Жил Бјанки - Најзаслужниот за освоените 2 поени
Финансиите проблем на Андреј Чеглаков значеа крај за учеството на Марусија Ф1 тимот во Формула 1 Шампионатот на три трки пред крајот на 2014 сезоната. Марусија чија база е во Англија падна во стечај, при кој беше закажана аукција за продажба на сите нејзини средства. Но, планираната аукција беше откажана во јануари, што наговестуваше дека нејзините доверители имаат некаков план за спас, бидејќи тимот не ја изгуби својата лиценца за учество во 2015 сезоната.
Доверителите претставиле процесот на реструктуирање, со кој се овозможува план за продолжување на бизнисот и создавање прифатливо решение за тимот на подолг рок. Според Скај Спорт еден од клучните фактори за привлекување на нови инвеститори е потврдата дека тимот ќе ги добие своите пари од пласманот на 9-тото место во конструктори од минатата сезона во вредност од околу 30 милиони фунти, што ги преполовило нивните долгови.
Според нив Џон Бут и Греам Лоудон ќе го водат тимот, кој ќе се вика Марусија Манор, како што гласи во Ф1 лиценцата за 2015 сезоната и тие планираат да учествуваат во првата трка. Комисијата на ФИА за Формула 1 во четврток ќе решава за тоа дали ќе биде дозволено тие да го користат минатогодишниот болид. Марусија заврши на деветтото место во шампионатот на конструкторите, откако ги забележа своите први 2 поени на 2014 Монако ГП-то.