Вчера во Маранело се одржа традиционалната божиќна средба со новинарите што секоја година ја организира тимот на Ферари. На неа беше официјализирано дека новиот болид на Италијанскиот тим ќе биде презентиран на 24-ти Февруари, што значи три дена пред почетокот на првата 2017 тест сесија на патеката Каталуња, во Барселона, Шпанија.
За следната 2017 година имаме многу промени на техничките правила, но повеќето се однесуваат на аеродинамиката. Новите болиди, треба да се многу побрзи низ свиоците, при забрзување и кочење.
Според Матија Биното, новиот главен технички директор, тимот од Маранело е способен да изгради конкурентен болид, но треба да се реагирa брзо и да се воведуваат нови решенија пред ривалите да го направат тоа. За таа цел, напорната работа не застанува, дури и за време на празничните денови.
Од Ферари објавија и дека е постигнат договор за соработка со Антонио Џовинаци, кој ќе ја има улогата на трет возач на тимот за 2017 сезоната. Џовинаци е роден во Мартина Франка, Таранто, Италија на 14 Декември, 1993 година.
На оваа средба беше присутен и Серџо Маркионе, претседателот на Ферари, кој рече: "Тимот го дава својот максимум и има голема желба за победа. Го реорганизиравме тимот и сакам да погледнам кон иднината на поинаков начин. Не жалам за направениот избор, тој беше добро обмислен, па нема потреба за нови промени."
"На крајот на една сезона, која беше далеку од лесна, шефовите на Скудерија, пред се, размислуваат и гледаат кон годината што доаѓа. Недостигаат уште многу работи, но нашата работна навика е веќе поинаква од она што беше во август, кога Матија Биното ја презеде раководната улога. Организациските промени беа делумно направени и за да се донесе одреден мир во тимот. Кога се ќе вкомпонира, резултатите сами ќе дојдат."
Тимскиот шеф, Маурицио Аривабене имаше сличен став на претседателот. Тој им се заблагодари на навивачите на Ферари: "Вие сте многу трпеливи и ние ќе сториме се за да не ве разочараме. Со Ветел и Раиконен имаме два шампиони во нашиот тим. Себастијан вчера беше во Маранело, работеше на симулаторот и тој го повтори фактот дека сака да победува со Ферари. До нас зависи да им дадеме конкурентен болид."
ОФИЦИЈАЛНО: 2017 БОЛИДОТ НА ФЕРАРИ ЌЕ БИДЕ ПРЕЗЕНТИРАН НА 24 ФЕВРУАРИ
12/20/2016 11:02:00 AM
0
Share to other apps



