Претпоследната трка од оваа 2016 Ф1 сезона ќе се одржи во недела за 44-тата Голема Награда на Бразил, на патеката Хозе Карлос Пејс во Сао Паоло. На нејзе се вози еден од најкратките, но и најинтензивни кругови во календарот, што претставува голем предизвик за возачите и тимовите.
Тоа е една од неколкуте трки кои се возат спротивно на стрелките од часовникот и се состои од кривулест дел помеѓу свиоците 6 и 12, со три долги правци помеѓу свиоците три и четири, пет и шест, и после 14-от свиок до почетната "S"(Сена) шикана. Воедно, завршетокот на трето споменатиот правец е најидеалното место за претекнување.
Како и при секој тркачки викенд инженерите треба да најдат добар сет-ап на болидот со компромис на потисната сила која е посакувана низ тесниот и кривулест дел, но, непосакувана на правците, каде што болидот треба да постигне што е можно поголема максимална брзина.
Од Пирели ги номинираа најтврдите смеши од нивниот спектар, портокаловите тврди, белите медиум и жолтите меки гуми и покрај релативно брзото ре-асфалтирање на истата. Изборот е во спротивност од досегашната практика на Италијанскиот производител, кога со воведувањето на третата компонента секогаш се бираше помека смеша, додека за Бразил е одбрана потврда од користените медиум и меки гуми на минатогодишната трка.
Десетта Победа во оваа сезона ќе ја обезбеди Шампионската Титула за Нико Розберг, но пол-позициите и победите на последните две трки на неговиот тимски колега, Луис Хамилтон, сугерираат дека тој е во одлична форма и ќе биде фокусиран на нова победа и во Бразил, со што би ги задржал своите шанси до самиот крај на сезоната. Германецот има предност од 19 поени.
Во битката на конструктори Ред Бул има шанса да го обезбеди второто место, додека на другиот крај од табелата тимот на Заубер се бори да освои барем еден поен, за претпоследното место на оваа табела. На Големата Награда на Мексико беа многу блиску со 11-тото место на Маркус Ериксон.
Алан Прост е најуспешниот возач со шест Победи, додека Мекларен е најуспешниот тим со дванаесет Победи. Интересен е податокот што Луис Хамилтон нема забележано победа на Бразилското Гран При. Ова ќе биде емоционална, последна домашна трка за миленикот на публиката, Фелипе Маса, кој реши да ја заврши својата Ф1 кариера.
ВО ПРЕСРЕТ НА БРАЗИЛСКОТО ГРАН ПРИ
11/09/2016 09:57:00 PM
0
Share to other apps



