Да започнеме со главната вест пред квалификациите, т.е. Фелипе Маса, кој по вториот тренинг во петокот, пријавил дека не се чувствува добро. По медицинскиот преглед, лекарите не пронајдоа ништо, па тој доби зелено светло да настапи на денешниот тренинг. Но, симптомите се повториле, вртоглавица и лошење, па тимот на Вилијамс беше приморан да донесе одлука Пол ди Реста, нивниот резервен возач, да биде замена за Бразилецот за остатокот од тркачкиот викенд. Последна трка за Британецот беше Големата Награда на Бразил во 2013 година за тимот на Форс Индија. (Кај Маса шпекулациите се дека има инфекција на ушните канали.)
За време на Q1 сесијата имавме доминација на Себастијан Ветел кој го диктираше темпото, две десетинки пред Макс Верстапен, со Кими Раиконен на третата позиција на табелата.
На една минута до крајот во зоната за испаѓање беа Ленс Строл, Кевин Магнусен, Маркус Ериксон, Паскал Верлајн и Пол Ди Реста.
Во последните обиди сите овие возачи ги подобрија своите времиња, но тоа не беше доволно за да се спасат од елиминација. Единствено, Кевин Магнусен може да се чувствува огорчен, бидејќи забележа идентично време со тоа на Серџо Перез од Форс Индија. Мексиканецот продолжи понатака затоа што тој беше првиот кој го забележа времето од 1:19.095.
Ветел и Ферари добро ја започнаа и Q2 сесијата, а Германецот беше првиот возач, кој забележа време под 1:16.000. Ферстапен дојде најблиску до него, поставувајќи две десетинки послабо време, пред Хамилтон, Ботас, Хулкенберг и вториот Ред Бул на Даниел Рикиардо.
Во зоната за испаѓање пред финалните круга беа Палмер, Окон, Саинц ЈР., Квајт, Грожан и Перез. Шпанецот беше единствениот кој се спаси во последен момент со време за десеттата позиција на табелата во својот последен брз круг.
Најблиску до него беше Џолион Палмер со Рено, кој имаше добар втор сектор, но, на крај му недостигаше само една десетинка да го победи возачот на Торо Росо.
Редоследот по Палмер, кој се специјализираше за 11-тата стартна позција, беше Окон, Квјат, Перез и Грожан.
На изненадување на сите во тие последни моменти од Q2 сесијата на патеката излегоа и возачите на Мерцедес АМГ. Валтери Ботас не можеше да го подобри своето време, правејќи грешка во вториот свиок, но, затоа Луис Хамилтон покажа зошто е во борба за шампионската титула, забележувајќи го најбрзото време на денот со 1:16.693.
Тој и Ветел беа единствените возачи под 1:16 во оваа фаза. Ферстапен беше трет пред Раиконен, Ботас и Рикиардо. Мекларен со двата болиди успеа да обезбеди пласман во најбрзите десет, за прв пат оваа сезона.
Дека ова беше ден за Ферари и Ветел, се виде и во првите брзи круга од последната Q3 сесија со време од 1:16.276. Овој пат Хамилтон не можеше да одговори. Првиот брз круг за Британецот беа компромитиран по неговата грешка во 4-от свиок и кога сите ги завршија своите брзи круга, тој се најде на 9-тата позиција. Ботас беше втор, пред Верстапен, Рикиардо, Хулкенберг, Алонсо и Вандорн.
Луис Хамилтон беше првиот кој излезе на патеката за вториот брз круг, но повторно не беше во можност да одговори на Ферарито, како што тоа го направи во Q2 сесијата. Британецот пријави вибрации на своите гуми, и иако не направи некоја видлива грешка, неговото најбрзо време беше доволно за само 3-тата стартна позиција во тој момент.
По него следуваа Ферстапен и Рикиардо кои не успеаа да забележат брз круг за да ја подобрат нивната позиција на табелата.
Единствениот возач кој имаше значителни придобивки во последните брзи круга беше Кими Раиконен. Финецот од 5-тата позиција се искачи до првиот стартен ред со второ најбрзо време зад неговиот тимски колега, со што ги истурка Мерцедесите на вториот стартен ред.
Болидите на Ред Бул беа на петтото и шестото место, Ферстапен пред Рикиардо. Седмото место му припадна на Хулкенберг, но возачот на Рено има казна од пет стартни места поназад. Алонсо беше осми пред тимскиот колега од Мекларен, Штофел Вандорн, додека Саинц ЈР. се квалификуваше на 10-тото место.
2017 УНГАРИЈА ГП - КВАЛИФИКАЦИИ
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Себастијан Ветел Ферари 1:16.276
2. Кими Раиконен Ферари 1:16.444 + 0.168
3. Валтери Ботас Мерцедес АМГ 1:16.530 + 0.254
4. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:16.693 + 0.431
5. Макс Ферстапен Ред Бул 1:16.797 + 0.521
6. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:16.818 + 0.542
7. Нико Хулкенберг Рено 1:17.468 + 1.192
8. Фернандо Алонсо Мекларен 1:17.549 + 1.273
9. Штофел Вандорн Мекларен 1:17.894 + 1.618
10. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:18.311 + 2.636
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:16.693
11. Џолион Палмер Рено 1:18.415 + 1.722
12. Естебан Окон Форс Индија 1:18.495 + 1.802
13. Данил Квјат Торо Росо 1:18.538 + 1.845
14. Серџо Перез Форс Индија 1:18.639 + 1.946
15. Роман Грожан Хас 1:18.771 + 2.078
Q1 Најбрзо време: Себастијан Ветел 1:17.244
16. Кевин Магнусен Хас 1:19.095 + 1.851
17. Ленс Строл Вилијамс 1:19.102 + 1.858
18. Паскал Верлајн Заубер 1:19.839 + 2.595
19. Пол ди Реста Вилијамс 1:19.868 + 2.624
20. Маркус Ериксон Заубер 1:19.972 + 2.728
107% време: 1:22.651
2014 Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1:22.715
2015 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:22.020
2016 Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1:19.965
2017 Себастијан Ветел - Ферари - 1:16.276
Тимско Радио Ферари-Ветел



