По искуството со Сочи, сега се очекува мало абење и деградација, па затоа возачите најмногу ги бираа супер-меките гуми. Престигнувањето ќе биде тешко остварливо на поголемиот дел од патеката поради малата нејзина ширина, што значи дека квалификациите и вистинската стратегија ќе бидат од витално значење. Најдобро и реално остварливо место за претекнување е првиот свиок. Баку уличната патека со своите шест километри ќе биде втора по должина на кругот во сегашниот календар, веднаш зад СПА-Франкоршамп.
Новата патека со себе носи уникатен сет од предизвици. Тимовите по пристигнувањето ќе треба од прва рака да соберат многу податоци за однесувањето на своите болиди, почнувајќи од нула, т.е. не баш од ништо, бидејќи некои одредени информации се однапред достапни. ФИА им обезбедува детален опис, додека Пирели обезбедува анализа на асфалтот, а врз основа на овие податоци тимските симулатори имаат клучна улога за возачите и инженерите. Сепак нив не може да им се верува 100 процентно.
Нити тимовите, нити возачите немаат претходно искуство со патеката, па затоа би требало да очекуваме многу акција на тренинг сесиите. Прогнозираното време на еден круг е околу 1 минута и 50 секунди, а најголемата брзина од над 330 км/ч се очекува да биде постигната на стартно-целниот правец. Сепак поради фактот што патеката е доста тесна, со речиси никакви места за излетување, спринтот од пол позицијата до првиот свиок е само 330 метри, еден од најкратките во календарот.
Баку уличната патека претставува необичен спој, што може да донесе неочекувани предизвици како што одминува викендот. Со претежно бавни свиоци, таа има многу слична конфигурација на потисна сила како во Монако. Сепак, овие свиоци се во комбинација со многу долги правци, што ја прави комбинација на Монца и Монако, две спротивни конфигурации во однос на потисната сила. Останува на тимовите да го најдат оптималниот баланс помеѓу потисната сила и влечата на болидот.
Теоретски сите тимови ги имаат параметрите кои би дале релативно јасна слика за подесувањето, но, тоа ќе мора да биде потврдено и во пракса во текот на викендот. Приоритет нема да биде да се има најбрзо време во еден круг, ако болидот е премногу бавен на правците, а со тоа подлежен на претекнувања во текот на трката. Овој ефект, генерално, ќе ги однесе болидите поблиску до подесувања како за Монца, од колку како за Монако.
Што се однесува до Генералниот пласман на возачи работите не се движат во вистинската насока за Нико Розберг. Тој од Шпанското ГП на 15 мај, поточно, по моментот кога од надворешната страна го помина својот тимски колега и кога сите мислеа дека тој ќе ја забележи осмата последователна победа тоа не се случи. Веќе во наредниот свиок возачите на Мерцедес АМГ завршија во чакалот покрај патеката.
Во следните две трки, Монако и Монтреал, Хамилтон се врати на победничките патеки, додека Розберг ги заврши на седмо и петто место. Неговата предност сега изнесува само 9 поени. Добрата вест за него е што тој се уште води во шампионатот, но, сега нема простор за натамошни грешки, особено што сега колку-толку Ред Бул и Ферари покажуваат подобри перформанси.
Првите четири стартни позиции во Канада беа во опсег од само 0.3 секунди, а ако Себастијан Ветел и Ферари имаа подобра стратегија во трката сигурно ќе стигнеа до првата победа оваа сезона. За прв пат, од почетокот на доминацијата на Мерцедес АМГ тие се наоѓаат под релативно реална закана од двата споменати тима речиси на секоја патека, и тие се свесни за тоа. Но, како и на секоја нова патека, кога се оди во непознато, предвидувањето е далеку потешко од вообичаеното.
Од Ред Бул, наводно, очекуваат да изгубат околу 1.2 секунди на долгите правци, нешто што нивната шасија која работи перфектно низ свиоците не може да го неутрализира доволно. Значи би требало да очекуваме повеќе отпор од тимот на Ферари за забележување на нивната прва победа.
Нивните најнови надградби на турбото ја донесоа Ферари ПЕ некаде на ниво на силината на Мерцедес ПЕ, но треба уште многу да се работи на нивната шасија и менаџирање со гумите на Пирели. Останува да се надеваме на што поинтересен викенд, кој започнува со првите тренинг сесии во петок од 11 и 15 часот по наше време.
МЕГА ГАЛЕРИЈА - ПАТЕКАТА НИЗ ФОТОГРАФИИ
































































































