Важноста на оваа тест сесија за Мерцедес АМГ, ја потврдува и фактот што на неа учествуваат двајцата први возачи, Луис Хамилтон, кој ретко се појавува на тестирањата и Валтери Ботас. Во тимот на сребрените стрели се фокусирани на подобрување на нивното тркачко темпо, а причината е што W08 ги троши Пирели гумите повеќе од своите ривали во првите три трки од 2017 сезоната.
Во тимот на Мекларен-Хонда никако да се ослободат од проблеми и едвај успеаја да забележат еден мерен круг во последните 20 минути на денот, со време кое беше убедливо последно и четири секунди зад најбрзото време на Хамилтон. Официјалната причина беше "откриено истекување на вода од ЕРС-системот", што по кој знае кој пат доведе до потребата од менување на целата Хонда ПЕ во нивниот болид. Од Хонда посочија дека на оваа сесија ќе бидат тестирани некои "нови идеи", но нова спецификација на нивната проблематична ПЕ не се очекува уште еден месец.
Антонио Џовинаци, резервниот возач на Ферари, кој претходно се испроба и во болидот на Заубер во Австралија и Кина, беше зад воланот на SF70H и беше втор најбрз. Себастијан Ветел исто така беше во акција, но ги тестираше 2018 гумите на Пирели, за да се врати на нормалната тест сесија во текот на вториот ден. Да го обележиме и деби појавувањето на Индонезискиот Ф2 возач, Шон Гелајл, во болидот на Торо Росо, кој беше осми најбрз.
Даниел Рикардо со Ред Бул имаше добри времиња во текот на утринската сесија, но налета на тешкотии во попладневните часови и мораше да се врати во боксот на задниот дел од камионот за извлекување. Од Рено потврдија дека ќе го искористат овој тест за воведување на првата поголема надградба во сезоната, која треба да донесе голем напредок и подобрување. Нико Хулкенберг на крај се пласираше на шестата позиција на табелата, но со околу 2,5 секунди заоастанување зад најбрзото време на Хамилтон.
РЕЗУЛТАТИ ОД ПРВИОТ ТЕСТ ДЕН
| П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ | РАЗЛИКА |
| 1 | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | 1:31.358 | / (97) |
| 2 | Антонио Џовинаци | Ферари | 1:31.984 | + 0.626 (93) |
| 3 | Даниел Рикиардо | Ред Бул | 1:32.349 | + 0.991 (45) |
| 4 | Роман Грожан | Хас | 1:32.452 | + 1.094 (87) |
| 5 | Фелипе Маса | Вилијамс | 1:32.509 | + 1.151 (56) |
| 6 | Нико Хулкенберг | Рено | 1:33.624 | + 2.267 (74) |
| 7 | Ленс Строл | Вилијамс | 1:33.729 | + 2.371 (35) |
| 8 | Шон Гелајл | Торо Росо | 1:33.885 | + 2.527 (78) |
| 9 | Себастијан Ветел | Ферари(2018 гуми) | 1:33.894 | + 2.536 (130) |
| 10 | Алфонсо Целис | Форс Индија | 1:33.939 | + 2.581 (71) |
| 11 | Маркус Ериксон | Заубер | 1:34.550 | + 3.192 (106) |
| 12 | Оливер Тарви | Мекларен | 1:35.011 | + 3.653 (17) |

