Виновник за судирот помеѓу тимските колеги беше Нико Розберг, кој од стјуардите беше казнет со +10 секунди на своето време, што не го промени резултатот, како и 2 казнени поени во неговата Ф1 лиценца. За движење со оштетен болид доби само опомена.
Стартувајќи од пол позицијата, Хамилтон го задржа водството и по првиот свиок, за потоа само да го зголемува своето водство. Во оваа рана фаза на трката Розберг напредуваше низ поредокот по стартот од шестата позиција. Германецот се искачи на третото место зад Раиконен пред неговиот прв пит-стоп во 10-от круг, кога тој го смени ултра-меките за меки гуми. Зад него, во таа фаза беа Ферстапен, Ветел и Рикиардо.
Хамилтон, пак, остана на патеката, обидувајќи се да остане што подолго со ултра-меките гуми, поради најавите за можен дожд. Но, дождот ја заобиколи патеката и Британецот, во 21-от круг, мораше во бокс по нови гуми. Како и Розберг и тој премина на меките гуми. Неговото задржување не помина без проблеми, задното лево тркало не сакаше да се намести како треба, па тој излезе зад Розберг.
Ферари и Ветел во тие моменти се најдоа на првото место и се обидуваа да ги извадат максимумот од супер-меките гуми. По кој знае кој пат во Италијанскиот тим се прекалкулираа и во 26-от круг експлодираше задната десна гума. Тоа се случи на стартно/целната рамнина, болидот се изврте и заврши во бариерите покрај патеката. Следуваше фаза на безбедносното возило. Во таа фаза на трката Розберг го користеше максималниот капацитет на својот болид создавајќи пристојна разлика пред својот тимски колега, а сето тоа беше анулирано со влегувањето на безбедносното возило. Можеби и овој факт доведе до неговата непромислена реакција во инцидентот од последниот круг.
Кога трката беше рестартирана Розберг го задржа првото место, пред Хамилтон, Ферстапен, Рикиардо и Раиконен. Во текот на вториот стинт возачите на Мерцедес АМГ наизменично се натпреваруваа во поставувањето на најбрзиот круг на трката, одржувајќи ја истата разлика во текот на целиот период. Нивното темпо беше недостижно за болидите на Ред Бул, кои почнаа да заостануваат, што му овозможи на Кими Раиконен полека, но сигурно, да ги стигнува. Да, напоменеме дека Раиконен повторно беше жртвуван од својот тим , па чекајќи да влезе Ветел, при неговиот инцидент и излегувањето на безбедносното возило не беа спремни за него. А според прикажаното можеби ќе го искористеше дуелот до "коска" на тимските колеги во Мерцедес АМГ.
Финецот успеа да го помине првиот болид на Ред Бул, и тоа тој на Рикиардо во 57 круг и веднаш тргна во потера на Ферстапен. Тоа беше знак за Австралијанецот дека е време да го направи финалниот пит-стоп, по кој за кратко се најде зад Џенсон Батон со болидот на Мекларен, но лесно го претекна за да си го врати петтото место. Кими успеа да стигне до младиот Холанѓанец, но не доби шанса да се обиде да го претекне по развиорените жолти знамиња по инциденот Розберг/Хамилтон.
Британецот успеа да се залепи зад болидот на Розберг, кој да напоменеме дека имаше проблеми со сопирачките, и на крајот следуваше потег кој никој не го очекуваше. Британецот, ги вложи сите карти и се обиде да претекне од надворешната страна низ вториот свиок, беше принуден на широк лак, а Розберг се одлучи да му ја затвори патеката по што дојде до неизбежниот и контроверзен судир. Повторно, Розберг попушта под притисокот кога ја брани својата позиција, но и кога ќе се одлучи за огромен ризик не знае како да го направи тоа, и си прави лоши услуги самиот на себе.
Хамилтон продолжи до неговата трета победа оваа сезона и 46-та во неговата кариера, а Розберг го загуби предното крило, но и пласман на подиумот. Неговото четврто место беше под знак прашалник, бидејќи следуваше истрага кај стјуардите за судирот и возење со сериозно оштетен болид. Епилогот од истрагата го кажавме на почетокот од овој извештај. Ферстапен стигна до својот втор подиум во неговата кариера, а Раиконен ја спасуваше честа на Ферари со третото место.
Розберг и Рикиардо завршија на четвртото, т.е. петтото место, пред Џенсон Батон, кој го забележа својот најдобар резултат во оваа сезона. Роман Грожан го врати тимот на Хас во освојувачите на поени со седмото место, додека Карлос Саинц ЈР. беше осми за Торо Росо. Деветтото место му припадна на Валтери Ботас, а Паскал Верлајн го забележа првиот Ф1 поен за тимот на Манор со 10-тото место.
Луис Хамилтон со оваа победа ја намали својата негатива на 11 поени зад неговиот тимски колега на првото место од генералниот пласман на возачи. Следната трка од 2016 Ф1 Шампионатот се вози веќе следната недела, 8-10 Јули, на патеката Силверстоун, Англија.
Голема Награда на Австрија, Ред Бул Ринг
71 круга, 307.146км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1ч27:38.107
2. Макс Ферстапен Ред Бул + 5.719
3. Кими Раиконен Ферари + 6.024
4. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 26.710
5. Даниел Рикиардо Ред Бул + 30.981
6. Џенсон Батон Мекларен + 37.706
7. Роман Грожан Хас + 44.668
8. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 47.400
9. Валтери Ботас Вилијамс + 1 круг
10. Паскал Верлајн Манор + 1 круг
11. Естебан Гутиерез Хас + 1 круг
12. Џолион Палмер Рено + 1 круг
13. Фелипе Наср Заубер + 1 круг
14. Кевин Магнусен Рено + 1 круг
15. Маркус Ериксон Заубер + 1 круг
16. Рио Харјанто Манор + 1 круг
17. Серџо Перез Форс Индија + 2 круга
* резултатите се со вклучени казни
НАЈБРЗ КРУГ: Луис Хамилтон - 1:09.010
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ
Фернандо Алонсо Мекларен
Нико Хулкенберг Форс Индија
Фелипе Маса Вилијамс
Себастијан Ветел Ферари
Данил Квјат Торо Росо
Генерален пласман по 9 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Нико Розберг 153 1. Мерцедес АМГ 295
2. Луис Хамилтон 142 2. Ферари 192
3. Себастијан Ветел 96 3. Ред Бул 168
4. Кими Раиконен 96 4. Вилијамс 92
5. Даниел Рикиардо 88 5. Форс Индија 59
6. Макс Ферстапен 72 6. Торо Росо 36
7. Валтери Ботас 54 7. Мекларен 32
8. Серџо Перез 39 8. Хас 28
9. Фелипе Маса 38 9. Рено 6
10. Роман Грожан 28 10. Манор 1
11. Данил Квјат 22
12. Карлос Саинц ЈР. 22
13. Нико Хулкенберг 20
14. Фернандо Алонсо 18
15. Џенсон Батон 13
16. Кевин Магнусен 6
17. Паскал Верлајн 1
18. Штофел Вандорн 1