По завршување на секоја Ф1 сезона следува период на сумирање на впечатоците и објавување на статистички податоци. Едни од најинтересните секогаш ги има Пирели, Италијанскиот производител и официјален снабдувач на Формула 1 со пневматици. Според нив за 2016 сезоната биле потрошени вкупно 42.792 гуми за време на тркачките викенди и тест сесиите. Со помош на истите се изведени вкупно 866 престигнувања во текот на сезоната, просек од 41,2 по трка.
Најголем број на престигнувања на сува трка се 128 во Кина, што претставува и апсолутен рекорд од кога се води оваа статистика на Пирели, т.е. 1983 година. Најмал број на престигнувања секако е трката во Унгарија со десет. Најголем број на престигнувања на влажна трка, 64, во Бразил.
Кога сме кај возачите, најверојатно погодувате кој ги има најмногу, а тоа е младиот Холанѓанец во тимот на Ред Бул, Макс Ферстапен. Стигна до бројката 78, што исто така претставува апсолутен рекорд од кога се води оваа статистика на Пирели, т.е. 1983 година. Возач со најмногу престигнувања на една трка e Луис Хамилтон, кој на рекордната трка во Кина ги имаше 18, пред се поради стартот од последниот ред на гридот.
Како возач, кој се покажа како тежот за претекнување е Себастијан Ветел, кој бил само еднаш претекнат во цела 2016 сезона и тоа секако од Макс Ферстапен на трката за Големата Награда на Бразил, во 66-от круг, за 5-тото место. Возач кој имал најголем напредок при самиот старт на трките е Фернандо Алонсо, кој напредувал 41 места во првиот круг.
Ред Бул е тимот кој имаше најголем број на престигнувања, 136(исто така рекорд), 61 од Даниел Рикиардо, 60 од Макс Ферстапен, 15 од Данил Квјат. Мерцедес АМГ е тимот кој беше претекнат најмалку, седум пати. Нико Розберг четири, Луис Хамилтон три.
Најдолгaтa трка во сезоната беше Бразилското ГП, кое траеше три часа, една минута и 1.335 секунди, додека најкратка беше Италијанското Гран При со еден час, 17 минути и 28.089 секунди. Најбрзата трка е повторно во Италија, со просечна брзина на победникот, Нико Розберг, 237,558 км/ч. Најголема забележана максимална брзина беше за време на трката за Големата Награда на Мексико, 372,5 км/ч, од страна на Валтери Ботас со болидот на Вилијамс. Тоа воедно е нов рекорд на официјална Ф1 сесија, што досега беше 370,1 километри на час, во сопственост на Кими Раиконен забележан на Големата Награда на Италија во 2005 година.
Најмногу најбрзи кругови забележа Луис Хамилтон, 15, 3 во трка и 12 во квалификациите. Најголем број на комплетирани кругови на водечката позиција му припаѓа исто така на Луис Хамилтон, 566. На крај да го споменеме и податокот дека Паскал Верлајн поминал 3,248 километри на развојните тест сеии на Пирели за 2017 гумите. Тоа е 10 комплетни трки на новите гуми, факт што Мерцедес АМГ би требало сериозно да го разгледаат!!!
ВЕТЕЛ ТЕШКО СЕ ПРЕТЕКНУВА, НО ФЕРСТАПЕН Е МАЈСТОРОТ ЗА ТОА И РЕКОРДЕР
12/12/2016 11:16:00 PM
0
Tags
Share to other apps





