Рено на саемот за автомобили во Шангај претстави концепт болид за 2027 година, R.S.2027, со што сакаат да ја покажат нивната долгорочна посветеност кон Формула 1 Шампионатот. Концептот е дизајниран да се покаже како би изгледале Ф1 болидите за 10 години од сега.
Основната филозофија што инженерите на Рено ја следеле за потребите на овој проектот е да се дизајнира болид кој го става возачот назад во срцето на овој спорт, но, исто така, истакнување на моментот каде што технологијата преминува од тркачките на патничките возила.
За таа цел, овој 600кг. тежок болид ќе биде придвижуван од мал мотор со внатрешно согорување, но засилен со батериски систем, речиси пет пати помоќен од ЕРС-системот што во моментов се користи во Формула 1, комбинација која ќе произведува околу 1.350КС.
R.S.2027 би имал погон на сите четири тркала и нивна управливост, како и голем број на "активни" елементи, вклучувајќи активна аеродинамика (за намалување на енергетскиот отпад поради отпорот при големи брзини), активно LED осветлување (вклучено и во тркалата, за прикажување голем број на информации), како и активна суспензија.
На полето на безбедноста, затворениот кокпит ќе обезбеди заштита, но во исто време возачот ќе биде видлив за фановите, а при превртување во време од милисекунди ќе излегуваат два титаниумски рол-барови од нивна ненаметлива локација во каросеријата на болидот. Тој би имал голем број на автономни функции, како што би бил автопилот при воведување на безбедносното возило.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.







