Формула 1 циркусот со две легендарни трки го завршува Европскиот дел од оваа 2016 сезона. После трката во Спа-Франкоршамп, Ф1 тимовите се веќе на патеката Монца, подготвувајќи се за Италијанското Гран При.Оваа патека е една од класиците на Формула 1, изградена е во далечната 1922 година и е една од двете тековни патеки кои што биле домаќини и во инаугуративната сезона на Ф1 шампионатот во 1950 година. Првотo Италијанското ГП се одржало во 1921 година во Бреша, со Jules Goux како Победник, а потоа во 1922 оваа трка се сели во Монца.
Оригиналната Монца имала над 10 километри, и од дамнешни времиња го има епитетот за храм на брзината со просечни брзини кои достигнуваат до 250км/ч., додека Максималната брзина надминува 350 км/ч., па растојанието од 300 км се завршува во најкус рок од целата сезона. Добрата максимална брзина е многу важна за да се постигне добар резултат.
Монца е домашна трка за Пирели, која се наоѓа само половина час возење од матичните канцеларии на компанијата во Милано. Аеродинамичната потисна сила е значително намалена, што значи дека гумите го генерираат поголемиот дел од грипот, што е од суштинско значење за наоѓање на вистинскиот сет-ап. Пирели и за оваа трка ги номинираше супер-меките, меките и медиум смеши. Со само шест зони на сопирање, патеката е релативно нежна кон нивните гуми. Во последните трки трката се дефинираше во трка со само едно застанување во боксевите. За оваа година можеби ќе се смени тој тренд, со првото појавување на супер-меките гуми во Монца.
Големата Награда на Италија која ќе се одржи во недела, ќе биде 67-та по ред, исто така, домашна патека и за Ферари, на која имаат 18 Победи, 19 Пол позиции и 64 подиуми. Сепак, како и на СПА, повторно очекуваме доминација на болидите на Сребрените стрели, како и останатите кои користат Мерцедес ПЕ, која својата моќност убедливо ја демонстрира на ваквите брзи патеки.
Лидерот во генералниот пласман на возачи, Луис Хамилтон имаше брилијантна трка на СПА за ограничување на штетата, поради недостиг на слободни компоненти за неговата ПЕ, од последниот стартен ред заврши на подиумот и со делови за цела 2016 сезона. Неговиот ривал за титулата, Нико Розберг не можеше да направи повеќе од Победа за намалување на разликата, но барем конечно стави крај на серијата победи на Британецот. Сега разликата е само 9 поени, но и мал ветер во грб за Германецот.
Во натпреварот помеѓу конструкторите, првото и третото место на Мерцедес АМГ во Спа-Франкоршамп уште повеќе ја потенцираше нивната доминација, па сега нивното водство изнесува 181 поени во однос на најблискиот ривал, кој сега е Ред Бул, тим кој успеа да ја зголеми својата предност во однос на третопласираниот Ферари. На подолните позиции на табелата, но голема битка за пари водат Форс Индија, кои со добриот резултат го скокнаа тимот на Вилијамс во борбата за четвртото место. Исто така, тимот на Мекларен констатно продолжува со добрите резултати, па на табелата го поминаа тимот на Торо Росо, кој како што се најавуваше почна за стагнира во вториот дел од сезоната.
ВО ПРЕСРЕТ НА ИТАЛИЈАНСКОТО ГРАН ПРИ
9/01/2016 08:06:00 PM
0
Share to other apps