На почетокот имавме одложен старт и еден дополнителен загревачки круг, кога Ред Булот на Данил Квјат во првиот не успеа да стигне до својата стартна позиција. Тоа како да ги поколеба двајцата возачи на Мерцедес АМГ кои имаа лоши стартови, па брзопотезно беа претекнати од возачите на Ферари. Себастијан Ветел по првиот свиок ја имаше водечката позиција пред својот тимски колега, кој дополнително имаше помош по незгодниот дуел помеѓу Хамилтон и Розберг. Шампионот требаше да прикочи и да изгуби места и од Розберг, Макс Ферстапен и Фелипе Маса. Зад Хамилтон, Карлос Саинц ЈР. беше седми во вториот болид на Торо Росо.
Возачот на Торо Росо беше првиот што ги посети своите механичари за промена на супер-меките гуми, неколку круга порано од сите останати возачи. Тоа го искористи Даниел Рикиардо кој беше веднаш зад него, дојде до чиста патека пред себе и набрзо го стигна и престигна Фелипе Маса за 6-тото место веќе во десетиот круг. Хамилтон, исто така, лесно го помина Бразилецот, но се најде заглавен зад Ферстапен и наскоро преку тимското радио побара од својот тим да размислат за промена на стратегијата, бидејќи тој не можел да најде начин да го престигне Холанѓанецот.
Од водечките прв за посета на своите механичари се реши Нико Розберг, кој премина на меките Пирели гуми. Ветел го направи тоа два круга подоцна, 15-ти круг, но од Ферари се решија повторно за супер-меки гуми. Тој излезе за малку пред Розберг, но со помош на побрзата компонента успеа да го зачува водечкото место и почна да создава разлика, не во голем обем, но на крај можеби ќе беше доволно за споротиставување на Розберг со меките гуми при крајот на трката. Ваквата агресивна стратегија на Ферари ќе беше возможно да даде резултати, само во случај да нема излегување на безбедносното возило.
Ризикот некогаш се исплатува, некогаш не, што беше случај на оваа трка. Веќе во 17-от круг, Фернандо Алонсо и Естебан Гутиерез во битката за 12-тото место, имаа драматичен судир, особено за Шпанецот, при влезот во третиот свиок. Мекларенот имаше судир со заштитниот ѕид и превртување за на крај да заврши на покрив при подалечната заштитна бариера. Фернандо Алонсо, за среќа излезе неповреден, но неговиот болид беше речиси 100% уништен. Глетката кон остатоците беше страшна, па трката и покрај излегувањето на безбедносниот автомобил, наскоро беше стопирана за да му се овозможи на Медицинскиот автомобил да ги одведе двајцата возачи на превентивни медицински прегледи.
Болидите се наредија по должината на пит линијата. Трката беше стопирана се додека не беа остранети сите остатоци расфрлани низ патеката. Луис Хамилтон непосредно пред ова се префли за медиум гумите, исто како и Нико Розберг, а возачите на Ферари останаа заглавени со супер-меките гуми. Веќе во тој момент се знаеше дека ќе се збогуваат од водечките места.
Кога трката беше рестартирана зад безбедносниот автомобил во 20-от круг, болидите на Мерцедес АМГ(2,7 место) беа на медиум гуми, додека Ферари(1,3 место) беа на супер-меки. Рикардо кој се искачи на четвртото место исто така беше на супер-меки, пред Ферстапен и Саинц ЈР. Зад седмо пласираниот Хамилтон, беа Фелипе Маса и Роман Грожан. Французинот во болидот на Хас е најголем добитник од црвеното знаме, доби промена на гуми во вистински момент и искачување на деветтото место.
Третопласираниот, Кими Раиконен, веднаш почна да се доближува за напад на Нико Розберг за второто место, но по само два круга на патеката, ПЕ на Ферари откажа и Финецот наместо во напад се упати кон својата гаража, кажувајќи им на своите инженери дека негошто се расипало на болидот. Кога го паркираше во боксот, пламени јазици почнаа да излегуваат од отворот за воздух над неговата глава и задниот дел на болидот.
Се остана на Ветел да се бори со Мерцедесите и да се обиде да создаде разлика која ќе му овозможи за да го одржи неговото водство и во завршните фази на трката при уште едното влегување во бокс за меките гуми. Напорите на Германецот за да направи поголема разлика не успеаа, и никако не можеше да се ослободи од Розберг, па кога влезе во бокс во 35-от круг, тој падна на третото место со големо заостанување зад водечките во тој момент болиди на Мерцедес АМГ.
Хамилтон, кој во меѓувреме стигна до второто место, беше поблискиот ривал, но и покрај тоа што Ветел успеа да го притисне во завршната фаза од трката, не успеа да направи нешто повеќе, за да на крај со уште три круга до крајот излета надвор од патеката за скратување на сите негови надежи дека Шампионот може да биде престигнат.
Тие неколку круга на борба Хамилтон VS Ветел е она што го бараме од Формула 1 Шампионатот. Тоа е онаа вистинската магија на нашиот омилен мотоспорт, а адреналинот кај нас и најверојатно повеќето Ф1 фановите беше на највисоко ниво. Но, исто и кај самите возачи: "Кога Себастијан беше зад мене, бев возбуден, бидејќи јас бев во трката со Себастијан", изјави Хамилтон. "Но, за жал, на оваа патека не овозможува да се има сериозни битки, тешко е да се следи болидот што е блиску пред вас, што малку жално."
Нико Розберг финишираше без грешка за негова 15-та Ф1 победа во кариерата, пред Луис Хамилтон и Себастијан Ветел на останатите две места од победничкиот подиум. Даниел Рикиардо заврши на четврто место, што беше одлична завршница по стартот од осмата позиција и се тоа на задоволство на неговата домашна публика. Фелипе Маса го освои петтото место за тимот на Вилијамс, а Грожан стигна до извонредното шесто место за Американскиот тимот Хас за првите поени веднаш на нивната деби трка во Формула 1.
Французинот беше пресреќен, велејќи дека овој успех е рамен на Победа. Нико Хулкенберг, Валтери Ботас, Карлос Саинц ЈР. и Макс Ферстапен го комплетираа Топ 10 пласман кој носи поени. Ферстапен повторно ни приреди уживање со неговото смело и агресивно возење, и е штета што не беше крунисано со многу подобар пласман.
Голема награда на Австралија, Алберт Парк, Мелбурн.
58 круга, 307.574км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. Возач Тим Време
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1ч48:15.565
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 8.060
3. Себастијан Ветел Ферари + 9.643
4. Даниел Рикардо Ред Бул + 24.330
5. Фелипе Маса Вилијамс + 58.989
6. Роман Грожан Хас + 1:12.081
7. Нико Хулкенберг Форс Индија + 1:14.199
8. Валтери Ботас Вилијамс + 1:15.153
9. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 1:15.680
10. Макс Ферстапен Торо Росо + 1:16.833
11. Џолион Палмер Рено + 1:23.399
12. Кевин Магнусен Рено + 1:25.606
13. Серџо Перез Форс Индија + 1:31.699
14. Џенсон Батон Мекларен + 1 круг
15. Фелипе Наср Заубер + 1 круг
16. Паскал Верлајн Манор + 1 круг
Најбрз круг: Д.Рикиардо - 1:28.997
- 2015 1:30.945
- 2014 1:32.478
БЕЗ ПЛАСМАН:
Возач Тим
Маркус Ериксон Заубер
Кими Раиконен Ферари
Рио Харјанто Манор
Естебан Гутиерез Хас
Фернандо Алонсо Мекларен
Данил Квјат Ред Бул
Генерален Пласман по 1-та трка:
Возачи: Конструктори:
1. Нико Розберг 25 Мерцедес АМГ 43
2. Луис Хамилтон 18 Ферари 15
3. Себастијан Ветел 15 Вилијамс 14
4. Даниел Рикардо 12 Ред Бул 12
5. Фелипе Маса 10 Хас 8
6. Роман Грожан 8 Форс Индија 6
7. Нико Хулкенберг 6 Торо Росо 3
8. Валтери Ботас 4
9. Карлос Саинц ЈР. 2
10. Макс Ферстапен 1



