Вчерашните квалификации за Големата Награда на Унгарија, на кои тимот на Ферари го обезбеди првиот стартен ред, се минато. Возачите, заедно со своите тркачки инженери, се насочени кон пронаоѓање на најдобрата стратегија, која би им ја донела Победата на денешната трка. Ви ги пренесуваме, во кратки црти, размислувањата на неколку возачи и тимски шефови.
Себастијан Ветел ја освои 211-тата Пол позиција за Ферари: "Имавме одличен квалификациски ден. Болидот и целата сесија беа фантастични! Донесовме одредени нови делови, работевме напорно за да се вклопат перфектно во болидот, кој досега беше многу добар. Знаеме дека имаме силен болид, но, сега мора да одиме напред и да се фокусираме. Квалификациите се завршени, па сега се концентрираме на трката. Треба да одиме чекор по чекор, да видиме што ќе се случи на трката. Секако дека одиме на Победа!"
Неговиот тимски колега, Кими Раиконен, ќе стартува веднаш до него: "Првата и втората позиција е многу добар резултат за тимот. Очекувавме дека оваa патека ќе ни одговара, но, се разбира, никогаш не можете да земете се здраво за готово. Почувствував дека имам брзина, но направив прилично глупава грешка во шиканата, што ме чинеше обид за пол позицијата. Малку сум разочаран, но и среќен што успеав да го забележан второто најбрзо време. Три тима се во игра за Победата на денешната трка, и се ќе зависи од тоа што ќе се случува во првите десет круга. Тоа нема да биде лесна трка за никого. Не постои начин да се планираат работите во првите два свиоци. Оној кој ќе го има најдобриот старт ќе има најдобри шанси. Одиме на нова 1-2 Победа!"
Валтери Ботас беше возачот кој подобро се снајде со болидот на Мерцедес АМГ: "Морав да дадам сè, но тоа не беше доволно за старт од првиот ред. Гумите се прегреваа и изгубив време во третиот сектор. Сè на сè, мислам дека го дадовме максимумот. Бев изненаден од темпото на Ферари. Трката е нешто друго, перформансите на три тима се многу блиску. Да се стартува од третата позиција и не е премногу лошо. Ми треба добар старт и се надевам дека ќе ја погодиме победничката стратегија."
Луис Хамилтон смета дека болидите на Ферари ќе ја контролираат трката, на патека каде претекнување е тешко: "Тие се доста добри, мислам дека ќe имаат лесна трка. На квалификаците не можевме да го совладаме Ферари. Нивниот болид повеќе го сака Хунгароринг, изгледаше стабилен на асфалтот. Не се предаваме, очекувам да имаме трка за ограничување на штетата, но при ситуација во која ни Пирели не е сигурен во победничката стратегија се е возможно."
Даниел Рикиардо по одличните петочни тренинг сесии, беше разочаран што се квалификуваше на шестата стартна позиција: "Ќе најдеме начин да бидеме брзи на трката. Тоа ќе биде интересна трка и не сум сигурен дека ќе имам премногу пријатели по финишот. Јас сум во позиција од која ќе бидам присилен да се пробивам напред, па нема да ги штедам моите противници. Решен сум да превземам поризични потези. Не ми треба добар старт да се пробивам напред, на патека каде сум имал добри претекнувања. Ако го пренесам тој жар од минатото, трката ќе биде добра за мене."
Тото Волф, тимскиот шеф на Мерцедес АМГ, вели: "Оваа сезона сме во положба кога нашиот болид се чини дека е постабилен и побрз на брзите патеки, додека тој на Ферари одлично работи на бавните патеки. Нашата шанса е на стартот. Ако имаме добар старт, постои можност за претекнување во првиот и вториот свиок, но понатаму станува потешко. Сепак, ние се тркаме и многу работи може да се случат за време на трката, па да почекаме да видиме каков ќе биде крајниот резултат."
РАЗМИСЛУВАЊЕ НА ВОЗАЧИТЕ ПРЕД ТРКАТА
7/30/2017 11:59:00 AM
0
Tags
Share to other apps





