На инженерите на Мерцедес АМГ им биле потребни повеќе од еден милион работни часови за дизајнирање, развој и изградба на 2018 болидот, W09. Одредени резултати лесно може да бидат забележани од сите, на пример, комплексната аеродинамична каросерија, додека, другите подеднакво важни области се скриени од љубопитните погледи.
Еден од повеќето важни елементи што се наоѓа под каросеријата е погонската единица, ПЕ. Во оваа модерна 1,6-литарска V6 турбо ера, тоа е многу повеќе од само обичен мотор. Погонската единица е составена од шест различни елементи, мотор со внатрешно согорување, турбо, MGU-K, MGU-H, контролна електроника и акумулатори за складирање на собраната енергија. Сите овие елементи се комбинираат заедно за да се испорачаат различни режими на моќност, кои возачите и тимовите можат да ги користат во текот на тркачкиот викенд.
За време на Австралиското Гран При, овие режими на моќност, особено т.н. Party Mode, беа особено жешка тема за Ф1 фановите и предизвикаа многу дебати. Од Мерцедес АМГ се обидоа да ги објаснат овие режими/модови на моќност и зошто тие се потребни?
Режимите на ПЕ се комбинација од подесувања кои ја прилагодуваат ефикасноста на моторот, како и протокот на електричната енергија. Перформансите на моторот се менуваат, на пример, со менување на количината гориво што се инјектира во комората за согорување или со менување на тајмингот на палењето.
За Хибридната страна на ПЕ, со режимите може да се смени интеракцијата и распоредувањето на собраната електрична енергија од MGU-K, генераторот кој ја претвора кинетичката енергија на сопирачките во електрична, и MGU-H, генераторот кој ги користи издувните гасови за создавање електрична енергија. Максималниот капацитет, кој не може да надмине 120KW, се складира во акумулатори.
Главната задача на режимите на ПЕ е да се балансираат перформансите и издржливоста. Формула 1 е место каде се ценат перформансите, но, во ера кога се дозволени само три ПЕ за еден возач, т.е само две од одредени делови, издржливоста е сè поважна. Ова е причината зошто возачите имаат ограничена можност за користење на режимите на повисока моќност.
Во Мерцедес АМГ користат три основни режими во текот на тркачкиот викенд, еден за поголемиот дел од тренинг сесиите, еден за поголемиот дел од квалификациите и еден за поголемиот дел од трката. Сите три споменати режими може да се менуваат со различни подесувања за различни ситуации, кои контролираат дали електричната енергија ќе биде распоредена во текот на еден круг, дали во одреден круг само ќе биде генерирана, или користена на балансиран начин со распоредување и обновување на истата.
На пример, при стартот од трката, перформансите се особено важни, така што возачите ќе изберат целосното распоредување на моќноста како би ја одбраниле добрата стартна позиција или да се обидат да добијат позиции во првите неколку круга.
Сепак, денешната Формула 1 е микс од претекнување на патеката и добра тркачка стратегија, така што возачите во одреден момент мора да се префрлат на режим за генерирање на електричната енергија за да ги наполнат амулаторите, како би имале повеќе енергија за нивниот следен напад.
Двајцата возачи на Мерцедес АМГ, Луис Хамилтон и Валтери Ботас, мораа да го вклучат режимот на намалена моќност, кога беа заглавени во сообраќајот и турбулентниот воздух од болидите пред нив, со цел да се оладат моторите и да се спречат нивно прегревање.
Распоредувањето на безбедносното возило претставува сличен предизвик, возачите сакаат да заштедат енергија и непотребно абење, па така моторот е во режим на намалена работа, што овозможува поефикасно ладење на компонентите.
Зачувувањето на моторот е од особена важност при тренинг сесиите, па, едноставно нивното максимално оптоварување нема смисла, бидејќи тој треба да трае седум викенди.
Меѓутоа, постои една сесија, кога ПЕ треба да го даде целосниот свој максимум и да ја даде на возачите апсолутната граница на моќност, а тоа се Квалификациите.
Во однос на режимите на моторот, поставката за квалификациите ќе биде најмоќната. Овој режим е потребен само за неколку круга на секој тркачки викенд, а неговата употреба варира во зависност од конкурентноста во дадениот момент, т.е. понекогаш овој Квалификациски режим се користи во текот на сите три квалификациски сесии, понекогаш само во последната Q3 сесија.
Расположивата километража во највисокиот режим на моќност е диктирана од она што е запишано во т.н. "фазен документ", кој е ист за сите болиди придвижувани од Мерцедес ПЕ.
Режимите на моќност и нивната километража за употреба се дефинираат во Бриксворт, базата на Мерцедес АМГ, при тестирањата на динамометрите за максималната изджливост на речиси секоја поединечна компонента од ПЕ.
Одредени режими се специфични за одредени патеки, додека други се поопшти. Одлуката за тоа кој режим на моќност ќе биде искористен може да биде одлука на возачите или на инженерскиот тим, кој преку тимското радио ќе ги советува за тоа кои поставките треба да се прилагодат или на кој режим да се префрлат.
Режимите на моќност се особено значајни кај енергетски осетливите патеки, како што се СПА-Франкоршамп или Монца, на кои доминираат долгите правци и зоните на големо забрзување.
Ќе биде интересно да се види како ќе се развива оваа приказната околу Мерцедесовите режими на моќност, особено кога Формула 1 карванот ќе пристигне на енергетски осетливите патеки, а според инженерите на овој тим првата ваква патека во календарот е 4-тата трка во Баку.
ОБЕЛОДЕНЕТИ ФАМОЗНИТЕ МОДОВИ НА МЕРЦЕДЕС ПЕ
4/05/2018 08:17:00 PM
0
Share to other apps