Кога би требало да одговориме на ова прашање со да или не, одговорот секако би бил НЕ. Најголемото внимание го привлекоа добрите времиња на Ферари при долгите стинтови т.е. тркачкото темпо на денешните тренинг сесии, што ако се остане на ова ниво и ги повторат истите времиња во неделата, може да конкурираат на Мерцедес АМГ за Победата на Малезиското ГП.
Кими Раиконен, денес подобриот возач на тимот, на двете тренинг сесии заврши на второто место со заостанување од околу 0.4 секунди зад болидите на Мерцедес АМГ. Но, она што ги натера повеќето аналитичари да зборуваат на оваа тема е просечното време на подолгите стинтови, кое изнесуваше 1:45.080. За споредба, Луис Хамилтон имаше просек 1:45.070 и Нико Розберг 1:45.315. Уште поимпресивнo е кога ќе се погледне должината на овие стинтови т.е. Кими беше во можност да го одржува овој просек неколку круга повеќе од возачите на Мерцедес АМГ, што значи дека Ферари помалку ги троши гумите на Пирели.
Да резимираме, значи Кими е на нивото од Луис Хамилтон, а 0.3 десетинки побрз од Нико Розберг. Секако се ќе беше полесно, ако имавме и времиња на Себастијан Ветел за споредување на медиум гумите на Пирели, кој за разлика од овие тројца возачи денот го помина на тврдите гуми.
Џејмс Алисон, техничкиот директор на Ферари, призна дека имаат добра топлинска деградацијата на гумите, но е воздржан дека имаат шанси за Победа на неделната трка: "Не знам, ние ќе дознаете утре и в недела. Степенот на деградација на нашите гуми е доста добар, а нашето тркачко темпо е релативно добро. Но, петокот сите тимови го користат различно, па никогаш не се знаат програмите на останатите тимови. Но, тоа беше добар ден за нас. Потребни ни се добри квалификации, т.е. да бидеме понапред од Вилијамс и тогаш да видиме што можеме да направиме на трката."
Но, да не се залажуваме... Тркачкото темпо на Италијанскиот тим денес беше добро, но прашање е дали беше реално толку добро за да атакуваат на Победа. Мерцедес АМГ имаа проблеми, па секако дека денес не го дадоа својот максимум. Хамилтон го преседе првиот тренинг, а на вториот настапи со подесувањата на болидот од Австралија. Плус, во текот на изминатата година, Ферари често изгледаше посилен на почетокот, отколку на крајот од тркачкиот викенд.
Пореално би било да веруваме дека Ферари ќе биде поблиску до Мерцедес АМГ, отколку што беше во Австралија, што е уште една потврда дека имаат постигнато значителен чекор напред во оваа сезона и се на добар пат во скоро време да ги предизвикаат болидите на Мерцедес АМГ. Доколку би типувале секако дека би се обложиле на Победа за Мерцедес АМГ, но Ферари би требало да биде доволно близу да ја искористи и најмалата грешка на Сребрените стрели.
ФЕРАРИ РЕАЛНА ЗАКАНА ЗА МЕРЦЕДЕС АМГ?!?
3/27/2015 03:57:00 PM
0
Share to other apps