Повторно многу технички проблеми за Мекларен, Ред Бул и Лотус. Мекларен во првите часови од утрото мируваше во својата гаража поради проблем со еден од сензорите на моторот, а потоа кога тоа беше решено, Џенсон Батон со тешкотии стигна едвај до 30 комплетирани круга. При тоа Британецот на истите гуми кои ги користеше Ботас беше повеќе од две секунди зад најбрзото време, што исто така не е многу охрабрувачки.
Ред Бул - RB11 - зад чиј волан беше Даниел Рикиардо застана на излезот од пит линијата, кога имаа комплетирано само 10 круга. За среќа, проблемот беше решен во текот на денот па Австралијанецот продолжи со тест програмата и го забележа 5-тото најбрзо време на меки гуми. Тешкотиите на Лотус беа од поинаков вид. Нивната програма беше прекината од страна на Пастор Малдонадо, кој повторно успеа E23 да го искрши во бариерите покрај патеката. До тој момент, тој имаше комплетирано само кругови на медиум гумите, така што последното место не е за изненадување.
Тимот на Мерцедес АМГ, во претходните денови ја покажа својата брзина, која е над секој од останатите Ф1 тимови, па така денес Нико Розберг возеше само на тврдите и медиум гуми на Пирели. Излезе само на еден краток стинт со меки гуми, без поголемо форсирање на болидот или пак беше со полн до врв резервоар. Така да седмото место и заостанувањето од 2.1 секунди зад Ботас, не значи многу за нив. Најголема километража повторно за тимот на Заубер, докажувајќи уште еднаш дека имаат издржлив болид. Фелипе Наср попладнето работеше на симулација на трка, при тоа комплетирајќи 159 круга, растојание речиси од три трки. Неговото најдобро време на супер-меки гуми беше доволно добро за третото место.
Ферари самоуверено ќе патуваат во Мелбурн. Себастијан Ветел во утринските часови беше 4 десетинки побавен од Ботас, а потоа се фокусираше на симулации на трка. Комплетираните 130 круга за тимот од Маранело се добар начин да се стави крај на пред сезонските тест сесии. Во тимот на Форс Индија, исто така, може да бидат задоволни, ако се погледне бројот на комплетирани круга со новиот болид. Серџо Перез денес стигна до бројката од 130 круга со VJM08. Но, заостанувањето од над две секунди покажува дека имаат уште многу работа пред првата трка од сезоната.
ЧЕТВРТ ТЕСТ ДЕН
ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ | РАЗЛИКА | КРУГОВИ |
1. Валтери Ботас | Вилијамс | 1:23.063(СМ) | 89 | |
2. Себастијан Ветел | Ферари | 1:23.469(СМ) | + 0.406 | 129 |
3. Фелипе Наср | Заубер | 1:24.023(СМ) | + 0.960 | 159 |
4. Макс Ферстапен | Торо Росо | 1:24.527(СМ) | + 1.464 | 85 |
5. Даниел Рикиардо | Ред Бул | 1:24.638(М) | + 1.575 | 72 |
6. Серџо Перез | Форс Индија | 1:25.115(СМ) | + 2.050 | 130 |
7. Нико Розберг | Мерцедес АМГ | 1:25.186(Ме) | + 2.123 | 148 |
8. Џенсон Батон | Мекларен | 1:25.327(СМ) | + 2.264 | 30 |
8. Пастор Малдонадо | Лотус | 1:28.272(Ме) | + 5.209 | 36 |