Денес главна вест на сите Формула 1 медиуми е дека Себастијан Ветел ќе го напушти Ред Бул на крајот на сезоната. Со четири Шампионски титули тој е на пат кон Ферари, Дањил Квјат ќе го замени во Ред Бул, а иднината на Фернандо Алонсо сеуште треба да се утврди. Во Маранело е во тек голема чистка од страна на Серџо Маркионе и Марко Матијачи. Иако Фернандо Алонсо речиси до минатата трка најавуваше дека неговата иднина е само со Ферари, тоа не било така.
Верувам дека Шпанецот беше искрен во овие изјави, но најверојатно по заминувањето на Лука ди Монтеземоло, тој го загуби статусот на возач врз кој се гради болидот на Ферари. Според Марко Матијачи нема место за многу сентименталности, болидот ќе го прават инженерите, а возачите ќе треба да го дадат сето свое умеење за што подобри резултати за тимот. На, Шпанецот тоа не му се допадна, па пред 2-3 месеци направил план кој според него се одвива како што посакува.
"Имам можност да правам што сакам и јас ќе го направам она што е најдоброто нешто за мене и за мојата кариера во моментов. Сакам да победувам, да бидам најдобар, шампион и да бидам среќен, сакам да имам добар живот. Се се движи во вистинската насока, но во овој момент се уште не е 100 отсто завршено."
"Што и да сакам да направам, ќе го направам тоа, во моментот кога ќе сакам да го направам тоа. Јас ќе се тркам на она место што го сакам. После тоа, другите може да бираат како ќе се движат нивните позиции. Знам што сакам да направам и јас ќе ви кажам кога ќе дојде време."
Многу самоуверено, но, дали е тоа така?!? Алонсо освен местото во Мекларен нема некоја за нас видлива опција да остане во Формула 1 и следната сезона, секако, работите гледани од надвор се сосема поинакви отколку од внатре. Ја знаеме бурната историја на Алонсо со Мекларен, но сега би се вратил како помудар човек отколку во 2007 година, а можеби и не толку темпераментен со оглед дека тоа речиси сигурно ќе биде неговата последна шанса да ја освои титулата. Клучот за успешно прилагодување во Мекларен е во рацете на Рон Денис, кој ако повторно се обиде да го притисне Алонсо, ако работите не одат така добро на патеката за време на првата година на враќањето на Хонда во Формула 1.
Она што е сигурно е дека неговиот однос со Ферари е доведен на многу ниско ниво, Ред Бул веднаш ја потврди својата возачка постава за 2015, потврдувајќи дека не им е потребен, а во Мерцедес АМГ се задоволни од својата возачка постава. Секако останува и опцијата Алонсо да остане дома во 2015 година, но и Бријаторе со Лотус-Мерцедес?!?
Додека Алонсо знаел што прави, Себ најверојатно не знаел и по сериозните изјави дека мисли само на Ред Бул, како македонски политичар, не му требаше многу време да се предомисли. Едно зборувај, друго прави... Иако нема ништо дефинитивно, неговата иднина, според Кристијан Хорнер, е Ферари. Се надевам дека не го излажал. Германецот сигурно паднал на идејата дека тој би можел да биде новиот Шумахер за Италијанскиот тим. Ферари е Формула 1, Формула 1 е Ферари, па ајде да го оправдаме потегот на Ветел. Ферари ќе му даде шанса да докаже дека е супер Ф1 возач, а не дека 4-те Шампионски Титули ги освоил како последица на тоа што се најде во вистинскиот тим во вистинско време.
"По 15 пријатни и успешни години со Ред Бул, решив да го напуштам тимот на крајот на оваа година. Се разбира, тоа беше голем чекор и тешка одлука. Шансата дадена да возам во Ф1, Првата победа со Торо Росо, четирите Титули и многу други прекрасни спомени ме врзуваат со Ред Бул и тоа за мене ќе остане еден вид на семејство. Никој не може да ги избрише тие поминати времиња."
"Сега се решив да направам следен чекор во мојата кариера, но, прво би сакал да изразам уште еднаш голема благодарност до Дитрих Матешиц, д-р Хелмут Марко, Кристијан Хорнер, целото Ред Бул семејство, Ред Бул Ф1 и Торо Росо. Би сакал да им се заблагодарам на сите во Ред Бул за нивната доверба во мене, како и големата поддршка во текот на последните години. Моите идни планови? Ќе има соопштение многу наскоро."
Најголемиот добитник во целата оваа ситуација е Дањил Квјат, младиот Руски дебитант, кој веќе по една сезона добива голема шанса во својата кариера. И нема да го има притисокот од јавноста дека треба да го замени Себастијан Ветел, бидејќи тоа ќе биде задача за Даниел Рикиардо!!!
ТЕКТОНСКО ПОМЕСТУВАЊЕ НА ПАЗАРОТ НА ВОЗАЧИ ЗА 2015 СЕЗОНАТА
10/04/2014 10:06:00 PM
0
Share to other apps