Следењето на болидот пред себе се покажа комплицирана задача, па следствено на тоа претекнувањето е многу тешко. Како и на секоја улична трка, клучно за добро место и што повисок пласман ќе биде освоената стартна позиција и силен старт. Пирели, исто како и на првите три трки ги носи медиум, меките и супер-меките гуми, кои полесно ја достигнуваат нивната работна температура.
Асфалтот е мазен и неабразивен и се очекува висок степен на еволуција на патеката, од многу лизгава патека во петок, до "гумирана" за трката. Поради се ова се очекува мал број пит-стопови поради малата деградација и трошење на гумите.
Патеката е со вкупна должина од 5.848 километри со што е третата најдолга во календарот, зад СПА и Силверстоун. Најкритичен свиок во Сочи е третиот, кој беше инспириран од познатиот свиок број 8 во Истанбул парк, и двата дизајнирани од Херман Тилке. Најдолгиот правец изнесува 650 метри.
Победувајќи во претходните три трки, Нико Розберг е лидер во шампионатот на возачи со 36 поени предност пред својот тимски колега. Ова би можело да биде последена дневна трка, а Русите најавуваат ноќна трка во Сочи за 2017 година.
По постигнатите резултати во Кина, сите очекуваат уште еден добар настап и конкурентен болид на Ред Бул, кој би предизвикал поместување меѓу фаворитите.
Исто така Ферари многу рано се одлучи за надградба на ПЕ и ново предно крило за брзите патеки. Маурицио Аривабене, тимскиот шеф на Италијанците, вели дека оваа надградба не е од големо значење, дека оваа сезона ќе оделе со помали надградби, т.е. постепено зголемување на перформансите.
За разлика од минатата година кога во Сочи беше есен, сега е рана пролет, па по завршување на трката за Големата Награда на Русија, може да заминете на скијање, бидејќи ски сезона во Сочи завршува околу 20-ти Мај.
Мерцедес АМГ, гледано како тим, пристигнува во Сочи со добра шанса за зголемување на предноста кај табелата на конструктори. Кога сме веќе кај нив, да кажеме дека тие не успеаа да се договорат за новите правила кои би се вовеле за 2017 болидите.
Временскиот распоред се враќа на "нормална" за нас Европска саатница, со Квалификациите во Сабота, 14:00 часот и Трка, Недела, исто така 14:00 часот по Македонско време.






