На стартот од трката Хамилтон и покрај не толку добриот старт го заджа водството по првиот свиок, но не успеа да помине низ него. Под притисок, Хамилтон закочи премногу доцна, предното тркало блокираше и тој замина право надвор од патеката и низ тревата се врати назад на асфалтот после вториот свиок.
Позициониран директно зад него Ферстапен имаше добар старт и при влезот во првиот свиок беше рамо до рамо со Розберг. Никој не сакаше да попушти и се се заврши, на среќа на Розберг, со мал допир и негово принудно излегување надвор од патеката. Тој не намали, забрза и при вториот свиок се врати пред Холанѓанецот на второто место. Стјуардите започнаа истрага за овој инцидент, но досудија дека тоа бил тркачки дуел.
Во задниот дел на гридот имаше поголем инцидент кога се судрија Маркус Ериксон и Паскал Верлајн. За возачот на Манор тоа беше крај на трката, и за да се отстрани неговиот болид беше имплементирано виртуленото безбедносно возило. Истрагата и за овој инцидент, потврди дека тоа бил само тркачки дуел.
За време на овој период, Даниел Рикиардо беше повикан во боксот на Ред Бул да се ослободи од супер-меките гуми на Пирели, и се врати на патеката со медиум гуми. Како што се одвиваше првиот стинт, тоа изгледаше како добар потег. Во 18-от круг, кога Хамилтон го имаше својот прв пит-стоп, за медиум гуми, Рикиардо беше седми и 22.4 секунди зад во тој момент лидерот на трката, Нико Розберг.
Австралијанецот форсираше со целосниот потенцијал на својот болид со Рено ПЕ, имаше реална можност да го претекне Розберг за второто место, но, во клучните моменти налета на побавниот болид на Перез и доволно беше само два круга блокирање за Нико да излезе повторно пред него со предност од 2.8 секунди кога се врати назад на асфалтот по промената на неговите гуми.
Зад Рикиардо, кој ги префорсира своите гуми, неговиот тимски колега Ферстапен беше многу побрз, па Австралијанецот направи разумен и пред се тимски потег, пропуштајќи го пред себе. Младиот возач успеа да стигне во зона на ДРС-от зад Розберг, имаше обид за негово претекнување со помош на заостанат болид под плаво знаме, но му требаше уште многу малку стабилност при сопирање да помине пред него. Наместо тоа неговите предни тркала блокираа и тој изгуби контрола врз болидот. Гумите беа потрошени и тој се повлече од понатамошни обиди за претекнување на Германецот.
Себастијан Ветел, во тие моменти беше во водство и се уште кружеше со стартните меки гуми и побрзи времиња од второпласираниот Хамилтон, што сугерираше реална шанса дека возачот на Ферари може да влијае на пласманот на подиумот, ако тој успее да запре само еднаш.
Од тимот на Ферари се решија за промена во 33-от круг, кога Ветел се врати назад на медиум гуми. Во тој момент беше на шестото место, нешто повеќе од две секунди зад тимскиот колега Раиконен и 18.6 секунди зад лидерот на трката, Хамилтон пред Розберг, Ферстапен и Рикиардо.
Напред, Хамилтон имаше безбедна предност пред Розберг, кој пак имаше безбедно второ место. На 15 круга до крајот на трката гумите на Ферстапен, кои беа стари 45 круга, почнаа да откажуваат, а стратегијата на Ветел, и Рикиардо, почна да дава резултати и почнаа брзо да го стигаат. На неколку круга до крајот, Ветел се најде во рамките на ДРС зоната зад Холанѓанецот.
Следуваше напад, но возачот на Ред Бул кочеше најдоцна што може, излезе надвор од патеката, и по скратена линија на движење повторно се врати пред Ферарито. Ветел беше убеден дека тој мора да го пропушти, истото го мислеше и тимот на Ред Бул, но Ферстапен се одлучи да не го отстапи третото место, и верувал дека нема да биде казнет, по логиката на стјуардите кои не го казнија Хамилтон за слично однесување на стартот од трката.
Рикиардо пак беше зад Ветел, и започна напад над возачот на Ферари, кој го промени својот правец на движење при сопирање и за малку ќе имаше посериозен судир, но нивната професионалност и брза реакција го спречи. Меките гуми на Рикиардо беа уништени и тој се повлече од понатамошни напади, но и по одлуката на стјуардите дека ќе го разгледуваат овој инцидент по трката. На крај, Луис Хамилтон ја забележа неговата 51-та победа во Ф1 кариерата пред Розберг, но сите очи беа вперени во борбата за третото место.
Ферстапен како трет ја помина целната линија, но стјуардите го казнија со 5 секунди додатно време и беше заменет на подиумот со Себастијан Ветел, кој се искачи на последното скалило на подиумот. Но, и тоа не беше крајниот редослед, па за време на пишување на овој извештај, два часа по завршување на трката, стигна одлуката на стјуардите кои го казнија Германецот со 10 додатни секунди на неговото време, по што Рикиардо на крај го добива пехарот за трето место, Ферстапен е четврти, а Ветел падна на петтото место. Шестото место му припадна на Раиконен, пред Хулкенберг, Ботас, Маса и Перез на последното место кое носи еден поен.
Голема Награда на Мексико, Браќа Родригез
71 круга, 304.356км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1ч40:31.402
2. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 8.354
3. Даниел Рикиардо Ред Бул + 20.858
4. Макс Ферстапен Ред Бул* + 21.323
5. Себастијан Ветел Ферари** + 27.315
6. Кими Раиконен Ферари + 49.376
7. Нико Хулкенберг Форс Индија + 58.891
8. Валтери Ботас Вилијамс + 1:05.612
9. Фелипе Маса Вилијамс + 1:16.206
10. Серџо Перез Форс Индија + 1:16.798
11. Маркус Ериксон Заубер + 1 круг
12. Џенсон Батон Мекларен + 1 круг
13. Фернандо Алонсо Мекларен + 1 круг
14. Џолион Палмер Рено + 1 круг
15. Фелипе Наср Заубер + 1 круг
16. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 1 круг
17. Кевин Магнусен Рено + 1 круг
18. Данил Квјат Торо Росо + 1 круг
19. Естебан Гутиерез Хас + 1 круг
20. Роман Грожан Хас + 1 круг
21. Естебан Окон Манор + 1 круг
* 5 секунди додатно време
** 10 секунди додатно време
2015 Н.Розберг - Мерцедес АМГ - 1ч42:35.038
2016 Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч40:31.402
Најбрз Круг: Даниел Рикиардо - 1:22.252
БЕЗ ПЛАСМАН:
Паскал Верлајн Манор
Генерален пласман по 19 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Нико Розберг 349 1. Мерцедес АМГ 679
2. Луис Хамилтон 330 2. Ред Бул 427
3. Даниел Рикиардо 242 3. Ферари 355
4. Себастијан Ветел 187 4. Форс Индија 145
5. Кими Раиконен 178 5. Вилијамс 136
6. Макс Ферстапен 177 6. Мекларен 74
7. Серџо Перез 85 7. Торо Росо 55
8. Валтери Ботас 85 8. Хас 29
9. Нико Хулкенберг 60 9. Рено 8
10. Фернандо Алонсо 52 10. Манор 1
11. Фелипе Маса 51
12. Карлос Саинц ЈР. 38
13. Роман Грожан 29
14. Данил Квјат 25
15. Џенсон Батон 21
16. Кевин Магнусен 7
17. Паскал Верлајн 1
18. Штофел Вандорн 1
19. Џолион Палмер 1
Дечково ќе биде добар возач...

