ФИА во официјално соопштение вели дека Жил Бјанки претрпел тешка повреда на главата и е во процес на операција по неговиот инцидент на Јапонското Гран При. Возачот на Марусија Ф1 излета надвор од патеката во 43 круг од трката, кратко време по излетувањето на Адријан Сутил на истиот Dunlop свиок. Болидот на Заубер заврши во бариерите, а додека тој беше извлекуван со кранот за подигање на болиди, во него удри Жил Бјанки со болидот на Марусија. ФИА потврди дека имало двојни жолти знамиња по несреќата на Сутил како предупредување за возачите.
Откако беше отстранет од болидот, тој бил однесен во Медицинскиот центар на патеката, за потоа да се транспортира до најблиската Општа болница со возило на брза помош. Тој цело време бил во несвест.
Во соопштението издадено од страна на раководното тело за моторни трки се вели: "Направените скенирања покажуваат дека тој доживел тешка повреда на главата и во моментов се наоѓа во операциона сала. По тоа, тој ќе биде префрлен на одделот за интензивна нега, каде што ќе биде следена неговата состојба. Општата болница ќе издаде дополнување на ова соопштение кога ќе бидат достапни дополнителни информации."
UPDATE: Операцијата е завршена, Бјанки се наоѓа на интензивна нега, добра вест е дека самостојно дише, а следните 24 часа се критични...
UPDATE 06.10.2014, Официјално соопштение од Марусија Ф1: "По инцидентот на Жил Бјанки во текот на вчерашното 2014 Јапонско ГП на патеката Сузука, Марусија Ф1 тимот би сакал да се заблагодари за огромниот наплив на поддршка и загриженост за Жил и тимот во ова тешко време."
"Во однос на информациите во врска со здравствената состојба на Жил, ние ќе ја почитуваме и ќе бидеме водени од страна на желбите на семејството Бјанки. Заедно со грижата за Жил, тие ќе останат наш највисок приоритет."
"Затоа, ние бараме трпение и разбирање во однос на понатамошните медицински извештаи, кои ќе бидат објавувани во корелација со Медицинскиот центар "Мие" во Јокаичи, каде што се лекува Жил.
Претставници на Марусија Ф1 и Ферари ќе останат во болницата за поддршка на Жил и семејството Бјанки."
UPDATE 07.10.2014: Следнава изјава е обезбедена од страна на семејството на Жил Бјанки, во корелација со "Мие" медицински центар, а се дистрибуира во нивно име од страна на Марусија Ф1.
"Ова е многу тежок период за нашето семејство, но пораките за поддршка и наклонетост кон Жил од целиот свет се голема утеха за нас. Ние би сакале да ја изразиме нашата искрена благодарност.
Жил останува во Одделението за интензивна нега на медицински центар во Јокаичи. Тој доживеа "diffuse axonal injury"(ако некој се разбира од медицината може да каже што поточно значи ова) и е во критична, но стабилна состојба. Медицинскиот персонал во болницата го обезбедува најдобриот третман и грижа и ние сме благодарни за се она што тие го направија за Жил по неговата несреќа.
Ние сме, исто така, благодарни за присуството на професорот Gerard Saillant, претседателот на медицинската комисија на ФИА, и професорот Alessandro Frati, неврохирург од Ла Сапиенца Универзитетот во Рим, кој допатува во Јапонија по барање на Ферари. Тие пристигнаа денес во болницата и се сретнаа со медицинскиот персонал одговорен за третманот на Жил, со цел да бидат целосно информирани за неговиот клинички статус, како би биле способни да го советуваат семејството. Професорите Saillant и Frati ја потенцираа одличната грижа обезбедена од страна на "Мие" медицинскиот центар и би сакале да се заблагодарат на нивните јапонски колеги.
Болницата ќе продолжи да го следи и третира Жил и дополнителни медицински извештаи ќе бидат обезбедени во соодветно време.
UPDATE 30.10.2014: Семејството на Жил Бјанки со ново соопштение за здравствената состојба на Жил Бјанки, дистрибуирана во нивно име од страна на Марусија Ф1.
"Во недела се навршуваат четири недели од трагичната несреќата на Жил и тој останува во Општата Болница "Мие" во Јокаичи. Неговата состојба од страна на медицинските лица и понатаму се класифицира како критична, но стабилна. Иако немаме нови информации за споделување, ние оддаваме признание на огромниот број на луѓе во целиот свет, кои го поддржуваат Жил и му посакуваат се најдобро во неговата борба. Ние им должиме на неговите многубројни фанови, кои ни даваат драгоцена подршка, да обезбедиме некои информации, колку кратки и да бидат."
"Жил навистина продолжува да се бори. Иако имаше некои извештаи кои укажуваа на плановите за третман на Жил, во ова време неговата борба ќе продолжи тука во Јокаичи. Работите ќе се одвиваат чекор по чекор."
"Уште еднаш, ние би сакале да искажеме искрена благодарност за трпението и разбирањето кон нашето семејство во ова тешко време. Ние, исто така, продолжуваме да се тешиме со сознанието дека Жил ја добива најдобрата можна нега во Мие медицинскиот центар, каде лекарите остануваат во постојан контакт со неврохирурзите од Ла Сапиенца Универзитетот во Рим и професорот Saillant, претседател на лекарската комисија на ФИА."
"Ние ќе обезбедиме натамошни новости во соодветно време за тоа. Во меѓувреме, ви благодарам на сите кои продолжувате да го имаше Жил во своите мисли и молитви".
UPDATE 19.11.2014: Родителите на Жил Бјанки, Филип и Кристин, денес во официјално соопштение до неговите фанови и медиумите изнесоа најнови информации за неговата состојба.
"Речиси седум недели по несреќата на Жил на трката во Јапонија и по период на интензивна невролошка нега, во можност сме да објавиме дека Жил направи важен чекор. Тој повеќе не е во вештачки предизвикана кома во која беше ставен кратко време по несреќата, меѓутоа тој се уште е во несвест. Жил дише самостојно и неговите витални знаци се стабилни, но неговата состојба се уште се класифицира како "критична". Неговиот третман сега влегува во нова фаза на подобрување на функционирањето на неговиот мозок."
"Иако ситуацијата продолжува да биде сериозна, беше одлучено дека Жил е доволно стабилен за да биде вратен во родната Франција. Со олеснување може да потврдиме дека тој синоќа беше префрлен од Медицинскиот центар во Јапонија во Универзитетскиот болнички центар во Ница, каде што пристигна пред кратко време. Жил сега е во одделот за интензивна нега, каде што за неговото закрепнување се грижат професорите Raucoules и Ichai, како и од страна на професорот Paquis, шеф на службата за неврохирургија."
"Ние сме благодарни што оваа следна фаза од лекувањето на Жил може да продолжи блиску до неговиот дом, каде што може да биде опкружен и поддржан од страна на неговото пошироко семејство и пријателите. Ние може да кажеме само пофални зборови за извонредната грижа обезбедена од страна на "Мие" медицинскиот центар по несреќата. Ние им должиме огромна благодарност на медицинскиот персонал, за се што тие го направија за Жил, но, исто така и за нашето семејство, во многу тешко време за нас. Конкретно, ние би сакале да ја прошириме нашата благодарност и до докторите Камеи, Јамамичи и до г-дин Огура, сите дел од тимот што се грижеше за Жил во Јапонија."
UPDATE 30.12.2014: Родителите на Жил Бјанки, Филип и Кристин, со ново официјално соопштение со најнови информации за неговата состојба.
"На крајот на една тешка година за нашето семејство, сакавме да ја искористиме оваа можност да обезбедиме дополнително соопштение за медицинската состојба на Жил Бјанки, како наша должност за континуирани информации до неговите многубројни фанови. Значаен чекор за нас беше можноста да го донесеме Жил во Франција, каде ја продолжи неговата рехабилитација опкружен со своето семејство и пријателите. Тоа е многу важно за Жил и исто така и за нас."
"Од тоа време, Жил го доби најдоброто лекување во Одделението за интензивна нега на Универзитетскиот болнички центар во Ница, а сега е преместен во центарот за рехабилитација за овој вид на траума. Невролошкиот статус на Жил останува непроменет: тој е во несвест, но може да дише самостојно. Иако не постојат значајни информации за овој извештај, ние имаме голема утеха од фактот дека Жил продолжува да се бори, како што и очекувавме, што им овозможи на медицинските професионалци да започнат со планираната, но многу макотрпна, програма за рехабилитација."
"Ние би сакале да се заблагодариме уште еднаш за огромната топлина и нежност покажана кон нашиот син. Иако ова се тешки времиња за нашето семејство, фактот дека тој допрел во животите на многу луѓе низ целиот свет, ни помага полесно да го преживуваме овој период. Исто така би сакале да се заблагодариме на почитта и поддршката од страна на медиумите во однос на нашето семејство, за што сме многу благодарни. Ние ќе продолжиме да обезбедуваме информации, секогаш кога тоа ќе е можно да се направи."
ТАЖЕН ДЕН ЗА ФОРМУЛА 1, ЖИЛ БЈАНКИ СЕ БОРИ ЗА СВОЈОТ ЖИВОТ
10/05/2014 02:02:00 PM
0
Share to other apps