35-годишната кариера на Рон Денис, како шеф на Мекларен дојде до својот крај. Денис, 69, мораше да се повлече од својата позиција како претседател и главен извршен директор на Мекларен групацијата под притисок на мнозинството акционери. Во официјалното соопштение, тој изјавува дека е разочаран, и дека основите за негово отстранување се целосно невистинити.
Рон Денис е сопственик на 25% од Мекларен групацијата, Mumtalakat инвестицискиот фонд од Бахреин поседува 50%, а останатите 25% ги поседува Мансур Оџе, долгогодишен бизнис партнер на Денис. Нивното пријателство згаснало пред неколку години, па сега 64-годишниот Оџе застанал на страната на Бахреинците во обидот да се отстрани неговиот поранешен пријател.
Најголема замерка било автокративното водење на тимот, на што тој вели:
"Мојот стил на управување е истиот како што секогаш бил, истиот кој овозможи Мекларен Групацијата да освои 20 Ф1 Шампионати и прерасна во бизнис вреден 850 милиони фунти на годишно ниво. Со ова стана јасно дека ниту Mumtalakat, ниту Мансур, главен и извршен директор на TAG групацијата, не ја споделуваат мојата визија за Мекларен и неговиот потенцијал за развивање."
"Мојата прва грижа ќе бидат 3.500-те вработени. Ќе продолжам да го користам мојот значаен удел во групацијата, за заштита на интересите и вредноста на брендот Мекларен и да ја помогнам неговата иднина. На крај, имам намера да основам нов инвестициски фонд, кога ќе ми завршат договорните обврски со Мекларен."
Денис се приклучи на Мекларен во 1980 година и ја презеде целосната контрола во 1981 година, по што тој го предводеше тимот до неколку периоди на доминација и го претвори во еден од најуспешните во историјата на Ф1, по тимот на Ферари. Под негово лидерство, Мекларен освои 10 Титули во возачи со Ники Лауда, Алан Прост, Аиртон Сена, Мика Хакинен и Луис Хамилтон и 7 Титули во конструктори.
Сепак, тимот во последниве години, по одлуката за стратегиско партнерство со Хонда, навлезе во најлошиот период од нивната историја. Јапонскиот производител влезе во Формула 1, тотално неподготвен и прерано, но одлуката делумно била донесена на инсистирање на Мекларен, во време кога партнерството со Мерцедес се ближеше кон својот крај.
Како замерка на Денис, исто така, му се зема и тоа што не успеа да обезбеди нов главен спонзор, кој би го заменил, Водафон, чие спонзорство заврши на крајот на 2013 година.
За наследник на Рон Денис, се споменува Американецот Зек Браун, кој најверојатно ќе ја прифати понудата на Мекларен, но се уште нема донесено конечна одлука.
Вклучувањето на Денис во Формула 1 започна на негова 18-годишна возраст, како механичар за тимот на Купер, за две години подоцна, во 1968 година, да се пресели во тимот на Бребем. По краток период поминат во Формула 2 и 3 Шампионатите, каде што тој ја формира своја компанија "Проект Четири", Денис се враќа во Формула 1 и ја започнува неговата вмешаност со Мекларен во Септември 1980 година.
Во 1981 година Мекларен, станува Мекларен Интернационал по фузијата со неговата компанија, а 18 месеци подоцна, на 32 години ја добива целосната контрола над Мекларен. Мансур Оџе му се приклучи на Денис како акционер во 1984 година и оттогаш е негов бизнис партнер и пријател.
РОН ДЕНИС - НЕСЛАВЕН КРАЈ НА 35-ГОДИШНАТА КАРИЕРА ВО МЕКЛАРЕН
11/15/2016 11:23:00 PM
0
Tags
Share to other apps

