ФИА на брифинг со новинарите присутни во Сочи за покривање на Руското ГП, откри повеќе детали за околностите кои доведоа до ужасната несреќа на Жил Бјанки за време на Јапонското ГП. Чарли Вајтинг го коментираше видеото од камерата која го покрива свиокот со број 7 во Сузука, неколку минути пред излетувањето на Бјанки и судирот со помошното возило кое го расчистуваше болидот на Адријан Сутил.
На видео снимката, се гледаат болидите кои поминуваат низ долгиот лев свиок во завршните фази на Јапонското ГП. Како што се зголемува интензитетот на дождот, возачката линија има помалку вода, за разлика од надворешниот дел на свиокот каде што болидите не се движат.
Инцидентот започнува кога Адријан Сутил излегува надвор од возачката линија на делот кој има повеќе вода, губи контрола и се извртува надвор од патеката, завршувајќи во бариерите. Се започнува со извлекување на неговиот болид и маршалите мафтаат двојни жолти знамиња, кои значат дека има маршали на патеката и треба да се вози многу внимателно во тој дел од патеката.
Еден круг подоцна, при двојни жолти знамиња, Бјанки исто така влегува широко во свиокот и го има истиот проблем на Сутил на повлажниот дел од патеката. Но, за разлика од Сутил, Бјанки не се извртува, и тој се обидува да го корегира пролизгувањето, но тоа доведува да излета надвор од патеката право со предниот дел на болидот. Тој се движи по малку поинаква траекторија. Потскокнува при поминувањето низ чакалот и на крај се судира со помошното возило на кое што е закачен болидот на Сутил.
Според Вајтинг се уште не е можно да се каже точната брзина со која што Бјанки удира во помошното возило, бидејќи не се добиваат соодветни податоци од болидот, кога тој се движи низ чакал. ФИА може да се потпре само на ГПС податоците кои не може да се земаат како 100% веродостојни и не може да шпекулираме во оваа фаза од истрагата.
Траекторијата на движење на болидот на Бјанки значи дека дури и ако тој не би го погодил помошното возило, сè уште ќе имаше значителен судир во бариерите. Првичната анализа ја отфрлила можноста за механички дефекти на болдиот како причина за инцидентот.
По инцидентот, според Чарли Вајтинг, во ФИА ќе се обидат да најдат систем со кој тие би ја контролирале брзината на болидите кога има активни двојни жолти, наместо да се потпираат на возачите да го направат она што тие мислат дека е најдобро. Денес, тој имал состанок со сите шефови на Ф1 тимовите да разговараат за начините на воведувањето на ова веќе од следната 2015 сезона.
Тоа како решение кое би било воведено во иднина, а она што ФИА ќе направи веќе од неделната трка е дека ќе биде екстра внимателна во врска со тоа како би се решавале ситуациите каде што помошните возила се на патеката за извлекување на болидите.
ФИА СО ДЕТАЛИ ЗА НЕСРЕЌАТА НА ЖИЛ БЈАНКИ
10/10/2014 09:14:00 PM
0
Share to other apps