Она што е навистина убаво за Спилберг е фактот дека патеката оди нагоре и надолу, што е голема забава за возачот. Слаба страна е што главните области на сопирање се на нагорнина, што го прави претекнувањето особено тешко, а како помош возачите ќе имаат две ДРС зони. Првата точка на детекција е 360 метри пред свиокот 2, со место на активирање 85 по истиот свиок број два. Втората точка на детекција е 10 метри по осмиот свиок со место на активирање 110 метри по 9-от свиок.
Тоа е спој на брзи правци и бавни и средно брзи свиоци, од 9-те свиоци само првите три се земаат со мала брзина. Времето потребно да се комплетира еден круг се очекува да биде под 70 секунди. Во 2003 година, Михаел Шумахер, победи со просечна брзина од 213км/ч. Архивските податоци на тимовите ќе имаат мало значење за овој викенд, бидејќи Ф1 тимовите за прв пат ги носат своите 1,6-литарски, хибридни, турбо 2014 болиди на оваа патека. Тие може да се надеваат дека нивните компјутерски симулации ќе се покажат точни. За се да функционира беспрекорно тимовите имаат три тренинзи.
Пирели веќе трета последователна трка ги носи своите најмеки смеши т.е. меките и супер-меки гуми, истата номинација од Монте Карло и Канада. Но, Ред Бул Ринг е со многу поразличен карактер, со два главни правци и најчесто остри свиоци. Како резултат на тоа, просечната брзина е релативно ниска, што значи дека болидите ќе мора повеќе да се потпираат на механичкиот грип од гумите, од колку на аеродинамичната потисна сила. Сепак, нова патека и чекор во непознато за тимовите и возачите.
Една од варијаблите од кои ќе зависи стратегијата и подесувањето на болидите ќе биде времето, кое е доста непредвидливо. Во овој период од годината температурите во регионот на Стирија се околу 22-от степен, со висок ризик од дожд. Пирели при нормални временски услови како најдобра стратегија прогнозира две застанувања во боксовите, старт на супер-меки гуми, па два стинта на меки.
Даниел Рикиардо на последната трка во Канада ја забележа својата незаборавна прва Ф1 Победа, искористувајќи ги проблемите на доминантниот тим на Мерцедес АМГ. Резултатот беше голем чекор напред за Австрискиот тим на Ред Бул и тоа е дополнителен подстрек за нив пред трката на својата домашна патека. Во генералниот пласман на возачи, второто место на Нико Розберг во Монтреал му донесе зголемување на неговата предност пред својот тимски колега на 22 поени. Британецот не успеа да ја заврши трката, па на Ред Бул Ринг ќе даде се од себе да се врати во "живот".
На крај една анегдота поврзана за Австриското ГП: Во старите Ф1 денови сточарите од овој регион се бунеле дека поради големата бучава на Ф1 болидите нивните крави престанувале да даваат млеко на една недела. Се прашуваме како би реагирале на бучавата од овогодинешните турбо хибридни болиди. Да се надеваме дека нема ни да ги забележат :).
Оптоварување на составните делови на погонската единица
Мотор | 4 |
MGU-K | 2 |
MGU-H | 4 |
Акумулатор | 3 |
Потрошувачка на гориво | 3 |
ERS-систем | 4 |