На прес конференција во Сочи одговорните лица на ФИА за Гран При трките, во присутво и на Жан Тод, одговорија на многуте прашања од присутните новинари, а ние ги издвојуваме одговорите на најмногу поставуваните прашања во текот на оваа недела во врска со несреќата на Жил Бјанки.
- Дали беше погрешно да се започне трката во 15:00 часот по локално време?
Имаше многу шпекулации дека тоа придонесе за несреќата на Бјанки, нешто со кое Чарли Вајтинг не се согласува: "Прво, времето за почеток на трката не е во надлежност на ФИА. Ние ги предупредивме дека доколку нема услови за одвивање на трката нема да започне и дека има голема веројатност дека нема да има трка. Организаторите на трката одговорија, НЕ, тие сакаа да продолжиме со 15:00 часот како почетно време. Но, за мене, времето на старт на трката е целосно небитно за инцидентот на Бјанки."
- Зошто ФИА не го внесе безбедносното возило по инцидентот на Адријан Сутил?
Вајтинг вели дека била почитувана стандардната процедура за такви случаи: "Ние сметавме дека инцидентот на Сутил може да се реши без користење на безбедносното возило, туку само со двојни жолти знамиња. Следната фаза е безбедносното возило, но, бидејќи болидот беше подалеку од патеката и до бариерите со гуми, тоа е нормална процедура за нас во такви услови. Ние не гледавме никаква потреба за безбедносното возило."
- Дали Бјанки забави доволно за жолтите знамиња?
"Ја знаеме брзината со која што тој излета надвор од патеката. Ги видовме податоците од сите болиди за нивната брзина во дадениот момент, некои забавија повеќе, некои помалку. За тоа колку забави Бјанки, јас мислам дека ние не треба да одиме во детали. Доволно е да се каже дека ние ги имаме податоците за тоа колку тој забави. Важно е дека тој забави, останатото е прашање во колкава мера."
- Дали маршалите имаа право кога мафтаа со зелено знаме по инцидентот?
"Тоа беше сосема точен сигнал, бидејќи тоа беше по делот на опструкција. Нешто што мора да се разбере е дека зеленото знаме не значи дека може веднаш да почнете да се тркате, бидејќи сте го виделе зеленото знаме, туку можете да започнете со нормална трка во моментот кога ќе го поминете зеленото знаме... исто е со жолтите знамиња. Ако го видите жолтото знаме, вие не мора да го почитувате се додека не поминете паралелно со него."
- Дали ФИА разбра со задоцнување колку е сериозен инцидентот на Жил Бјанки?
"Едноставно, болидот не беше видлив во прв момент. Првата помисла, гледајќи во екранот, кога го гледав помошното возило со болидот на Сутил е дека му е потребно многу време, дека тоа е непотребно подолг временски период отколку што очекував. Обично, маршалите во Сузука работат навистина брзо, навистина брзо. Тогаш тие јавија дека во помошното возило удрил болид...
"Јас реков, што сакате да кажете? Не можев да видам дека болид удри во него. Беше потребно време, да видиме од перспектива на останатите камери, да ја видиме позицијата на болидот на Бјанки. Не можеше да се забележи во каква сосотјба е возачот или дали е повреден некој од маршалите.
Првите прашања ни беа дали е повреден возачот? Дали е некој повреден? Кога дознавме ние веднаш ги испративме безбедносното и медицинското возило. Мојата проценка е дека задоцнивме само околу 20 секунди."
- Зошто Бјанки беше однесен во болница со брза помош?
Жан-Чарлс Пјет, главен медицински офицер на ФИА: "Пред почетокот на Гран При викендот за главна болница каде би се упатувале повредените возачи беше одреден Мие Медицинскиот центар, кој е на 15 километри од патеката, растојание кое би требало да биде поминато за 25 минути под нормални околности со хеликоптер. По инцидентот на Жил, главниот медицински офицер од хеликоптерот ми рече дека во тој момент може да се полета, но не може да слета во болницата. Нормално, ние одлучивме, да се користи возилото на брза помош за трансфер до болницата. Со полициска придружба, времетраењето на преносот беше 32 минути. Вишокот време беше само седум минути во текот на целиот трансфер. Жил беше набљудуван и тој пристигна во болницата во истата физиолошка состојба, како во моментот кога ја напуштивме патеката. Таа беше доста стабилна и немаше никаква разлика. Значи немаше никаква последица од тоа закаснување од 7 минути."
- Кој е следниот чекор?
Жан Тод: "Ние секако мора да извлечеме поуки од она што се случи и секако дека ќе научиме од она што се случи, бидејќи ние може да се соочиме со слична ваква ситуација повторно."
ФИА ОДГОВОРИ НА КЛУЧНИТЕ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ИНЦИДЕНТОТ НА ЖИЛ БЈАНКИ
10/10/2014 11:39:00 PM
0
Share to other apps