МЕРЦЕДЕС АМГ. Тешко е за тим кој e на врвот како што е случајот со Мерцедес АМГ. Кога сте на врвот, останува многу мал простор за напредок, па резултатите од анализите даваат минимални резултати. Некако на годинешните презентации на новите болиди, сите велат, разликата е во деталите.
Во текот на изминатата сезона, инженерите на Мерцедес АМГ признаа дека се збунети со однесувањето на нивниот болид, кој го нарекоа нескротената "дива". Значи, тие сега го имаат оптимизирано она што го имаа минатата година и ќе влезат во новата 2018-та сезона со многу подобро разбирање за тоа како би го развивале новиот болид.
Надворешно, една од најголемите промени е кај предната амортизација за која ќе биде интересно да се види дали ќе даде резултати и минималистичкиот заден дел.
Навидум, се чини дека разликата во моќноста помеѓу најдобрите производители на ПЕ како да се намалува, па дури и од Рено објавија дека имаат над 950КС, што секако е предуслов за возбудлива сезона пред нас.
Но, од друга страна, ако се земе во предвид изјавата на Енди Кауел, техничкиот шеф на Сребрените стрели, дека нивната 2018 ПЕ е комплетно нов производ може ли да очекуваме уште еден чекор напред во нивната моќ, ефикасност и издржливост?!? (не дај боже.)
Тоа е големиот страв кај противниците на Мерцедес. Додека Рено, Ферари и Хонда работат на усовршување на постоечките концепти за 2018 година, Германците планираат воведување на комплетно нова погонска единица.
ФЕРАРИ. Сите компоненти од предното крило до последното карбонско парче пред страничните отвори, работат заедно за да го модифицираат протокот на воздух до подот на болидот. Ова значи дека сите тие делови заедно се одговорни за нешто повеќе од 20% од вкупната потисна сила на болидот.
Аналитичарите велат дека тоа е најслабо развиениот дел од новиот болид на Италијанците, бидејќи нема некои поголеми измени од минатата сезона, а тоа е местото каде што може да се направи значителна разлика.
Се тоа, поради слободата на изразување која ја имаат дизајнерите во овој дел т.е. малиот број на правила кои ја ограничуваат. Сепак, многу е тешко да се каже кој има поголем напредок во оваа област, Мерцедес или Ферари или некој друг.
Повеќето водечки тимови останаа со своите филозофии од 2017 година. Од она што е досега презентирано од најдобрите три тима, може да се каже дека не очекува предвидлива сезона, но, очекуваме тест сесиите да ни откријат многу повеќе. Да почекаме да видиме што ќе се случува во Барселона, каде посакуваме да видиме изненадувачки резултати кои би ја спасиле новата сезона.
РЕД БУЛ. Го промовираа новиот болид една цела недела пред да започнат тест сесиите. Ова е невообичаена појава за нив, тим кој што го користеше и последниот ден за развој на болидот. Тоа укажува на нов приод на нивниот инженерски тим, предводен од Адријан Њуи, обидувајќи се да избегнат слаб старт на сезоната, како што беше случај во изминатите сезони.
Ред Бул е потенцијално најголемата закана за Мерцедес АМГ, со оглед на нивната надмоќ во аеродинамичниот развој, во комбинација со тоа што Хорнер го нарекува "највозбудлива возачка постава на гридот".
Но, како и секогаш во оваа ера на хибридни ПЕ, шансите на Ред Бул во голема мера зависат од тоа дали Рено може да ги исполни своите зацртани цели. Оваа година, најверојатно, се во најдобра позиција од воведувањето на V6 моторите, но штоперицата во Барселона ќе покаже, дали конечно, ќе може да му се заканат на Мерцедес АМГ, или едноставно следува уште една сезона на бескорисна потера по најдобрите.
Овие три тима според нас ќе го имаат главниот збор во новата сезона, за останатите во друга прилика, ќе оставиме простор да го променат нашето мислење по двете тест сесии во Барселона.
АНАЛИЗА: МЕРЦЕДЕС АМГ VS ФЕРАРИ VS РЕД БУЛ
2/23/2018 09:16:00 PM
0
Share to other apps