Првите две сесии од денешните квалификации поминаа без некои поголеми изненадувања. Во оваа категорија може да ја ставиме само непредвидената елиминација во Q1 на Данил Квјат. Рускиот возач се квалификуваше дури на 19-тата позиција зад Кевин Магнусен со Рено и Паскал Верлајн со Манор. Квјат беше многу исфрустриран со овој факт, што го искажа и низ тимското радио, а сол на рана беше 12-тото најбрзо време за влез во Q2 сесијата на својот тимски колега, Карлос Саинц ЈР..
Шпанецот во Q2 не можеше ништо повеќе од пласман на 13-тата стартна позиција, но ќе стартува три места подолу на гридот, откако стјуардите одлучија дека тој го попречил Фелипе Маса во тек на неговиот брз круг.
Изненадување на денот ќе беше Естебан Гутиерез кој на истечено време од Q2 сесијата се наоѓаше во Топ 10 пласманот, но Фелипе Маса успеа да го победи со својот последен брз круг за 0.184 секунди. Зад Гутиерез, Џенсон Батон беше 12-ти за Мекларен, пред Саинц, Алонсо, Грожан во вториот Хас и Палмер од Рено.
Французинот во тимот на Хас исто така има казна од 5 стартни места поназад за утрешната трка, откако неговите механичари мораа да го променат менувачот по проблемите во пред-пладневниот трет тренинг.
По леснотијата низ првите две сесии, (возачите на Мерцедес АМГ беа единствените кои што ја поминаа Q1 само на меки гуми), Розберг тргна да го постави првиот брз круг во последниот Q3 сегмент, но мораше да се откаже од него кога неговиот болид едноставно се исклучил поради проблем со електрониката.
"Одеднаш ја изгубив педала за гас. Моторот целосно ја изгуби својата моќ, при крајот на кругот. Тоа беше разочарувачки, но јас се надевам дека нема да имам ваков тип проблеми на утрешната трка. Пред овој момент, тоа никогаш не се случило, па сигурен сум дека се ќе биде во ред."
Розберг влезе во бокс кон своите механичари за поправка на проблемот, додека останатите возачи ги забележаа своите први времиња. Неговиот тимски колега, Луис Хамилтон, го имаше најбрзото време, пред Рикиардо со само 0.250 секунди предност.
Тоа беше дополнителен притисок за Германецот во сребрените стрели кој сакаше да се покаже пред домашната публика, која патем речено и не го смета баш толку како свој т.е. Германец.
Проблемот во неговиот болид беше набрзо решен, па додека останатите возачите се вратија во бокс за припрема на нивните втори брзи кругови, Розберг излезе порано на патеката со дополнително количество на гориво за три круга и доволно време за втор обид ако првиот не помнине како што посакуваат.
Веднаш по првиот сектор беше јасно дека неговата брзина е доволна да го победи најбрзото време на Луис Хамилотон за да ја преземе привремената Пол позиција, која беше и конечна кога Хамилтон не успеа да го подобри своето прво брзо време. За Розберг тоа беше неговата 27 Пол позицијата во неговата кариера и петта во оваа сезона.
Рикиардо ја задржа 3-тата стартна позиција зад Хамилтон и призна дека иако тој се приближил до Мерцедесите, не чувствувал дека е возможно да се предивикаат за првтата позиција.
Покрај него на вториот ред ќе се приклучи неговиот тимски колега Макс Ферстапен, а во третиот ред ќе бидат болидите на Ферари. Петтата позиција за Кими Раиконен и шестата за Себастијан Ветел, кој е премногу нервозен на својата домашна патека.
Зад нив, Нико Хулкенберг го имаше седмото најбрзо време, но дали ќе стартува од таа позиција на гридот зависи од одлуката на стјуардите поради негово користење на гуми кои требало да бидат вратени по третиот тренинг. Во најбрзите 10 возачи влегоа уште Валтери Ботас, Серџо Перез и Фелипе Маса.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:14.363
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:14.470 + 0.107
3. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:14.726 + 0.363
4. Макс Ферстапен Ред Бул 1:14.834 + 0.471
5. Кими Раиконен Ферари 1:15.142 + 0.779
6. Себастијан Ветел Ферари 1:15.315 + 0.952
7. Нико Хулкенберг* Форс Индија 1:15.510 + 1.147
8. Валтери Ботас Вилијамс 1:15.530 + 1.167
9. Серџо Перез Форс Индија 1:15.537 + 1.174
10. Фелипе Маса Вилијамс 1:15.615 + 1.252
* под истрага за користење недозволени гуми
UPDATE: Казна од една стартна позиција поназад
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:14.748
11. Естебан Гутиерес Хас 1:15.883 + 1.135
12. Џенсон Батон Мекларен 1:15.909 + 1.161
13. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо** 1:15.989 + 1.241
14. Фернандо Алонсо Мекларен 1:16.041 + 1.293
15. Роман Грожан* Хас 1:16.086 + 1.338
16. Џолион Палмер Рено 1:16.665 + 1.917
* 5 стартни места поназад
** 3 стартни места поназад
Q1 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:15.243
17. Кевин Магнусен Рено 1:16.953 + 1.473
18. Паскал Верлајн Манор 1:17.123 + 1.474
19. Данил Квјат Торо Росо 1:17.200 + 1.633
20. Рио Харјанто Манор 1:17.238 + 1.734
21. Фелипе Наср Заубер 1:17.355 + 1.880
22. Маркус Ериксон Заубер 1:17.442 + 1.995
107% време: 1:20.510
Кругот за Пол на Нико Розберг...