По поминати 14 сезони во овој мотоспорт, Фелипе Маса објави дека ќе се повлече од Формула 1 на крајот од оваа 2016 година. 35-годишниот Бразилец ја вози својата трета сезона со Вилијамс, откако се приклучи на тимот во 2014 година, а на финалната трка во Абу Даби ќе го прослави својот 250 старт.
Фелипе го имаше своето деби во Формула 1 со Заубер во 2002 година, кога веќе во само втората трка за него ги освои првите Ф1 поени. Тој подоцна потпиша како тест-возач на Ферари за 2003 година, пред да се врати во Заубер на две дополнителни години заедно со тест должностите со Ферари. Овој однос го креираше патот за академијата на млади возачи на Ферари, која беше лансирана во 2009 година.
Фелипе своето деби за Ферари го имаше во 2006 година, заедно со седумкратниот шампион Михаел Шумахер. Во таа сезона ги забележа првите две Победи од неговите 11 во Ф1 кариерата и заврши на третото место во генералниот пласман на возачи. Во 2008 година, тој беше многу блиску до освојување на Шампионската титула со Ферари, и му недостигаше само половина круг за да оствари својата амбиција, но Луис Хамилтон во тој половина круг напредуваше доволно места во поредокот за да не го дозволи тоа.
Фелипе Маса: "Јас мора да ја започнам оваа прес конференција со посебна благодарност до мојата жена и мојот татко, целото мое семејство, мојот менаџер Никола и сите луѓе кои ме поддржуваа во текот на мојата кариера. Му благодарам на Бог што ми ја даде оваа можност во мојот живот и, пред сè, за тоа што ме заштитуваше. Огромно благодарам на сите луѓе со кои сум работел со текот на годините."
"Секој тим представуваше посебно доживување, и тоа не само во Формула 1. Имам толку многу сеќавања во текот на годините и се заблагодарувам на сите во сите тимови, кои ми помогнаа да дојдам до каде што сум денес. Мојата кариера е повеќе од што некогаш сум го очекувал и јас сум горд на постигнатото. Конечно, голема е честа да ја завршам кариерата во овој неверојатен тим, Вилијамс Мартини Рејсинг. Тоа ќе биде емотивен ден кога ќе ја завршам Ф1 кариерата со мојот 250-ти старт во Абу Даби."
Ни беше задоволство да го гледаме Фелипе, толку многу се навикнавме на него што навистина ќе недостига, и тоа буквално на сите во овој мотоспорт. Секогаш расположен за разговор и позитивно размислување во комбинација со неговиот Бразилски темперамент и емоции. Исто така и ние, МкФомула1, би сакале да му посакаме многу среќа во она што го носи неговата иднина.
#СРЕЌНО Фелипе и барем уште една Победа на крајот од 2016 сезоната.
ОФИЦИЈАЛНО: ФЕЛИПЕ МАСА СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ФОРМУЛА 1
9/01/2016 05:09:00 PM
0
Share to other apps