Минатата сезона имавме неколку импресивни трки, три Победи на Ферари и Себастијан Ветел, но, сепак доминацијата на Мерцедес АМГ беше голема и не дозволи да имаме борба за Шампионските Титули. Тие беа резервирани за тимот на сребрените стрели, нешто што можеби ќе се повтори и во оваа сезона. Од Германскиот тим најавуваат дека Луис Хамилтон и Нико Розберг ќе имаат одврзани раце во меѓусебната борба, т.е. се додека не направат некоја глупост која ќе штети на тимот.
Она на што може да се радуваме е борбата за останатите места на гридот, која треба да биде изедначена до максимум и да обезбеди уште поспектакуларни престигнувања.
Себастијан Ветел, четирикратниот Шампион со доаѓањето во Ферари, донесе свежина и големи промени во дизајнот на болидот, која се очекува да биде ефектуирана оваа сезона. Сите очекуваме тој и неговиот тимски колега да ги замрсат сметките на Мерцедес АМГ и да имаме реална борба за првото место на секоја трка. Пред сеонските тест сесии покажаа дека има потенцијал во овој тим, но дали ќе биде доволно за нешто повеќе ќе видиме на патеката во Алберт Парк.
Враќањето на Хонда, како снабдувач со ПЕ за тимот на Мекларен, помина со големи проблеми. Не помогна нити Фернандо Алонсо со своите потврдени квалитети на Ф1 возач. Кога болидот нема сила и најдобриот возач не може да направи нешто повеќе. За доброто на Формула 1 се надеваме дека оваа сезона барем ќе бидат во можност да бидат во борба за Топ 5 пласман.
Австралиското Гран При е првата трка од 2016 календарот кој се состои од рекордни 21 тркачки викенди, се враќа Големата Награда на Европа која ќе се вози на градска патека низ улиците на Баку, главниот град на Азербеџан. Иако горе-долу ги знаеме перформансите на поголем број од болидите во текот на тест сесиите, на Алберт Парк ќе биде првата вистинска споредба помеѓу нив на патеката.
Оваа сезона имаме нов тим - ХАС Ф1 - кој ќе ги користи ПЕ на Ферари и се смета како нив втор тим, за кој инженерите на Ферари помогнаа многу во неговата изградба. Манор, влегува со нови надежи по обезбедувањето на Мерцедес-Бенц ПЕ за придвижување на нивниот болид.
Денес Ф1 се врти околу парите, па помалите тимови имаат големи проблеми да го обезбедат својот опстанок. По ликвидирањето на ХРТ, Катерам, Лотус(го купи Рено, кои влегуваат како фабрички тим), оваа сезона најголемите проблеми ќе ги има тимот на Заубер, кој веќе неколку месеци не може да им исплати плата на своите вработени. Штета ако Берни и останата компанија, дозволат да пропадне еден од тимови со најголем стаж во Ф1 Шампионатот. Сопственикот на Форс Индија, Виџај Малја, се најде пред судот во Индија за направени големи измами и долгови со неговата авиокомпанија, па му се заканува престој во притвор. Се ова може да остави големи последици и по овој Индиски тим.
Оваа година имаме нови дебитанти во Паскал Верлајн и Рио Харјанто кои ќе седнат зад воланот на болидите на Манор. Во болидот на Рено ќе седне Џолион Палмер, а како негов тимски колега кам-бек ќе има Кевин Магнусен, кој во последен момент му го зеде местото на Пастор Малдонадо, за кој немаше повеќе место во тимот. Уште еден повратник имаме во името на Естебан Гутиерез, кој ќе вози за новиот тим во 2016 Шампионатот, Хас Ф1.
ПИРЕЛИ - 2016 палетата на гуми е збогатена со нова смеша, Ултрамеки Гуми, кои се означени со виолетова боја и ќе се користат на градските патеки. За разлика од минатата сезона сега имаме три номинации за секој тркачки викенд, од кои еден е задолжителен за користење во трката, а вториот избор е слободен од преостанатите две номинирани гуми. Се ова се прави за поголем број на можни стратегии за тимовите, со тоа и поинтересни трки.
За Австралија се достапни:
- белата медиум гума, која има најширок работен опсег и релативно добра издржливот, па затоа е најкористената гума во шампионатот,
- жолтата мека гума, која има висок работен опсег со акцент на перформанси, и
- црвената супер-мека гума со низок работен опсег, но со ограничена издржливост.
ИСТОРИЈА - Кога Формула 1 дојде во Австралија во 1985 година, своја база ја имаше во Аделаида. Но, Боб Џејн, екс-тркач кој подоцна станал претприемач сакал да има трка во Мелбурн. Тој го создаде AUSCAR Шампионатот, пандан на Американскиот NASCAR. Тоа било основа за создавање на голема мотоспорт заедница во Мелбурн, која постепено го зголемувала притисок кон политичарите. Така, во 1992 година Џеф Кенет е избран за нов премиер на државата Викторија, кој веднаш се насочил кон подобрување на тркачкиот профил на Мелбурн.
Прва желба на листата била доведување на Големата Награда на Австралија. Веќе во 1993 година е потпишан договор со Формула 1, но договорот со Аделаида истекувал во 1995 година. Кенет имаше доволно време на располагање за подготовка. Патеката почна да се гради на убавиот Алберт Парк во Мелбурн. Првата трка беше одржана на време во 1996 година. Трката веднаш станува многу популарна кај возачите и фановите, кои со нестрпливост ја очекуваат секоја следна трка.
ПОГОНСКИ ЕДИНИЦИ - Ограничувањата во развојот на истите се "олеснети", во обид да им се овозможи на Хонда и Рено да ги достигнат најдобрите "играчи" во овој мотоспорт. Најголеми перформанси на патеката ги имаат Мерцедес-Бенц и Ферари, за кои се очекува дека ќе ја надминат границата од 1000 КС, до 400 КС од моторите и до 600 КС од системите за обновување на кинетичката енергија од сопирачките и издувните гасови.
Во обид да се им се излезе во пресрет на големиот бој на незадоволни Ф1 фанови од бучавата што ја создаваат новите хибридни болиди, за оваа сезона имаме измена на издувниот систем со каја треба да се зголеми бучава што ќе ја емитуваат 2016 болидите.
НОВ ФОРМАТ НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ - Идејата за промена на форматот на квалификациите дојде по предлог на ФИА се со цел да да се зголеми непредвидливоста на истите. Се настојувало да биде едночасовна сесија каде на одредено време би испаѓале најбавните возачи, но за Телевизиите кои пренесуваат Ф1 тоа било неприфатливо, бидејќи ќе немале простор за реклами. Затоа повторно ќе имаме 3 пооделни сесии, Q1, Q2 и Q3 како и досега, но со променет формат на испаѓање.
Q1 ќе трае 16 минути
- Најбавниот возач ќе биде елиминиран по седум минути,
- После тоа испаѓа по еден возач на секои 90 секунди,
- Отпаѓаат вкупно 7 возачи.
Q2 ќе трае 15 минути
- Најбавниот возач ќе биде елиминиран по шест минути,
- После тоа испаѓа по еден возач на секои 90 секунди,
- Остануваат 8 возачи за пласман во Q3.
Q3 ќе трае 14 минути
- Најбавниот возач ќе биде елиминиран по пет минути,
- После тоа испаѓа по еден возач на секои 90 секунди, додека не останат двајца возачи во финална борба за Пол позицијата.
Вреди да се напомене дека конечна елиминација во секоја од сесиите ќе се случува по поминување на целната линија, а не кога ќе истекуваат временските периоди.
ТВ ПРЕНОС кај нас во Македонија ќе врши МРТВ, Квалификации и Трка, додека тренинг сесиите ќе може да ги следат оние кои имаат Макс ТВ со вклучени спортски канали. Останатите за тренинзите ќе се снајдуваме по стримовите на интернет.




