Пирели веќе започна со активна работа за 2017 сезоната. Со оглед на тоа што за трките надвор од Европа изборот на гуми треба да се направи 15 недели однапред, од Италијанскиот производител ги објавија номинациите за првата и втората трка од следната сезона.
Во Австралија, за трката која ќе се одржи на 26 Март на патеката Алберт Парк во Мелбурн, ќе бидат користени следните три смеши: Жолтата Мека, Црвената Супер-мека и Виолетовата Ултра-мека. Во неделата задолжително мора да се искористи еден сет од меките или супер-меките гуми, додека во Q3 сесијата од квалификациите задолжително е користење на еден сет од ултра-меките гуми. На најбрзите 10 возачи тој сет им се одзема веднаш по завршетокот на сесијата, но останатите возачи ќе го задржат за трката.
Во Кина, за трката која ќе се одржи на 9 Април на Шангај интернацоналната патека, ќе бидат користени следните три смеши: Белата Медиум, Жолтата Мека и Црвената Супер-мека. Во неделата задолжително мора да се искористи еден сет од медиум или меките гуми, додека во Q3 сесијата од квалификациите задолжително е користење на еден сет од супер-меките гуми. На најбрзите 10 возачи тој сет им се одзема веднаш по завршетокот на сесијата, но останатите возачи ќе го задржат за трката.
Како што веќе е познато 2017 гумите се со нови димензии, 305/670-13 напред и 405/670-13 назад, како и нови профили, конструкции и смеши. За секоја смеша се користени целосно нови материјали и сосема нов дизајн. Она што е новост при воведувањето на нови компоненти од страна на Пирели е што Италијанскиот производител реши да хомологира и резервни компоненти, паралелно на секоја од петте нови смеши.
Овие дополнителни смеши се формулирани со употреба на традиционални критериуми. Овие резервни компоненти може да се воведат подоцна во текот на следната сезона доколку новите смеши се покажат како проблематични поради зголемените перформанси на 2017 болидите. Сепак, за првиот дел од Шампионатот ќе се користат смеши само од новата генерација.
ПИРЕЛИ ГИ НОМИНИРАШЕ СМЕШИТЕ ЗА ПРВИТЕ ДВЕ ТРКИ ОД 2017 КАЛЕНДАРОТ
12/23/2016 11:01:00 AM
0
Share to other apps

