Следењето на болидот пред себе се покажа комплицирана задача, па следствено на тоа претекнувањето е многу тешко. Како и на секоја улична трка, клучно за добро место и што повисок пласман ќе биде освоената стартна позиција и силен старт. Значаен фактор во 2014 година беше и загревањето на гумите. Конзервативниот пристап на Пирели, медиум и меки гуми, за 2014 година се заменува со меки и супер-меки гуми за оваа година. Тие треба полесно да се загреат на работна температура и да обезбедат поголем грип. Асфалтот е мазен и неабразивен и се очекува висок степен на еволуција на патеката, од многу лизгава патека во петок, до "гумирана" за трката.
Патеката е со вкупна должина од 5.848 километри со што е третата најдолга во календарот, зад СПА и Силверстоун. Најкритичен свиок во Сочи е третиот, кој беше инспириран од познатиот свиок број 8 во Истанбул парк, и двата дизајнирани од Херман Тилке. Најдолгиот правец изнесува 650 метри. Според временската прогноза се очекуваат температури од 15 до 20 Целзиусови степени, што ги ограничува ефектите од термичката деградација на гумите.
Победувајќи го својот тимски колега, Нико Розберг, во пет од последните шест трки, лидерот во шампионатот на возачи, Луис Хамилтон, доаѓа во Русија со големи 48 поени предност пред својот ривал. 1-2 пласманот кај возачите е помалку сигурен, со Розберг само 11 бода пред третопласираниот Себастијан Ветел. Возачот на Ферари беше на подиумот во пет од последните шест трки, а неговата низа беше прекината на СПА поради добро познатата причина, пукањето на гумата на неговиот болид.
Мерцедес АМГ, пак како тим, пристигнува во Сочи со добра шанса за обезбедување на Титулата кај конструкторите. Временскиот распоред се враќа на "нормална" за нас Европска саатница, со Квалификациите во 14:00 часот, а Трката во 13:00 часот по Македонско време.



