Втората половина од 2016 сезоната, традиционално започнува со Големата Награда на Белгија, која се вози на патеката СПА-Франкоршамп, една од најпосакуваните за возачите и дел од историјата на Формула 1. Се карактеризира со долг круг од седум километри, кои се поминуваат со голема брзина, големи промени на елевацијата, брзи свиоци и променливи временски услови. Искачувањето преку Eau Rouge до облаците надвиснати над дрвјата од шумите на Ардените е една од повеќето незаборавни глетки во овој мотоспорт. Тoа е една од неколкуте патеки кои ја задржаа магијата на нивниот оригинален изглед и преку новиот, модернизиран и скратен распоред, благодарение на своите легендарни делови како Eau Rouge, Pouhon и Blanchimont.
Пирели ги номинираше супер-меките, меките и медиум гуми кои претставуваат најдобар компромис меѓу перформансите и издржливоста. СПА е трка каде што може да се случат многу неочекувани пресврти, со висока шанса за безбедносното возило, до неочекувана промена на времето, па стратегија на тимовите е многу значајна, т.е. нивната способност да ги прочитаат овие услови и да реагираат најбрзо што можат. Белгиското Гран При, го претставува најтешкиот тест за Погонските единици во сезоната. Времето поминато под полн гас е на нивото на Монца, но свиоците и промената во елевацијата ја зголемуваат нивната оптовареност.
Луис Хамилтон пред почетокот на летната пауза беше во извонредна форма со шест победи од седум трки со што дефицитот од 43 поени зад својот тимски колега, Нико Розберг го претвори во предност од деветнаесет на првото место во генералниот пласман на возачи. Нико Розберг остана без победа по Европското Гран При и голем пад во формата, по одличниот почеток на оваа сезона. Макс Ферстапен и Ред Бул се единствениот возач и тим кој успеа да дојде до Победа во 2016 Шампионатот, но и тоа беше најмногу по заслуга на тимот на сребрените стрели, по судирот на двата нивни болиди на патеката Каталуња во Барселона.
Од тимот на Ферари се очекуваше најмногу, но, наместо да напредуваат кон врвот, тие започнаа да назадуваат, па тоа го искористи Ред Бул, тим кој го сега се наоѓа на второто место во генералниoт пласман на конструктори, зад недостижните Германци. Во однос на Белгиското ГП, Кими Раиконен е најуспешниот активен возач, со четири Победи на СПА-Франкоршамп и тоа во 2004, 2005, 2007 и 2009 година. Следуваат со по две победи, Хамилтон, 2010 и 2015, и Себастијан Ветел, 2011 и 2013-та.
За оваа година нема значајни промени на патеката и самата инфраструктура, освен неколкуте мали промени на рабниците и зголемување на дренажниот капацитет при свиоците со број 1, 7, 18. Од овој викенд ќе се навикнувате на Естебан Окон, резервниот возач на Рено, кој му го зеде местото на Рио Харјанто во тимот на Манор. Временскиот распоред е типичен за Европските патеки и може да го погледнете подетално на следниот линк.
ВО ПРЕСРЕТ НА БЕЛГИСКОТО ГРАН ПРИ, СТАРТ НА ВТОРИОТ ДЕЛ ОД 2016 СЕЗОНАТА
8/24/2016 11:33:00 AM
0
Share to other apps