По одлуката на Нико Розберг, која ја шокираше Ф1 заедницата, дека тој нема да ја брани шампиoнската титула во 2017 година, Мерцедес АМГ се соочува со задачата на изборот кој да биде тимски колега на Луис Хамилтон во следната сезона. Помеѓу Ф1 фановите од целиот свет најчесто споменувани имиња се Себастијан Ветел и Фернандо Алонсо, и покрај тоа што тие имаат активен договор со Ферари и Мекларен.
Некои даваат шанса и на возачот на Вилијамс, Валтери Ботас, чија кариера ја води менаџерски тим кој има врски со Волф. Секако најреалната опција, која не е посакувана меѓу фановите, е Мерцедес АМГ да даде можност на еден од своите млади возачи, Паскал Верлајн или Естебан Окон, иако вториот веќе има потпишано договор за да се натпреварува за тимот на Форс Индија.
Тото Волф во една од неговите први изјавата околу изборот на втор возач во тимот, дадена за Gazzetta dello Sport, вели: "Имаме три патишта, кои може да ги следиме. Првиот е да се размислува за број еден и број два возач, како што тоа го направи Ферари во времето на Шумахер и Маса. Ние може да земеме возач кој може да ни гарантира поени во шампионатот на конструкторите."
"Втора помисла е да ги искористиме нашите помлади возачи, Окон или Верлајн, по примерот на другите тимови кои им дадоа шанса на млади момчиња како Ферстапен или Вандорн."
"Третиот пат е да се оди на пазарот за врвен возач. Но, мојата намера е да не се мешам во внатрешните работи на Ферари, Мекларен, Вилијамс. Што би правеле во Ферари и Мекларен без Ветел или Алонсо во декември? Или Вилијамс без Ботас? Третиот пат што го споменав е еден од оние кој најмалку ми се допаѓа."
ТОТО ВОЛФ: ТОП ВОЗАЧ НЕ Е НАЈПОСАКУВАНА ОПЦИЈА
12/04/2016 01:27:00 PM
0
Share to other apps
