Патеката Хокенхајмринг ќе биде домаќин на 35-тата Ф1 трка во својата историја и место каде ќе се одвива Големата Награда на Германија по 75-ти пат. Тркачката треска започнала кога на 29 мај 1932 година се одржал настанот под име "1st motorcycle race". Во тоа време, никој не можел да предвиди какво влијание тоа ќе има врз овој мал град, кој со тек на времето ќе стане познат низ целиот свет.
84 годишната историја на моторни трки била сведок на многу рекордни подвизи и
моменти на спортска слава. Сите познати тркачки легенди минале низ познатата Баден траса, гледани од страна на милиони навивачи на трибините, но исто така и од фановите низ целиот свет преку многуте телевизиски преноси од патеката.
Тоа е една од ретките патеки со традиција, која лесно им конкурира на новите модерни патеки, и уште припаѓа во врвот на меѓународните тркачки патеки. Формула 1 трка за прв пат се одржала тука во 1970 година, и е еден од најголемите национални спортски настани за Германија. Барем така беше низ историјата, дали тоа ќе остане и во иднината останува да видиме.
Оваа 2016 сезона ќе има посебен шмек поради едногодишната пауза, а возачите секогаш уживаат во фасцинантната атмосфера во легендарниот Motodrom, пред се поради близината на фановите до возачите. Сето ова викендот во Хокенхајм го прави уникатен и посебен.
Германското Гран При е 12-тата трка, а четири возачи ќе уживаат пред домашната публика: Нико Розберг, Себастијан Ветел, Нико Хулкенберг и Паскал Верлајн. Хокенхајмринг спаѓа во брзите патеки, слична по својата поставеност на неодамна посетената Ред Бул ринг, благодарение на низата од средно-долги правци во првата половина од кругот, на кои болидите ќе забрзуваат над 300км/ч, за на крај да следуваат зони на нагло сопирање.
Главната можност за претекнување е шестиот свиок, каде болидите се приближуваат со брзина поголема од 330км/ч, по што следи забавување од 6G, за да се стигне до безбедните 75км/ч за поминување на истиот. Силното сопирање и повеќето тркачки линии низ овој свиок се главните фактори за претекнување. Вториот дел од патеката е далеку побавен, со што се создава простор за интересни компромиси при подесувањето на болидите.
По победата во Унгарија, Луис Хамилтон, за прв пат оваа година, доаѓа во Германија како лидер во генералниот пласман на возачи. Нико Розберг се сели на втората позиција со заостанување од шест поени, по серијата од пет победи на Британецот во последните шест трки.
На Хунгароринг ја видовме третата сезонска 1-2 Победа на Мерцедес АМГ, што значи дека германскиот производител на домашна територија доаѓа со предност од 154 поени во генералниот пласман на конструктори.
Првото место е решено, но многу поблиска е битка за второто помеѓу Ферари и Ред Бул, каде италијанскиот тим води со само еден поен предност пред своите ривали. Но, кој го интересира кој ќе биде втор?!? Во овој врвен мотоспорт важни се само Првите места.
ВО ПРЕСРЕТ НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ГЕРМАНИЈА
7/27/2016 11:28:00 PM
0
Share to other apps