Поглед од еден од хотелите во кој бевме сместени!!!
Како што повеќето и знаете, Унгарија е земја без излез на море сместена во централна Европа со популација од 10 милиони жители, и исто толку посетители годишно. Повеќето туристи доаѓаат во посета на Будимпешта, главниот град на оваа земја, еден од најголемите и најубавите градови во Европа. Се наоѓа на шестото место на листата од 10-те најпосетените градови во Европа. Градот е дом на повеќе од 3 милиони жители. Будимпешта е создадена во 1873 година кога Будим (Буда), град на западниот страна од реката Дунав, беше обединет со градот Пешта на источната страна од реката.
БЕЗБЕДНОСТ
Реално гледано, Будимпешта е безбедна дестинација, но како и кај секој голем град популарен за туристи, Ф1 фановите треба да "отворат 4 очи" бидејќи измамниците и арамиите ги има секаде, особено кога е во прашање голем настан како Ф1 трка. Џепарошите оперираат во јавниот превоз и околу популарните туристички атракции, особено на патеката, па чувајте ги своите лични предмети на безбедно место. Мое единствено непријатно искуство е на патеката, кога ја оставив брошурата за Гран При трката, која чинеше 10 евра, на седиштето покрај мене да снимам подобар кадар со камерата што ја носев, а веќе во следниот момент ја немаше!!!
Ако користите такси секогаш повикајте го по телефон, а не повикувајте го на улица. Измамниците се сконцентрирани во стариот дел на градот, па бидете внимателни при стекнување нови пријателства. Најпознатата измама вклучува убава девојка која сака да се запознае со вас, а потоа следи предлог да отидете на пијачка во одреден бар. Никако не паѓајте на оваа финта, зошто пијачката ќе ве чини многу пари!!!
ЗДРАВЈЕ
Не заборавајте да си обезбедите соодветно патничко осигурување. Здравствените услуги во Унгарија се квалитетни, но заостануваат зад развиените западни стандарди. Има приватни клиники, каде се наоѓаат најдобрите лекари, но бидете подготвени да платите многу повеќе отколку во јавните болници. Бројот за брза помош или полиција е 112. Вода од чешма во Будимпешта е безбедна за пиење, но сепак ние користевме минерална вода од многуте маркети.
КЛИМА
Месец Јули кога се одржува трката е многу топол и сув. Очекувајте температури над 30°C и многу сонце. За време на трката за Големата Награда на Унгарија имало дожд само три пати во последните 29 години. Носете лесна, удобна облека и не заборавајте капа и очила за сонце.
ПАРИ
Унгарската валута се нарекува форинта (HUF), која има стабилен курс со еврото во изминатите 12 месеци. Банкоматите ги има на повеќе места, а кредитните картички се широко прифатени во продавници и ресторани. Не верувајте им премногу на менувачниците, бидејќи ретко, но се случува да бидете измамени во смисла на помал сооднос. Бидете подготвени, пред тргнување проверете си на интернет за соодносот за да не бидете измамени. Побезбедна солуција се банките. Келнерите очекуваат бакшиш, но само ако сте задоволни со услугата.
ЈАЗИК
Официјален јазик на Унгарија е унгарски и важи за еден од најтешките јазици во светот да се научи. Во повеќето ресторани, пабови, дискотеки, многу од вработените знаат англиски, но исто така и Германски. Но, ако сакате да поминете поефтино во повеќето самопослуги и продавници знаат само Унгарски, па ќе се разбирате со пишување бројки. Наша интересна случка при една посета на овој град е кога баравме пошта за да пратиме разгледница до Македонија, при тоа прашувајќи за локација на истата од случајните минувачи на Англиски и Германски и сите креваа раменици. На крај на шега рековме да си побараме ПОШТА на Македонски, следуваше изненадување, првиот следен минувач што го прашавме веднаш не разбра. Била само неколку улици од нашата местоположба.