Петтата трка од 2015 сезоната е Шпанското Гран При кое ќе се одржи на патеката Каталуња во Барселона, и таа е првата од 8-те европски трки, плус трката во Канада, кои ќе го одбележат најинтересниот период во шампионатот, кога сигурно ќе ги дефинираме тимот/вите кои ќе атакуваат на титулите. Ова е местото каде што сите ќе ги донесат нивните големи надградби.
Мерцедес АМГ доаѓаат во Шпанија како лидери во генералниот пласман на конструктори. Патеката Каталуња се смета како прва "нормална" патека на сезоната, и често обезбедува солидни показатели за целокупните перформанси на болидите, а и традицијата вели дека од 24 досегашни победници, во 17 наврати тимот што бил Победник на крај ја освојувал и Титулата во Шампионатот.
Од аспект на возачи, сезоната не започна баш многу возбудливо. Имаме два победници во четирите трки кои веќе се одржаа, Луис Хамилтон и Себастијан Ветел, па возачите на Мерцедес АМГ се најголеми фаворити за Победа и на оваа трка.
Со своите 730 метри, правецот од стартната линија до првата кривина во Барселона е најдолг во целата сезона. Самата патека е мешавина од средни и брзи кривини, комплекс од кривини кои се поминуваат со мала брзина и долги правци. Дизајнот на кривините не е особено погоден за претекнување, дури и со помош на ДРС-системот.
На Каталуња треба да се најде вистинскиот компромис меѓу аеродинамичкиот и механички грип, а фактор за подесувањето на болидот кој ќе има важно влијание е и ветерот кој во Барселона многу често ја менува својата насока. Кога сме кај ветерот, метеоролозите најавуваат суво и топло време, амбиентални температури до 25 Целзиусови степени. Повремени интервали на облачно време на почетокот од викендот, но без дожд.
Клучните области за брз круг во Барселона е доброто реагирање на новите ПЕ во брзите кривини, како што се тие со број 3 и 8 и да се задржи стабилноста на болидот при сопирање и шалтањето во помали брзини во побавните кривини како што е таа со број 10. Победник на 8 од последните 10 трки на оваа патеката е возачот кој ја освоил Пол позицијата, што подразбира дека квалификациите ќе бидат од исклучително значење.
Пирели за Шпанското ГП ги носи портокаловите тврди и белите медиум гуми. Според нив, под големо оптоварување ќе бидат гумите од левата страна на болидот, со висока побарувачка за тракција од левата задна, поради големиот вртежен момент од новите турбо мотори. Болидите обично се подесуваат за максимална потисна сила за брзите свиоци. Ова потенцијално може да доведе до надуправливост и загревање на смешите до 130 степени целзиусови и да предизвика деградација. Прогнозираната разлика помеѓу двете смеши е 0.8-1.2 секунди.
ВИСТИНСКАТА ФОРМУЛА 1 ЗАПОЧНУВА СО ШПАНСКОТО ГРАН ПРИ
5/07/2015 10:41:00 AM
0
Share to other apps