Следува првата ноќна трка, Големата Награда на Бахреин. Трката се одржува од 2004 година, а од 2014 година кога ја прославија својата јубилејна 10 трка, организаторите се решија за старт во 18:00 т.е. од оваа сезона во 18:10 часот по локално време. Тоа значи дека трката стартува на зајдисонце, за да се заврши во целосна темница, слично на трката во Абу Даби.
Шахир е модерна патека направена по највисоки стандарди, финансирана од моќните шеици. Асфалтната површина е составена од 60.000 тони увезен гранит од Англија, а најголем проблем е пустинската прашина која го намалува нивото на грип.
Се карактеризира со четири долги правци, комбинирани со тесни и бавни свиоци. Амбиентална температура може да достигне до 45°C, што го прави ладењето на ПЕ како најголем приоритет. Миксот на бавни кривини на крајот од долгите правци значи дека тоа е една од најтешките патеки за сопирачките во целата сезона.
Шакир е патека која најмногу ги истакнува перформансите на погонската единица, како V6 моторот, така и хибридниот дел. Сепак, не треба да заборавиме дека брзина на правците директно зависи и од нивото на аеродинамична потисна сила. Значи од витална важност ќе биде да се погоди вистинското подесување на болидот, за да се извади неговиот максимум од силата на ПЕ и аеро придобивките.
Знаеме дека гумите имаат значително влијание на поредокот, со оглед дека и неколку степени разлика во температурите може да влијаат на балансот на болидите.
Пирели ги номинираше следните три смеши за Бахреин:
- Белите медиум гуми, кои се карактеризираат со помал грип, но и далеку помало абење. Тие се користат за долги стинтови и имаат најголем работен опсег кој е прилагодлив на повеќето патеки.
- Жолтите меки гуми, се карактеризираат со поголем грип и средно абење. Најчесто се користи за пократки стинтови и за почетниот дел од квалификациите. Тоа е една од најчесто користените смеши во палетата на Пирели, бидејќи наметнува рамнотежа помеѓу перформансите и издржливоста, со акцент на перформансите.
- Црвени супер-меки гуми, кои имаат најголем грип, но и највисок степен на абење. Оваа опција се користи за квалификациите и одредени стратегиски стинтови во трката. Таа е идеална за тесни и патеки полни со свиоци, кога е потребен нивниот механички грип.
Општо земено, Aвстралиското Гран При во Ф1 заедницата не се смета како сигурен индикатор за формата на тимовите, но, сепак текот на настаните за време на тркачкиот викенд сугерираше одредени можности за тоа како ќе се одвива новата сезона.
Мерцедес АМГ ја има предноста во квалификациите, но, разликите во тркачкото темпо помеѓу нив, Ферари и Ред Бул беа маргинални. Тоа се повторно најбрзите три тима незагрозени од никого. Зад нив, еднакво блиска битка, барем во најава, ќе се развива меѓу Мекларен, Рено и Хас.
Поради карактеристиките на Интенационалната патека Бахреин сликата нема да стане појасна и овој викенд, но, се очекува Големата Награда на Бахреин уште повеќе го заостри фокусот. Целосен временски распоред и инфо за патеката имате наследниот ЛИНК.
Прелиминарната временска прогноза најавува топло време без врнежи. Во попладневните часови од петокот до недела температурата на воздухот ќе се движи околу 28-30 степени целзиусови со мала облачност и умерен северо-источен ветер.
Од овој викенд Формула 1 се враќа на Тв екраните во Македонија, а за тоа е заслужна Телевизија 24, кој ги откупи екслузивните права за најгледаниот мотоспорт во светски рамки.
За деталите околу овој екслузивен и финансиски многу оптоварувачки настан за секоја Телевизија, добивме одговори од Владко Арсов, единствениот спортски новинар во оваа ТВ куќа.
Дали ќе пренесувате Тренинг сесии или само Квалификации и ТРКА?
- Ќе пренесуваме само квалификации и трка. Фанатичната публика будно следи и тренинзи, но, тоа повеќе би прилегало на некој специјализиран спортски канал, а нашата програмска шема не дозволува повеќе.
На колкав временски период, ги имате откупено прават?
- Оваа година е сигурна, за понатаму зависи од неколку фактори.
Поради што се решивте за овој потег и дали имате план како да го искористите?
- Осуството на Ф1 преноси кое беше во најава се почувствува како празнина во медиумскиот простор, но и како незадоволена потреба на тв-публиката. ТВ 24 се обиде, искористи склоп на околности и успеа да ги добие ексклузивните права. Целта ни е да го презентираме овој популарен спорт, барем, едно скалило повисоко од тоа што било досега и, воедно, да промовираме една нова нишка во имиџот на нашата телевизија, која досега беше гледана најмногу поради политичките содржини, аналитичките емисии дебатите.
Дали сте во план да имате емисии пред или по трката/квалификациите?
- Емисија, барем кратка пред трка Е во план, меѓутоа реализацијата оди малку потешко. Од првата трка во Бахреин нема да има, но очекувам дека понатаму ќе ги збогатуваме преносите и со други содржини, пред и по трка.
Дали преносот ќе биде достапен online?
- Онлајн ќе биде достапна онаму каде што е достапен и стрим на ТВ 24.
Кој ќе биде тимот за реализација на овој голем проект за МК Услови?
- Како единствен коментатор (засега) во спортската редакција на ТВ 24, свесен за неопходната поткованост за спорт од калибарот на Ф1, со задоволство ви ја најавувам соработката за овој проект со Александар Табаковски. Тој е еден од пионерите на македонската медиумска активност кога е во прашање Ф1 и затоа убеден сум дека ќе претставува полн погодок. Заедно, во тандем, ќе се обидеме, барем, да гребнеме од површината на она што значи светски стандарди во коментирање на Ф1.
ВО ПРЕСРЕТ НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА БАХРЕИН
4/05/2018 11:32:00 AM
0
Share to other apps