Зимската пауза заврши, следува Големата Награда на Австралија, на патеката во Алберт Парк каде ќе се означи почетокот на 2015 Ф1 Шампионатот. Тоа ќе биде втора сезона по воведувањето на новите радикални прописи и Хибридните болиди чија основа се V6 Турбо моторите.
Минатата сезона имавме неколку импресивни трки со многу престигнувања, но доминацијата на Мерцедес АМГ не дозволи да имаме борба за она што е најважното во Ф1 - Победите. Тие беа резервирани за болидите на сребрените стрели, нешто што речиси ќе се повтори и во оваа сезона, ако не и со уште поголема доминација. Борбата помеѓу тимските колеги се очекува да има далеку посмирено темпо за оваа сезона, а сите проблематични ситуации кои може да настанат во текот на еден тркачки викенд се детално разработени во тимот, и не се остава ништо на случајностите.
Она на што може да се радуваме е борбата за останатите места на гридот, која треба да биде изедначена до максимум и да обезбеди уште поспектакуларни престигнувања помеѓу возачите од останатите тимови.
За разлика од минатата сезона имаме две поголеми промени во возачките постави. Фернандо Алонсо, двократен Шампион, го замени Ферари за Мекларен, додека Себастијан Ветел, четирикратен Шампион го напушти тимот каде ги освои своите титули, Ред бул, за да премине во Ферари. Исто така ќе го видиме долго најавуваното враќање на Хонда, како снабдувач со ПЕ за тимот на Мекларен, по напуштањето на овој тим во 1992 година, време кога имаа незаборавни зведени мигови.
Сите очекуваат повторување на тие успеси, но почетокот ќе биде тежок, што го покажаа и зимските тест сесии во Херез и Барселона. Но, секој тежок почеток носи поголемо ужување подоцна кога би се вратиле на Победничките патеки. Фернандо Алонсо нема да настапи на првата трка по мистериозниот инцидент на тест сесијата во Барселона, кој сеуште не е јасен до крај. Официјално е дека Шпанецот имал потрес на мозокот, по што го загубил памтењето. Сега се е во ред со него и се очекува да биде спремен за втората трка од сезоната во Малезија.
Австралиското Гран При е првата трка од 2015 календарот кој се состои од 20 тркачки викенди, се враќа Големата Награда на Мексико. Иако горе-долу ги знаеме перформансите на поголем број од болидите во текот на тест сесиите, на Алберт Парк ќе биде првата вистинска споредба помеѓу нив на патеката. Тимот на Катерам нема повеќе да биде на гридот, а Марусија, некако се спаси во последен момент, како резултат на паричната награда од минатата сезона и излезе од стечај. Сега ќе настапуваат под името Манор Марусија Ф1 Тим.
Оваа година имаме нови дебитанти, Макс Ферстапен - Торо Росо, Фелипе Наср - Заубер, Карлос Саинц ЈР. - Торо Росо, Вил Стивенс и Роберто Мери со болидите на Манор се очекува барем да не бидат поминат за повеќе круга од своите најблиски ривали на последните места од гридот. Немаше повеќе место за Сутил, Чилтон, Гутиерез, Верн и Кобајаши.
ПИРЕЛИ - 2015 палетата на гуми е еволуција на минатогодишните чија цел е да се исполнат барањата на најновите 2015 болиди, кои се очекува да бидат до две секунди по круг побрзи од своите претходници. Најновите спецификации на ПЕ ќе доставуваат повисока моќност. За таа цел задните гуми од сите смеши имаат нова конструкција, со цел порамномерно да се дистрибуираат топлинска енергија и силите кои дејствуваат врз нив.
Клучните подобрувања на сите гуми за оваа година е оптимизација на притисокот кај нагазната површина на гумата и дистрибуција на температурата. Со тоа се зголемува контактнта површина со асфалтот, што резултира со подобрување во контрола и ракувањето со болидот. Единствено целосно нова смеша е подготвена за супер-меките гуми, која е редизајнирана за подобро справување со блистерингот и грејнингот.
ИСТОРИЈА - Кога Формула 1 дојде во Австралија во 1985 година, своја база ја имаше во Аделаида. Но, Боб Џејн, екс-тркач кој подоцна станал претприемач сакал да има трка во Мелбурн. Тој го создаде AUSCAR Шампионатот, пандан на Американскиот NASCAR. Тоа било основа за создавање на голема мотоспорт заедница во Мелбурн, која постепено го зголемувала притисок кон политичарите. Така, во 1992 година Џеф Кенет е избран за нов премиер на државата Викторија, кој веднаш се насочил кон подобрување на тркачкиот профил на Мелбурн.
Прва желба на листата била доведување на Големата Награда на Австралија. Веќе во 1993 година е потпишан договор со Формула 1, но договорот со Аделаида истекувал во 1995 година. Кенет имаше доволно време на располагање за подготовка. Патеката почна да се гради на убавиот Алберт Парк во Мелбурн. Првата трка беше одржана на време во 1996 година. Трката веднаш станува многу популарна кај возачите и фановите, кои со нестрпливост ја очекуваат секоја следна трка.
ПОГОНСКИ ЕДИНИЦИ - Кога беа потврдени новите правила за 2014 сезоната, производителите на мотори се согласија да се ограничи развојот на ПЕ за да се спречи трката во нивен развој и постојано зголемување на трошоците. Сепак сите се согласија дека, сепак, треба да има одреден развој на истите како би се вкалкулирале предвидените промени кај шасиите и напредокот на технологијата. На крајот е постигнат договор за систем на ограничен развој на ПЕ.
Според овој систем во првата сезона беше забранета било каква работа на ПЕ, но меѓу 2014 и 2015 година производители може да променат околу 50% од истите. Со толку многу различни компоненти и под-системи помеѓу производителите се постави прашањето како да се дефинира што опфаќаат тие 50%. Решението беше систем на токени.
ПЕ е поделена на 66 области, со одреден број на токени наменет за секоја област. Значи тимовите имаат на располагање 66 области на ПЕ, од кои пет се забранети за било какви промени. За оваа сезона производителите на ПЕ имаат можност да потрошат 32 токени, што би претставувало 48% промени на ПЕ.
Некои области, кои се посложени, имаат поголема вредност на токени. На пример, областа на внатрешно согорување кај моторите, како клипови, комората за согорување, геометрија, време, подигнување на вентилите, свеќички и слично, вредат по три токени додека електрониката кај системите за собирање на кинетичката енергија вредат по еден токен.
Производителите може да изберат било која комбинација на токени за користење, под услов да не потрошат повеќе од 32 вкупно. Овој систем е во сила од кога стапија на сила новите прописи, но во јануари 2015 беше одлучено дека овие токени не треба да бидат потрошени пред стартот на сезоната, како што претходно се мислеше.
Со тоа, сите токени кои нема да се искористат пред трката во Мелбурн, истите ќе може да бидат потрошени во текот на сезоната и тоа станува прашање на стратегија на производителот, за тоа каде, како и кога ќе бидат потрошени остатокот на токени.
Со секоја следна година производителите ќе имаат се помалку и помалку токени на располагање. Во 2016 година ќе им бидат дозволени само 25 токени, во 2017 година ќе бидат само 20. Како резултат на тоа ќе имаме се помали и помали промени на ПЕ на годишно ниво, додека само минимални промени ќе се случуваат меѓу сезоните. Всушност, во 2020 година се очекува дека само 5% од ПЕ ќе бидат променети од претходната година.
Во повеќето земји веќе се знае која ТВ ќе врши пренос, додека кај нас во Македонија е хаос по ова прашање!!! МТВ по толку плукање и негативни коментари очекувано се откажа од преноси на Ф1 Шампионатот, за кој плаќаа огромни суми на пари, но без никаков позитивен интерес кај повеќето македонски Ф1 фанови, кои повеќето трки ги гледаа на програмата на Спортклуб и само мал дел по интернет стримови, кои бараат да се има брз интернет доколку се гледа некој квалитетен ХД стрим.
Е сега великанот на спортската понуда Спортклуб си има регистрирано пододели во секоја земја каде се емитува, СК Србија, СК Хрватска, СК Русија, СК Чешка, СК Македонија и во секоја земја имаат домашни локални коментатори, буквално сите освен Македонија. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, бивши Совет за радиодифузија, за оваа година реши да не се толерира ова повеќе и е даден рок до 31.03.2015 да се реши оваа состојба со програмите на СК.
По овој датум ќе видиме дали оваа агенција ги штити прават на претплатниците (доколку имаме македонски коментатори или пак го укине СК на територијата на Македониија) или имала за цел да заштити нечии бизнис интереси (Доколку се продолжзи со емитирање само на СК Хрватска, како што се последните шпекулации).
ФАКТИ ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АВСТРАЛИЈА
Патека: Алберт Парк, Мелбурн
Должина: 5.303 км.
Пирели гуми: Медиум и Меки смеши
Рекорден Круг: 1:24.125 - Михаел Шумахер (Ферари), 2004
Првa трка: 1985, Аделаида (Победник Кеке Розберг, Вилијамс)
Број на трки: 29 (11 во Аделаида, 18 во Мелбурн)
Најдолга трка: 1985 (2ч40м473с)
Најкраткa трка: 1991 (24м349с)
Рекордно време.
Најмногу настапи (тековни возачи):
15 - Џенсон Батон
13 - Фернандо Алонсо
12 - Кими Раиконен, Фелипе Маса
9 - Нико Розберг
8 - Луис Хамилтон
Најголем број на победи (возачи):
4 - Михаел Шумахер
3 - Џенсон Батон
2 - Алан Прост, Герхард Бергер, Аиртон Сена, Дејмон Хил, Дејвид Култхард, Кими Раиконен
Најголем број на победи (тимови):
11 - Мекларен
7 - Ферари
5 - Вилијамс
2 - Рено
1 - Бенетон, Браун, Ред Бул, Лотус, Мерцедес
Најголем број на победи (производител на мотори):
8 - Рено, Мерцедес
7 - Ферари
4 - Хонда
2. Форд
1 - TAG
Најголем број на Пол позиции (возачи):
6 - Аиртон Сена
3 - Најџел Менсел, Мика Хакинен, Михаел Шумахер, Луис Хамилтон, Себастијан Ветел
2 - Жак Вилнев, Џенсон Батон
Најголем број на Пол позиции (тимови):
10 - Мекларен
6 - Вилијамс, Ферари
3 - Ред Бул
1 - Лотус, Рено, Хонда, Браун, Мерцедес
Најголем број на Пол позиции (производители):
10 - Рено
7 - Мерцедес
6 - Хонда, Ферари
1 - Форд
Број на победи од пол-позицијата:
13 победи од 29 трки (44,8 проценти).
Број на победи од пол-позицијата во Мелбурн:
8 победи од 18 трки (44,4 проценти).
Најниска стартна позиција до победа :
11 (Дејвид Култхард, Мекларен, 2003).
Круга во водство (тековни возачи):
150 - Џенсон Батон
96 - Кими Раиконен
85 - Себастијан Ветел
62 - Луис Хамилтон
61 - Фернандо Алонсо
59 - Нико Розберг
11 - Адријан Сутил
3 - Фелипе Маса.
Пласмани на подиумот (тековни возачи):
5 - Фернандо Алонсо, Кими Раиконен
4 - Луис Хамилтон
3 - Џенсон Батон, Себастијан Ветел
2 - Нико Розберг
1 - Фелипе Маса.
Број на Австралијанци кои се натпреварувале во Ф1 трки: 14
Најдобар пласман на Австралиски возач на домашен терен:
4 (Марк Вебер, Ред Бул, 2012)
Турбо историја:
Ферари нема победа во турбо ерата од 1988 година, Големата Награда на Италија.
(Извор: F1.com и FORIX(Formula One Results & Information Explorer))
НАЈАВА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА АВСТРАЛИСКОТО ГРАН ПРИ
3/12/2015 05:23:00 PM
0
Share to other apps