Луис Хамилтон го забележа најбрзото време и беше за 0.3 секунди побрз од својот тимски колега и ривал за Титулата, Нико Розберг, на првиот тренинг за Големата Награда на Европа. Валтери Ботас заостануваше 0.7 секунди со третото најбрзо време и најдобра поставеност на соодносот на 8-та брзина од менувачот на болидите на Вилијамс во однос на останатите тимови. Тоа би требало да дојде до израз на стартно-целниот правец и единствената реална шанса за претекнување при првиот свиок.
Поради тесната патека и бариерите во стилот на Монако, возачите беа екстра внимателни, а Даниел Рикиардо ни покажа дека и најмалата грешка може да има катастрофални последици по болидите. Тој го предизвика единственото црвено знаме на сесијата, која не се одвиваше во најдобро светло за неговиот тим.
Австралијанецот при многу мала брзина го загуби задниот крај на својот РБ12 при свиокот со број 15, удри во TESCO бариерите и го уништи задниот десен дел од својот болид. Тоа ќе отвори многу работа за механичарите на Ред Бул за да стигнат да го поправат болдиот за вториот тренинг.
Исто така, Макс Ферстапен неговиот тимски колега не помина многу време на патеката, кога тимот забележа истекување на масло од неговиот болид. Од Ред Бул потврдија дека треба да го симнат менувач за да се провери задниот дел на РБ12.
Ферари со слаб настап на сесијата, а Ветел и Раиконен никако не можеа да го смират болидот на патеката. Старата болка на Ферари, при секое посмело притискање на гаста болидот има тенденција да бега надвор од тркачката патека.
Имаат многу мал грип, можеби најлош од сите тимови, што ги оневозможува да постават побрзи времиња, а го имаат потенцијалот. Треба многу да работат на вистинското подесување на болидите. Така кај болидот на Финецот се работеше многу на предниот дел, што го остави долго време во својата гаража.
Гледајќи низ поредокот, може да се каже дека и тимот на Торо Росо не се снајде баш најдобро, со Данил Квјат со 17-тото најбрзо време, со 4 секунди заостанување зад првото место на табелата. Карлос Саинц ЈР. благодарејќи на супер-меките гуми, а единствено тој и Мерцедесите ги пробаа најмеките гуми на Пирели за оваа сесија, го забележа деветото најбрзо време.
Добар резултат од Мекларен, со двајцата возачи во најбрзите десет, но Ерик Булие во интервју за Скај Ф1 најави тешка борба за пласман во Q3 на утрешните квалификации, што упатува на заклучок дека за пореална проценка за формата на тимовите ќе траба да го почекаме и вториот тренинг кој започнува во 15:00 часот по македонско време, интервал кога ќе се одржува и самата трка во недела.
ПРВ СЛОБОДЕН ТРЕНИНГ
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА КРУГA
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:46.435 23
2. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:46.812 + 0.377 32
3. Валтери Ботас Вилијамс 1:47.096 + 0.661 34
4. Фернандо Алонсо Мекларен 1:47.989 + 1.554 21
5. Себастијан Ветел Ферари 1:48.627 + 2.192 26
6. Серџо Перез Форс Индија 1:48.922 + 2.487 17
7. Џенсон Батон Мекларен 1:49.019 + 2.584 21
8. Фелипе Маса Вилијамс 1:49.125 + 2.690 22
9. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:49.267 + 2.832 16
10. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:49.301 + 2.866 27
11. Роман Грожан Хас 1:49.611 + 3.176 20
12. Кими Раиконен Ферари 1:49.635 + 3.200 16
13. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:49.778 + 3.343 17
14. Естебан Гутиерез Хас 1:50.167 + 3.732 25
15. Маркус Ериксон Заубер 1:50.473 + 4.038 18
16. Макс Ферстапен Ред Бул 1:50.485 + 4.050 7
17. Данил Квјат Торо Росо 1:50.551 + 4.116 19
18. Џолион Палмер Рено 1:50.910 + 4.475 25
19. Кевин Магнусен Рено 1:50.939 + 4.504 27
20. Паскал Верлајн Манор 1:51.219 + 4.784 24
21. Фелипе Наср Заубер 1:51.771 + 5.336 11
22. Рио Харјанто Манор 1:51.925 + 5.490 28
Даниел Рикиардо во прво лице дозна колку чини и најмалата грешка
Луис Хамилтон ги испробува лимитите на патеката
Ферари и Хас го демонстрираа најреалното место за претекнување

