Пред почетокот на квалификациите метеоролозите најавуваа 60% шанси за дожд, па како што болидите се подготвуваа за почеток на Q1 сесијата, небото над Сепанг стануваше се потемно од надоаѓачките дождовни облаци, а грмотевиците во далечината најавуваа силно невреме. Сепак, Q1 помина без дожд, а во такви услови Луис Хамилтон го имаше најбрзото време, следен од Нико Розберг, кој заостана нешто повеќе од една десетинка зад својот тимски колега. Третата позиција му припадна на Себастијан Ветел, чие време од 1:39.814 беше поставен на тврдите гуми. Немаше некои поголеми возбудувања, а очекувано најслаби беа болидите на Манор и Мекларен (не верував дека ова некогаш ќе го напишам за Мекларен). Изненадувачки во оваа сесија отпадна и Фелипе Наср, со болидот на Заубер. Џенсон Батон беше пред Фернандо Алонсо и Роберто Мери со Манор. Вил Стивенс не зеде учество во сесијата поради проблем со притисокот на горивото. Роберто Мери, забележа време кое беше над границата од 107%, но според најновите вести од ФИА дозволен им е старт на утрешната трка и на двајцата возачи на Манор.
На почетокот од Q2 серијата имавме голема гужва на патеката, бидејќи опасноста од дожд се зголемуваше. Првите капки почнаа да паѓаат пет минути по стартот, а патеката беше преполна со болиди во потера по најбрзо време. Условите на патеката многу брзо станаа невозможни за поставување брзи кругови, па голем број на возачи останаа со куси ракави. На изненадување на сите меѓу нив беше и Кими Раиконен. Возачот на Ферари заврши во 11-то време, 0.4 десетинки зад Маркус Ериксон кој се протна во Топ 10 пласманот на возачи. Во последните минути немаше никаква акција поради поројниот дожд, кој беше причина и за 35 минутно одложување на Q3 сесијата.
На почетокот од Q3 сесијата повторно гужва на патеката кога сите 10 преостанати возачи излегоа на патеката во влажни услови. Повеќето беа на интермедиа гумите на Пирели. Себастијан Ветел го забележа првиот мерен круг од 1:53.178, кој набрзо беше подобрен од страна на Луис Хамилтон и Нико Розберг. При вторите брзи круга, Хамилтон го подобри своето време, што беше доволно за Пол позицијата, иако беше малку попречен од Нико Розберг, кој се однесуваше некако многу нервозно на патеката.
Како резултат на тоа Себастијан Ветел, го имаше изненадувањето на денот, кога со заостанување од само 0.074 секунди зад најбрзото време се пласираше на втората стартна позиција. Четвртото најбрзо време го имаше Даниел Рикиардо, пред тимскиот колега Дањил Квјат. Макс Ферстапен на импресивната 6-та стартна позиција. Топ 10 пласманот го заокружија Фелипе Маса, Роман Грожан, Валтери Ботас и Маркус Ериксон.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:49.834
2. Себастијан Ветел Ферари 1:49.908 + 0.074
3. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:50.299 + 0.465
4. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:51.541 + 1.707
5. Дањил Квјат Ред Бул 1:51.951 + 2.117
6. Макс Ферстапен Торо Росо 1:51.981 + 2.147
7. Фелипе Маса Вилијамс 1:52.473 + 2.639
8. Роман Грожан* Лотус 1:52.981 + 3.147
9. Валтери Ботас Вилијамс 1:53.179 + 3.345
10. Маркус Ериксон Заубер 1:53.261 + 3.427
* Казна од две стартни места
Q2 Најбрзо време: Нико Розберг 1:39.377
11. Кими Раиконен Ферари 1:42.173 + 2.769
12. Пастор Малдонадо Лотус 1:42.198 + 2.821
13. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:43.023 + 3.646
14. Серџо Перез Форс Индија 1:43.469 + 4.092
15. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:43.701 + 4.324
Q1 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:39.269
16. Фелипе Наср Заубер 1:41.308 + 2.039
17. Џенсон Батон Мекларен 1:41.636 + 2.367
18. Фернандо Алонсо Мекларен 1:41.746 + 2.477
19. Роберто Мери Манор 1:46.677 + 7.408
20. Вил Стивенс Манор без поставено време
107% време: 1:46.218