Патеката е со вкупна должина од 5.848 километри со што е третата најдолга во календарот, зад СПА и Силверстоун. Најдолгиот правец изнесува 650 метри. Главна карактеристика по која што сите ја распознаваме е долгиот трет свиок, но како најлесно место за претекнување е секторот по последниот до силното кочење за влез во вториот свиок. Следењето на болидот пред себе се покажа комплицирано, па новите поголеми болиди имаат уште потешка задача кога станува збор за претекнувањето. Како и на секоја улична трка, клучно за добро место и што повисок пласман ќе биде освоената стартна позиција и силен старт.
Асфалтот е мазен и неабразивен и се очекува висок степен на еволуција на патеката, од многу лизгава патека во петок, до "гумирана" за трката. Малата деградација и трошење на гумите, најверојатно, ќе донесат само едно застанување во боксевите. Пирели, исто како и на Алберт Парк ги носи меките, супер-меките и ултра-меките гуми, кои полесно ја достигнуваат нивната работна температура.
Себастијан Ветел и Ферари имаат мала предност во генералниот пласман на возачи и конструктори пред Луис Хамилтон и Мерцедес АМГ. На почетокот од новата сезона изгледа дека овие два тима се изедначени и секој од нив покажа способност да се бори за победа кога конфигурацијата на патеката и временските услови ги фаворизираат нивните индивидуални предности. Сепак, Руското ГП, се одржува на патека фундаментално различна од претходните, што ветува дополнителен заплет на оваа сезона.
Мерцедес АМГ доминира во Сочи, победувајќи на сите три досега одржани трки. На секоја од нив Победникот на крајот ја освојувал Шампионската Титула, Луис Хамилтон во 2014 и 2015, Нико Розберг минатата година.
Доминацијата на Мерцедес АМГ се потврдува и со трите Пол позиции, Хамилтон во 2014 и Розберг во 2015 и 2016 година. Минатата година, Валтери Ботас стартуваше од првиот стартен ред, но добриот негов настап беше потпомогнат со проблемите на Хамилтон и казната на Ветел од 5 стартни места поназад.
Временскиот распоред се враќа на "нормална" за нас Европска саатница, со Квалификациите во Сабота, 14:00 часот и Трка, Недела, исто така 14:00 часот по Македонско време.



