Големата Награда на Австрија е една од условно поновите трки која се врати во Ф1 календарот во 2014 година, по паузата од далечната 2003 сезона. Таа се одвива на патеката, која порано ни беше позната под името А1 ринг, но по нејзиното преуредување од страна на сопственикот на Ред Бул, името го промени во Ред Бул Ринг.
Измените на самата патека беа мали, но останатата инфраструктура е целосно модернизирана. Од оваа сезона бројот на свиоци е зголемен на 10, т.е. малата деформација на правецот помеѓу првиот и вториот свиок е заведена како 2 свиок, што значи дека на сите наредни нивната бројка им се зголеми за +1.
Она што е навистина убаво за Ред Бул Ринг е фактот дека патеката оди нагоре и надолу, што е голема забава за возачот. Слаба страна е што главните области на сопирање се на нагорнина, што го прави претекнувањето особено тешко, а како помош возачите ќе имаат две ДРС зони.
Таа е спој на брзи правци со бавни и средно брзи свиоци. Како една од побрзите патеките, како и во Баку, ќе одговара на болидите придвижувани од Мерцедес ПЕ. Минатата година таа беше целосно ре-асфалтирана, но тоа не донесе некои поголеми промени, бидејќи користениот асфалт имаше слично ниво на абразија како предходниот.
Ред Бул Ринг е една од најиндивидуалните патеки во шампионатот, која бара многу од гумите во однос на механички грип и перформанси, па затоа ултра-меката смеша е убедливо најфаворизиран избор помеѓу возачите, во однос на меките и супер-меките смеши, исто така номинирани за овој викенд.
Ултра-меката смеша би требало добро да се прилагоди, што значи дека речиси е сигурно дека ќе имаме рекордно брзи кругови што се забележани на моменталната конфигурација на патеката.
Себастијан Ветел оди во Австрија како лидер во шампионатот и покрај тоа што заврши како 4-ти на ГН на Азербејџан, како резултат на казната по фамозниот и долго зборуван инцидент со Луис Хамилтон за време на рестартот по безбедносното возило.
Од друга страна трката на Британецот беше компромитирана од банален проблем, недоволно добро зацврстена заштита околу неговата глава и кокпит, што му ја украде победата и го остави со бодови само за 5-то место.
Разликата е 14 поени помеѓу нив, а Валтери Ботас се доближува до нив и доколку успее да има добра трка и на Ред Бул Ринг, патека на која го забележа својот деби подиум, може да гледаме тројна борба за Титулата. Сепак, околу тоа се прашува и Мерцедес АМГ, т.е. дали ќе дозволат борба помеѓу нивните возачи.
Кај Шампионатот на Конструктори, Мерцедес АМГ полека се одвојува од Ферари и сега им бега 24 поени, со можност да се зголеми, бидејќи следува патека која ќе одговара на нивната најмоќна погонска единица. Ред Бул е на третото место заостанувајќи огромни 89 поени.
НАЈАВА НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АВСТРИЈА
7/06/2017 10:59:00 AM
0
Share to other apps








