Денес, по шест недели на детална евалуација, размислување и преговарање, Мерцедес АМГ и официјално го потврди Валтери Ботас како нов тимски колега на Луис Хамилтон. 27-годишниот Финец се натпреваруваше четири сезони во Формула 1 шампионатот со тимот на Вилијамс, при што забележа 77 ГП старта и само 9 пласмани на победничкиот подиум. Статистика која со новиот тим значајно ќе се зголеми.
"Понекогаш во животот, неочекуваните околности, обезбедуваат интересни можности. Декемвриската одлука на Нико беше големо изненадување и секако предизвикувачка ситуација со која требаше да се справиме. Но, сметаме дека тоа беше можност за тимот да расте. Валтери е смирен дечко, концизен и многу фокусиран. Прилично фински темперамент, да бидам искрен, што ни одговара."
"Тој има импресивен учинокот во јуниорските мотоспорт категории и девет подиуми во Ф1. Но, сега е време за следно ниво, па да видиме како тој може да одговори на предизвикот на борбата за победи и секако шампионските титули. Подготвивме обемна програма за да го интегрираме во тимот. Едно е сигурно: колку што го познавам Валтери, тој ќе даде сè од себе," - изјави Тото Волф, тимскиот шеф на Мерцедес АМГ.
Валтери беше повнимателен оптимист при средбата со неговите нови колеги во фабриката на Мерцедес АМГ: "Ова се многу возбудливи времиња за мене. Дефинитивно ова е исполнување на уште еден сон, да возам за друг тим со голема историја, со импресивни успеси во последниве години."
"Јас сум навистина горд што ќе бидам дел од тоа и им благодарам на сите во Мерцедес за укажаната доверба во моите вештини и што ми ја дадоа оваа можност. Досега, имав многу топло добредојде. Јас сум навистина импресиониран со објектите и со нетрпение очекувам што подобро да се запознаам со сите во тимот."
Новите аеродинамички прописи можеби ќе донесат ресетирање на поредокот и вистинска несигурност околу тоа кој тим ќе се најде на врвот. Ботас ќе го има веројатно најбрзиот тимски колега во спортот, Луис Хамилтон, и само 70 дена за подготовки до стартот на трката за Големата Награда на Австралија во Мелбурн.
"Имаме доверба во способностите на Валтери и тоа е една од причините што го доведовме во нашиот тим", продолжува Волф. "Во следните недели ќе бидеме многу зафатени со неговото запознаање со тимот и болидот. Но, тоа е возбудлив предизвик кој ќе ни донесе нова енергија и нова динамика меѓу возачите. И, се разбира, ние работиме напорно за да им дадеме на Луис и Валтери конкурентен болид, со што би се олеснила нивната работа."
Официјализирањето на договорт на Мерцедес АМГ и Валтери Ботас, стави крај на шпекулациите за тоа кои ќе бидат возачите во три тима. Паскал Верлајн ќе се приклучи на тимот на Заубер за 2017 година, како тимски колега на Маркус Ериксон, додека Фелипе Маса ќе ја одложи својата пензија и продолжува да вози во тимот на Вилијамс.
Од Мерцедес АМГ на крајот завршија со објавата дека Нико Розберг со задоволство ја прифатил амбасадорската улога за тимот во 2017 година. Неговата прва обврска ќе биде утре, во Женева, каде заедно со неговиот поранешен тимски колега Луис Хамилтон ќе се појават на Salon International de la Haute Horlogerie (SIHH) во име на тимскиот партнер IWC Schaffhausen.
ОФИЦИЈАЛНО: ВАЛТЕРИ БОТАС Е ЗАМЕНАТА ЗА ШАМПИОНОТ
1/16/2017 05:45:00 PM
0
Share to other apps
