе надвор од патека при Mirabeu свиокот, едно од двете места каде возачите може да си дозволат такво нешто. Во меѓувреме Рикиардо не го подобри своето време, а поради развеаните жолти знамиња Хамилтон мораше да намали, што значеше дека Нико Розберг со своето излетување си ја обезбеди Пол позицијата.
Останува прашањето дали ова беше чиста среќа или добро осмислен потег на Германецот. На прес конференцијата Луис Хамилтон рече дека нема коментар за оваа ситуација, а Нико Розберг му се извини неколку пати, но не проговорија ни еден збор гледајќи се очи во очи.
Добитната позиција за Победа на утрешната трка ја има Нико Розберг, што би било добро за промена. Стартот е закажан за 14:00 CET/MK. Трката се вози долги 78 круга и се е возможно доколку во игра се замеша и безбедносното возило. Во сите останати варијанти ќе гледаме сигурна Победа на Мерцедес АМГ.



П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:15.989
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:16.048 + 0.059
3. Даниел Рикиардо Ред Бул Рено 1:16.384 + 0.395
4. Себастијан Ветел Ред Бул 1:16.547 + 0.558
5. Фернандо Алонсо Ферари 1:16.686 + 0.697
6. Кими Раиконен Ферари 1:17.389 + 1.400
7. Жан-Ерик Верн Торо Росо 1:17.540 + 1.551
8. Кевин Магнусен Мекларен 1:17.555 + 1.566
9. Дањил Квјат Торо Росо 1:18.090 + 2.101
10. Серџо Перез Форс Индија 1:18.327 + 2.338
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:16.354
11. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:17.846 + 1.492
12. Џенсон Батон Мекларен 1:17.988 + 1.634
13. Валтери Ботас Вилијамс 1:18.082 + 1.728
14. Роман Грожан Лотус 1:18.196 + 1.842
15. Пастор Малдонадо Лотус 1:18.356 + 2.002
16. Фелипе Маса Вилијамс без поставено време
Q1 Најбрзо време: Нико Розберг 1:16.682
17. Естебан Гутиерес Заубер 1:18.741 + 2.059
18. Адријан Сутил Заубер 1:18.745 + 2.063
19. Жил Бјанки Марусија 1:19.332 + 2.650
20. Макс Чилтон Марусија 1:19.928 + 3.246
21. Камуи Кобајаши Катерам 1:20.133 + 3.451
22. Маркус Ериксон Катерам 1:21.732 + 5.050
107% време: 1:22.985