За викендот што следува Формула 1 карванот се упати кон Баку градската патека, која е домаќин на Големата Награда на Азербејџан. Тоа е четвртата трка од 2018 сезоната. Патеката во Баку со своите шест километри е втора по должина на кругот во сегашниот календар, веднаш зад СПА-Франкоршамп. Најдобро и реално остварливо место за претекнување е првиот свиок.
Таа претставува необичен спој на претежно бавни свиоци, за кои е потребна слична конфигурација на потисната сила како во Монако, и многу долги правци, на кои нивото на потисната сила е слично на Монца. Останува на тимовите да го пронајдат оптималниот сооднос на овие две екстремно спротивни конфигурации во однос на потисната сила. Кратката историја на трката сугерира дека не постои едно решение што одговара на сите предизвици.
Баку е патека која умерено ги оптеретува сопирачките, но, за инженерите, потежок е предизвикот на нивно ладење. Патеката бара високо ниво на ладење, со многу точки на сопирање и многу кратки интервали за ладење помеѓу нив, но премногу ладење ќе ги остави сопирачките студени на влез во првиот свиок по долгиот правец и единствената добра шанса за претекнување може да биде уништена.
Од Пирели за оваа трка се вратија на секвенцијална распределба на гумите, со номинирање на меките, супер-меките и ултра-меките смеши. Овие три смеши ја имаат најмалата разлика во перформанси од целата палета производи на Пирели. Сепак, малите брзини низ бавните свиоци на Баку градската патека, може да ја зголеми разликата во преформанси.
Временската прогноза за викендот во Баку најавува суво и сончево време, но, главниот проблем може да биде силниот ветер. Баку не за бадијала се нарекува "ветровитиот град". Во петокот се очекуваат +23 степени со чисто небо и умерен југозападен ветер. Во саботата се очекува иста температура, ветерот ќе се зголеми и ќе ја смени насоката во северозапад.
На денот на трката ќе биде нешто поладно, до +18 степени целзиусови, со ниски облаци, а брзината на ветерот ќе се зголеми на 13 метри во секунда, што може да ја попречи борбата на патеката. Веројатноста за врнежи во текот на викендот е помала од 10%.
Во генералниот пласман кај возачите Себастијан Ветел доаѓа во Баку со водство од девет поени во однос на Луис Хамилтон, додека битката кај конструкторите е поизедначена. Во водство е тимот кој нема нити една победа на претходните три трки, втор е тимот на Ферари кој има две победи, а Ред Бул е трето пласиран со една победа.
Секако ова не е многу реална слика на силите, бидејќи тимот на Мерцедес го следат премногу малери, како излегувањето на безбедносното возило на трките во Австралија и Кина. Конзистените пласмани на подиумот им донесоа предност од еден поен во однос на Ферари.
ВО ПРЕСРЕТ НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АЗЕРБЕЏАН
4/26/2018 12:31:00 AM
0
Share to other apps



