По завршувањето на Европската турнеја, Формула 1 се сели на Азискиот континент, место каде историјата на овој спорт е во зачеток, но, затоа патеките се ултра-модерни. По натпреварувањето на најбрзата трка во однос на времетраењето, Големата Награда на Италија на патеката Монца, која заврши за само 1 час и 15 минути, Ф1 тимовите се селат на временски најдолгата трка.
Секоја трка од 2008 година, кога ГН на Сингапур се приклучи на Формула 1 календарот, е во близина на максимално дозволеното времетраење од два часа. Модерната патека го направи овој тропски остров, кој се наоѓа само еден степен северно од екваторот, во глобален центар за бизнис и туризам.
Кога Сингапур дојде на Формула 1 сцената, тоа беше нешто повеќе отколку само трка на ново место со прекрасна локација. Тоа беше првата ноќна трка во шампионатот и првата улична патека во Азија. Возачите со нетрпение очекуваат да се тркаат на оваа патека со 23 свиоци и покрај нејзината исцрпувачка природа.
Блиските бариери, исто како во Монте Карло, бараат целосна фокусираност и концентрација од возачите за време на целиот тркачки викенд. И покрај сите тешкотии со кои се соочуваат, трката во Сингапур е добро прифатена од сите протагонисти на овој мотоспорт.
Според самите возачи, моќното осветлување овозможува таква видливост на патеката која е подобра отколку на дневните трки, бидејќи не постои отсјајот на сонцето. Поради сето ова, кога болидите ќе поминат со околу 320 км/ч низ правците, со многубројни искри од нивните подови, фановите доживуваат напад на сите свои сетила, каков што може да се доживее само на Марина Беј уличната патека. Издувните пламени и сјајните дискови на сопирачките обезбедуваат глетка што поминува незабележано во дневните часови.
Времето во Сингапур и во септември е жешко. Навистина жешко. Како додатно отежнување е и големата влажност на воздухот. Затоа колку што трката во Сингапур се вози навечер од естетски причини и прилагодување со Европската саатница, тоа е и најдоброто време за возачите и публиката. Сепак, температурата во внатрешноста на болидите може да достигне и до 60 степени Целзиусови.
Луис Хамилтон доaѓа во Сингапур како предводник на Шампионатот кај возачите со тесна разлика од три поени пред Себастијан Ветел. Британецот за прв пат оваа година е на лидерската позиција, благодарение на победите во СПА-Франкоршамп и Монца. Неговиот тим, Мерцедес АМГ има прилично удобна предност во однос на Ферари, кој сега изнесува 62 поени. Сепак, следува патека каде тимот на Ферари би требало да возврати жестоко. Дали тоа ќе биде така, ќе покаже времето.
Временскиот распоред е малку изменет во однос на стандардната европска саатница и можете да го погледнете со клик на следниот ЛИНК.
НАЈАВА ЗА ГН НА СИНГАПУР
9/14/2017 03:39:00 PM
0
Share to other apps








