На стартот од трката водечката тројка ги задржа своите места, кога малку фалеше Нико Розберг да го престигне болидот на Ферари, можеби клучен момент за него, како што најави на прес конференцијата по вчерашните квалификации. Потоа следува извртувањето на Маркус Ериксон на крајот од стартно целниот правец, по што во тој 5 круг од трката беше повикано безбедносното возило. Низ текот на викендот, болидот на Ферари беше понежен кон гумите од своите ривали и Ветел го искористи тоа. Остана на патеката, додека Мерцедесите веднаш влегоа за промена на гумите. Во Ферари биле изненадени од ова рано влегување во бокс, додека пак во Мерцедес АМГ беа изненадени од тоа што покрај Ветел, останале и многу друго болиди без да ги променат гумите. Повеќе загуби Нико Розберг кој мораше да чека зад својот тимски колега во боксот.
Себастијан Ветел својата прва посета на боксот ја имаше во 18-от круг, кога повторно излезе на медиум гумите. Се приклучи на третото место зад Луис Хамилтон и Нико Розберг. На изненадување на сите, Сребрените стрели наместо како по навика да почнат да се оддалечуваат далеку напред, се случи обратното. Ферарито на Себастијан Ветел почна да ја намалува разликата. Добриот втор стинт на Германецот беше одлучувачки за неговата Победа, на кој никој не се надеваше пред почетокот на овој викенд. По комплетираните застанувања на тимовите, Ветел наскоро изби на првото место.
Се возеше 37-от круг кога тој премина на тврдите гуми, за потоа кога Хамилтон го имаше својот трет и последен пит-стоп на 18 круга до крајот ги земе повторно тврдите гуми(во Мерцедес АМГ немале повеќе медиум гуми)се виде дека неговите шанси за нешто повеќе испарија.
Ветел лесно стигна до Победата:
"Феноменален ден. Јас се чувствувам неверојатно. Да се погледнат момците кога бев на подиумот, да се погледне надолу, тоа беше неверојатна атмосфера. Се сеќавам на тоа од победите кои ги имаше Фернандо со Ферари и особено се сеќавам на Победничките прослави на Михаел со тимот, тоа е неверојатно. Денес стратегијата беше, исто така, како кец на десетка."
Единствениот кој можеше да го загрози беше Луис Хамилтон, кој пак, призна дека имал големи проблеми со балансот на својот болид:
"Цела трка се борев со балансот на болидот. Тоа беше многу, многу непријатно, имаше голема подуправливост, што за последица го имаше зголеменото абење на гумите. Медиум гумите беа подобриот избор за мене денес, кога успевав да ја намалувам разликата. За последниот стинг ги имав само тврдите гуми, кои не беа добри за мене. Го извлеков максимумот и тимот го направи најдобриот избор што можеше да се направи."Позади битката за подиумот не недостасуваше акција. Кими Раиконен стигна до четвртото место по дупнатата гума при првиот круг. Финецот имаше стратегија од три пит-стопа за да се пробива низ гридот, но изгубеното време во почетокот не дозволи да се вмеша во борба за врвот и тој заврши 53 секунди зад Ветел. Валтери Ботас заврши на петтото место, добивајќи ја блиската борба со тимскиот колега Фелипе Маса при крајот на трката. Тоа беше неконкурентен викенд за тимот од Гроув, и полека го губат статусот на најдобар тим зад Мерцедес АМГ, кој преминува во рацете на Ферари. Кога на тоа ќе се додаде и аматерската работа при пит-стоповите и не може да се надеваат на нешто повеќе.
Зад Маса беше другиот херој на денот, Макс Ферстапен, кој стана најмладиот возач кој забележал Ф1 поени. 17-годишниот Холанѓанец ја доби битката со неговиот тимски колега Карлос Саинц ЈР. Дека има вистина во изјавите на одговорните луѓе во Рено Ф1 дека не е се до Рено ПЕ го потврдува и денешниот пласман на болидите на Ред Бул, кои едвај завршија на последните две места што носат поени. Ова беше тежок ден за тимот од Милтон Кејнс, а двата болиди имаа проблем со прекумерното трошење на сопирачките.
Зад освојувачите на поени беа, Роман Грожан на 11-то место за Лотус, следен од Фелипе Наср со Заубер и двата болиди на Форс Индија, Серџо Перез пред Нико Хулкенберг. Голема работа направи и тимот на Манор, кој иако со Роберто Мери беше последен, успеа да ја заврши трката, за разлика од Џенсон Батон и Фернандо Алонсо кои во болидите на Мекларен, повторно не стигнаа до целта.
Голема награда на Малезија, Сепанг, Куала Лумпур.
56 круга, 310.408км., Време: Суво.
ПЛАСМАН:
П. Возач Тим Време
1. Себастијан Ветел Ферари 1ч41:05.793
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 8.569
3. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 12.310
4. Кими Раиконен Ферари + 53.822
5. Валтери Ботас Вилијамс + 1:10.409
6. Фелипе Маса Вилијамс + 1:13.586
7. Макс Ферстапен Торо Росо + 1:39.085
8. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 1 круг
9. Дањил Квјат Ред Бул + 1 круг
10. Даниел Рикирадо Ред Бул + 1 круг
11. Роман Грожан Лотус + 1 круг
12. Фелипе Наср Заубер + 1 круг
13. Серџо Перез Форс Индија + 1 круг
14. Нико Хулкенберг Форс Индија + 1 круг
15. Роберто Мери Манор + 3 круга
Најбрз круг: Н. Розберг - 1:42.062 (2014 1:43.065)
БЕЗ ПЛАСМАН:
Возач Тим При круг
Пастор Малдонадо Лотус 48
Џенсон Батон Мекларен 42
Фернандо Алонсо Мекларен 22
Маркус Ериксон Заубер 5
Вил Стивенс Манор не стартуваше
Генерален Пласман по 2-та трка:
Возачи: Конструктори:
1. Луис Хамилтон 43 1. Мерцедес АМГ 76
2. Себастијан Ветел 40 2. Ферари 52
3. Нико Розберг 33 3. Вилијамс 30
4. Фелипе Маса 20 4. Заубер 14
5. Кими Раиконен 12 5. Торо Росо 12
6. Фелипе Наср 10 6. Ред Бул 11
7. Валтери Ботас 10 7. Форс Индија 7
8. Даниел Рикиардо 9
9. Нико Хулкенберг 6
10. Макс Ферстапен 6
11. Карлос Саинц ЈР. 6
12. Маркус Ериксон 4
13. Дањил Квјат 2
14. Серџо Перез 1