Единствен тим кој пред почетокот на 2016 сезоната ја нема комплетирано својата возачка постава е Манор. Засилени со Мерцедес ПЕ нивните апетити за новата сезона се зголемија. Очекуваат добар пласман на табелите и избегнување на дното, но исто така ги зголемија и своите финансиски побарувања од возачите. Првиот возач не можеше да го бираат, Паскал Верлајн, кој доаѓа од редовите на Мерцедес АМГ.
За останатото место имаме тројца возачи како сериозни конкуренти и кои се подготвени да го одврзат кесето на своите спонзори, а тоа се: Минатогодишниот возач на тимот, Англичанецот Вил Стивенс, Американецот Александар Роси кој оставил добар впечаток за време на неговите пет излегувања на патеките и на крај, тука е Рио Харјанто, Индонезиец, кој има голема поддршка од неговата влада.
Сепак тоа не било доволно, па слично на Кобајаши, тој има отворено страница за донирање на која неговите фанови се надеваат дека ќе соберат потребните финансиски средства, до истекот на крајниот рок поставен од страна на раководните лица во Манор, рок кој веќе еднаш е продолжен, што значи дека собирањето пари оди потешко од очекуваното.
Според најновите шпекулации на медиумите, во Манор размислуваат за ангажирање на сите тројца возачи, (зошто да земеме пари од еден, кога можеме на сите да им ги собереме!!!) на кои би им било овозможено да настапат на по 7 трки, бирани според нивната националност. Па така, Харјанто би возел на трките во Азија, Стивенс на трки во Европа, а Роси во Северна и Јужна Америка.
На прв поглед тоа може да изгледа малку чудно, но денешниот Ф1 тим се ќе направи за пари, но сето тоа ќе значи дека овој тим нема стабилност и иднина, во време кога некои очекуваат да се направи голем чекор напред. Како што знаете денес ништо не е невозможно во Формула 1, особено ако има многу пари во игра, па на крај да не излезе и Пастор Малдонадо како втор возач, кој финансиски вреди многу повеќе од овие тројца возачи.
МАНОР ЕДИНСТВЕНИОТ Ф1 ТИМ БЕЗ ВОЗАЧКА ПОСТАВА
2/15/2016 02:00:00 PM
0
Share to other apps