Луис Хамилтон трката ќе ја започне од последниот ред на гридот, поради казните за вградените нови делови на неговата ПЕ, а тоа ќе биде шанса за Розберг да намали од дефицитот од 19 поени. Сепак, Нико Розберг рече дека денес не било баш лесно да се дојде до првата стартна позиција, иако неговиот најголем ривал квалификациите ги заврши уште во првата сесија.
Разликата помеѓу него и Холандскиот тинејџер од Ред Бул изнесуваше само една десетинка од секундата, и тоа при максимални перформанси на Мерцедесот, што значело дека и најмалата негова грешка можело да го чини лош пласман:
"Овој викенд не одеше како што посакувавме, особено на денешниот тренинг. Немавме добри перформанси при еден круг, така што навистина не беше толку лесно да се дојде до Пол позицијата. Направивме неколку промени на болидот пред почетокот на квалификациите и донекаде го најдовме вистинското подесување. На крај, се чувствувам добро, и сум многу задоволен со мојата стартна позиција."
Ферстапен, исто така, имаше тежок период на денешниот тренинг, при кој поради проблем со менувачот извозе само два инсталациски круга. Но, Холанѓанцот понесен од своите многубројни фанови се обиде со сите сили да дојде до својата прва Пол позиција. Тоа за малку не му успеа, но како што кажавме стана најмладиот возач кој ќе стартува од првиот ред.
"Јас сум многу среќен што ќе бидам на првиот ред во СПА, пред сите мои фанови. Мислам, ова е одлично, да се забележи овој рекорд, но сакам да забележам некои други рекорди. Мислам дека, да се биде толку блиску до Мерцедес на патека со навистина долги правци, ние може да бидеме многу задоволни. Целиот викенд протекнува многу добро за нас, и покрај тоа што имавме некои ситни проблеми ова утро. Механичарите завршија одлична работа и во квалификациите болидот работеше навистина добро, како што можевте да забележите во вториот сектор. Јас сум многу задоволен со втората позиција, овде пред моите фанови, што за мене претставува голема мотивација за што подобар резултат на утрешната трка."
Ферари, повторно победен од тимот на Ред Бул, со Раиконен на третата, а Ветел на четвртата стартна позиција. Двајцата не беа баш задоволни како поминала квалификациската сесија. Себастијан Ветел не беше задоволен со својот последен круг, се жалеше на недостаток на грип во последниот свиок, а Раиконен изјави дека Пол позицијата била возможна за освојување.
"Изгубив неколку десетинки во последната шикана, па очигледно дека Пол позицијата беше реално остварлива, па сега сум малку разочаран, бидејќи кога веќе бевме толку блику требаше да ја освоиме. Но, кога ќе го погледнеме пласманот на претходните неколку трки ние треба да сме задоволни со нашите позиции на денешните квалификации."
Даниел Рикиардо се квалификуваше на петтата позиција, и беше еден од четирите возачи, кои своето најбрзо време во Q2 сесијата го поставија на меките гуми на Пирели. Неговата стратегија ја имаа и водечкиот Розберг и двајцата возачи на Ферари.
Зад Рикиардо се пласираше дуото на Форс Индија со Серџо Перез пред Нико Хулкенберг. Валтери Ботас со болидот на Вилијамс стигна само до 8-та стартна позиција, пред Џенсон Батон и Фелипе Маса. За разлика од својот тимски колега од Мекларен, Фернандо Алонсо, ќе му прави друштво на Хамилтон во задниот дел на гридот, благодарение на повеќето казни, исто така за промена на делови од ПЕ.
Шпанецот во редовите на Мекларен не успеа да постави време во првата Q1 сесија, откако неговиот болид запре на патеката. Ако бидат потребни уште промени на делови во пресрет на трката, тоа ќе значи и понатамошни казни, но барем ќе собира резервни делови за остатокот од сезоната како што тоа го правеше Хамилтон.
2016 БЕЛГИСКО ГП - КВАЛИФИКАЦИИ
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:46.744
2. Макс Ферстапен Ред Бул 1:46.893 + 0.149
3. Kими Раиконен Ферари 1:46.910 + 0.166
4. Себастијан Ветел Ферари 1:47.108 + 0.364
5. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:47.216 + 0.472
6. Серџо Перез Форс Индија 1:47.407 + 0.663
7. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:47.543 + 0.799
8. Валтери Ботас Вилијамс 1:47.612 + 0.868
9. Џенсон Батон Мекларен 1:48.114 + 1.370
10. Фелипе Маса Вилијамс 1:48.263 + 1.519
Q2 Најбрзо време: Нико Розберг 1:46.999
11. Роман Грожан Хас 1:48.316 + 1.317
12. Кевин Магнусен Рено 1:48.485 + 1.486
13. Естебан Гутиерез Хас 1:48.598 + 1.599
14. Џолион Палмер Рено 1:48.888 + 1.899
15. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:49.038 + 2.039
16. Паскал Верјалн Манор 1:49.320 + 2.321
Q1 Најбрзо време: Фелипе Маса 1:47.738
17. Фелипе Наср Заубер 1:48.949 + 2.070
18. Естебан Окон Манор 1:49.050 + 2.512
19. Данил Квјат Торо Росо 1:49.058 + 4.040
20. Маркус Ериксон Заубер 1:49.071 + 4.191
21. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:50.033 + 4.191
22. Фернандо Алонсо Мекларен без време
107% време: 1:55.280
* 2014: Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 2:05.591
* 2015: Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:47.197