Сите се во исчекување на првата трка во Мелбурн, Австралија !!!
Пред сезонските тест сесии завршија, не очекува почетокот на новата сезона во Формула 1. Не очекува, ама прашање е дали ќе можеме да ја гледаме со официјални преноси во Македонија, на некоја од нашите телевизии. Сега за сега таква е состојбата, минатата година лидери во регионот со пренос веднаш од првата трка, оваа година на помалку од 10 дена до почетокот на Гран При-то на Австралија ништо не е дефинирано...Да се вратиме на тест сесиите и да видиме што може да се заклучи од нив, по поминати илјадници километри. Можеме со сигурност да кажеме дека Мерцедес АМГ е тимот што ќе доминира и оваа 2015 сезона. Едноставно се наоѓаат во лига каде нити еден од останатите тимови не може да им се приклучи. Кога сме кај останатите имаме само малку појасна слика за тоа кој каде е во моментов во однос на брзината.
Може да се каже дека Ферари беше најпријатното изненадување, нивниот болид СФ15-Т се покажа како агресивен и вешт во рацете на Кими Раиконен и Себастијан Ветел, и се чини дека имаат сигурност и постојаност во перформансите. Нивниот шеф најави дека ќе се обидат да стигнат до што е можно повеќе подиуми оваа сезона, но победничкото скалило ќе биде тешко достапно.
Но, проблемот на Ферари е што не беа осамени во нивните напори, така да и нивната конкуренција исто така направи напредок. Ред Бул и особено Вилијамс, нивните ривали и главни претенденти за Подиумот на првите трки, исто така, имаа продуктивни денови во Херез, а особено Барселона, но формата на овие тимови беше најтешко да се прочита, но фактот дека тие имаа константни и добри перформанси, може да заклучиме дека нивните подготовки поминале во најдобар ред.
Спротивно на Ферари, Мекларен е секако најнепријатното изненадување на овие тест сесии. Долго најавуваното партнерство Мекларен и Хонда започна со многу технички проблеми поврзани со издржливоста на погонската единица. Тоа ни ја потврдува големата комплексност на новите болиди, кои не се едноставни и лесни за дизајнирање на хартија, туку може да се развиваат најдобро во пракса на патеките.
Оваа година Пирели направи само мала промена на гумите и тоа само на конструкцијата на задните гуми, па тимовите не треба да имаат проблем со нив пред почетокот на сезоната.
Не можеме да бидеме оптимисти дека не очекува блиска борбата за Титулите, бидејќи Мерцедес АМГ повторно ќе биде недопирлив. Вилијамс, Ферари, Ред Бул би требало да водат интересна битка за третото место на подиумот, додека средниот ред изгледа уште поблиску, Лотус, Форс Индија, Торо Росо, Заубер, сите имаат причини да биде задоволни. Катерам не напушти, додека Марусија т.е. сега Манор се бори да стигне навреме за трката во Австралија, работите се одвиваат добро, но за нив ќе биде резервирано последното место на гридот.